Историја и Култура


Историја и култура на Македонија


Вистинските почетоци на нашата историја и култура почнуваат околу 6.000 години пред новата ера. Најраните траги на човечката активност на територијата на денешна Македонија датираат од каменото време – палеолитот, со создавањето на првите населби по течението на реката Брегалница и во Овче Поле, потоа покрај реката Вардар и во Пелагонија. Низ милениумите, Македонија одбележува значаен и богат цивилизациски и културен развој во материјална и духовна смисла.


Самоилова Тврдина

Археолошки локалитети

Од археолошки аспект, Македонија е една од поатрактивните дестинации во светот со автентична историја и култура. Во Македонија се евидентирани над 4.500 археолошки наоѓалишта, кои датираат уште од античко време и од периодот на Римската Империја. Посебно значење имаат локалитетите Скупи и Скопското Кале кај Скопје, потоа Требишница, Св. Еразмо, Охридската тврдинаПлаошник, ранохристијанската базилика во селото Октиси во Охридско-струшката котлина, Хераклеа Линкестис и Марковите Кули во Пелагонија, Стоби  во близина на Градско, Исар и Баргала кај Штип, Струмичкото Кале, Виничко Кале, Мородвис кај Кочани, Марвинци и Гевгелиски Рид во Гевгелиско-валандовската котлина и други.


На територијата на Македонија, се изградени и голем број тврдини, кули и мостови, уште од времето на Римското, Византиското и Отоманското Царство, кои дополнително сведочат за животот и културата на овие простори. Такви, на пример, се – Самуиловата тврдина во Охрид, Марковите Кули во Прилеп, Царевите Кули во Струмица, Камениот Мост, Калето и Аквадуктот во Скопје, средновековните кули и мостови во Кратово и други.


Хераклеа

Население и обичаи

На територијата на Македонија има околу 35 помали и поголеми градови со своја историја и култура. Тука живее мнозинството од населението и околу 1.600 населени села и рурални места, во кои живее една третина од вкупната популација. Во поголемите места претежно се наоѓаат индустриските капацитети на земјата и државните административни институции и организации. Во помалите и руралните места, населението вообичаено се занимава со земјоделие, со одгледување добиток и со традиционално занаетчиски работи. Поради тоа, Македонија меѓу другото е позната и по производство на здрава храна, органско производство на овошје и зеленчук, месо и млечни производи и на други секојдневни потребни прехранбени продукти. Македонија со децении наназад е позната во светот и по производството на квалитетна ракија и квалитетни сортни вина.


Тумба Маџари

Просветителство

Може да се рече дека Македонија е колевка на словенската писменост. Сесловенските просветители Св. Кирил и Методиј во 855 година ја создале првата словенска азбука наречена Глаголица. Подоцна преминува во Кирилица, која денес е една од најраспространетите, односно најкористените азбуки во светот.


Од Македонија потекнува и Гонџа Бојаџиу, позната како – Светицата Мајка Тереза која е родена во Скопје во 1910 година, добитничка на Нобелова награда за мир во 1979 година. Таа речиси целиот свој живот им го посветува на сиромашните, на кои им помага и ги просветува, што било всушност и нејзина мисија до крајот на нејзиниот живот.

Архитектура

По античката архитектура, интензивна градителска активност се бележи во византискиот период, кога изградбата на Св. Софија во Цариград ги поставила критериумите, во сите места под доминација на православната црква. Во времето на Отоманската империја доминантно било влијанието на исламската архитектура, за што сведочат многубројните објекти од тоа време: турски бањи, џамии, теќиња, безистени, чаршии. Најубавите примероци на урбана архитектура се објектите од XIX и XX век. Крушево и Кратово во голем дел се комплетни урбанистички целини, со зачувана градска архитектура од тој период, голем дел од Битола и Скопје, како и стариот дел на Охрид. Во втората половина од XX век Македонија ги следи трендовите на модерната архитектура.


Крушево

Религија

Речиси на целата територија на Македонија се испреплетуваат источната и западната цивилизација, се испреплетуваат различни култури со свој посебен белег. Така создаваат еден калеидоскоп од историја, култура, традиција, обичаи, архитектура, храна и слично, врз кои најмногу се чувствува блиско-источното и медитеранското влијание. Ваквата реалност претставува функционално единство на спротивности и одржлив систем на развој, соработка и соживот меѓу сите етнички групи на територијата на Македонија. Во многу градови е вообичаено да се сретнат и цркви и џамии. Поголем дел од населението припаѓа на православната христијанска вероисповед (65%). Според застапеноста, на второ место се жителите со исламска вероисповед (33%). Другите се католици, протестанти, атеисти и припадници на други религии.


Канео

Цркви и Манастири

Во Македонија има над 950 цркви и манастири со над 150.000 метри квадратни, кои се декорирани со многубројни фрески (околу 22.500), иконостаси (240), балдехини, архиепски олтари и тронови, дрвени резби и мурали. Да споменеме дека само во Охрид и во неговата околина има точно 364 цркви. Најстарата црква датира од ХII-от век, изградена во 1171 година во непосредна близина на Преспанско Езеро, на патот Битола-Ресен. Друга најстара црква е „Свети Ѓорѓија“, која се наоѓа во Старо Нагоричане, на патот КумановоКрива Паланка. Таа е подигната врз остатоци на постар храм, кој имал базиликален облик од времето на Византија и на императорот Роман IV Диоген, која пак е обновена од страна на кралот Милутин во XIV век.

Џамии

Во Македонија има околу 600 џамии, од кои најпознати се оние од XV и XVI век. Џамиите на Јаја-паша, Иса-бег, Мустафа-паша и Султан Мурат се наоѓаат во Скопје. Шарена џамија и Саат-џамија во Тетово, Исак џамија, Хајдар Кади-паша и Јени џамија во Битола. Чарши џамија во Прилеп, Саат џамија во Гостивар, а во Охрид се наоѓаат Хајати Баба-теќе и Али-паша џамијата. Сите имаат најчесто квадратна основа и трем. Покриени се со куполи или со дрвена покривна конструкција и претставуваат форма на турско-османлиската школа.






Promote your Service

Activity

Add up to 3 images.

Validation code:
Enter the code above here :

Can't read the image? click here to refresh.