Прилеп

 

Прилеп

духот на прилепскиот непокор е инспирација за храброст и чување на македонското достоинство, култура и традиција

Прилеп се наоѓа во источниот дел од Прилепското Поле, кое е дел од големата Пелагониска Котлина. Сместен е меѓу Марковите Кули на север и Селечката Планина на југ. Има погодна географска и сообраќајна положбе. Во Прилеп се вкрстуваат повеќе патишта, преку кои западниот дел од Република Македонија комуницира со Повардарјето и Источна Македонија, а исто така преку градот води и железничка пруга која ги поврзува Битола со Велес и Скопје.

Како утврдено место и како важен воден пункт се спомнува уште од времето на Самуил. Во почетокот на XI век (1018 година) византискиот цар Василие II го наведува под името Прилапон. Градот бил именуван и како Прилапос и Прилепон.

Во 1366 година станал престолнина на Душановиот жупан Волкашин. По неговата смрт во битката на Марица, градот останал под управа на неговиот син Крал Марко. Според него се именувани тврдините над Варош северно од градот.

Во 1394 година Прилеп потпаѓа под Османлиска власт. Турците, не сакајќи да се мешаат со христијанското население, подигнале нов град во низината покрај патот за Битола, на местото на денешен Прилеп. Средновековен Прилеп опаѓа и се сведува на денешната населба Варош. Денес, пак, Прилеп и Варош се споени во единствена населба.

За време на турското владеење, Прилеп често се споменува како поголема населба со развиена чаршија, а во XIX век во него се одржувал голем панаѓур, познат на поголемиот дел од Балканскиот Полуостров.

По Втората светска војна следи интензивен развој на градот. Со новите административно-политички, економски, културно-образовни и други функции, Прилеп прераснува во силен стопански центар и реципиент за околното селско население.

Бројот на населението во Прилеп по Втората светска војна е во постојан пораст (од 24.816 жители во 1948 година, 39.611 во 1961 година, 63.639 во 1981 година, до над 70.000 жители во 2002 година).

Прилеп претставува најразвиен тутунско-производен центар во државата, со учество од над 25%. Прилеп и Прилепско се одликува со развиената експлоатација на мермер и производство на разни мермерни производи. Тука егзистираат и метална, прехранбена, електронска и текстилна индрустрија.

Прилеп е еден од поголемите градови во Република Македонија и претставува значаен административен, културно образовен, здравствен и трговски центар со регионално значење. Опфаќа непосредна гравитациска зона од околу 200 населени места од Прилепско и поширокиот регион.

 

 

 

Маркови Кули

тврдината се вбројува во петте најсилни и неосвоиви тврдини на Балканот

Тврдината настанала и се развивала од IV век п.н.е. до XIV век од нашата ера, во непосредна близина на денешен Прилеп, на огранок од планината Бабуна. Во античко време, низ Пелагониската Котлина поминувале важни сообраќајници, кои го поврзувале Јадранското со Егејското Море. Еден поткрак на Via Militaris (Singidunum – Constantinopolis) поминувал низ Прилеп, а во продолжение се приклучувал кон Via Egnatia (Durachium – Amfipolis). Претставувала утврдување на Крал Марко и, благодарение на тврдината, средновековен Прилеп бил познат на Балканот со својот доминантен одбранбен систем. Средновековниот град Маркови Кули во 1953 година е прогласен за споменик на културата и денес претставува симбол на градот. Непосредно под Маркови Кули се наоѓа манастирот Св. Архангел Михаил.

 

 

 

Манастир Св. Архангел Михаил Варош (XII век)

во манастирот се наоѓа словенски натпис од 996 година, што е втор најстар кириличен текст пронајден во Македонија

Манастирот потекнува од XII век и има остатоци од фреските од тоа време со ликови на архиереи, владетелски портрети и некои светии во проскомидијникот и ѓакониконот. Зачуван е и портретот на ктиторот, монахот Јован. Манастирските конаци се изградени во XIX век, како израз на тогашната македонска градска архитектура. Словенскиот натпис со кирилски букви од 996 година е втор според староста, затоа што најстариот кириличен текст е пронајден во преспа, врз надгробната плоча на родителите на цар Самуил и датира од 993 година. Манастирската црква е еднокорабна, со отворен трем и камбанарија. Во дворот на манастирот има извор, познат меѓу народот по лековитата вода, посветен на Пресвета Богородица, а особено посетен на празникот Источен Петок (Балаклија), првиот петок по Велигден. Во манастирот денес постои сктиен монашки живот.

 

Црква Св. Благовештение – Стара црква (1838)

одбрението за градба на црквата од султанот го добил прилепскиот добротвор аџија Ристо Дамјановиќ

Црквата е изградена со средства од прилепските еснафи и трговци како трикорабна базилика со три полукружни апсиди и галерии. Од фрескоживописот се издвојува претставата над централниот западен влез Господ Исус Христос праведен Судија со по шест апостоли, потоа фреските со свети Ѓорѓи, свети Никола, свети Кирил и свети Методиј.

Црквата има преубав иконостас, долг 17 метри, со мотиви од растителниот и животинскиот свет. Тој е дело на Димитрие Станишев, зет на познатиот македонски копаничар Петре Филиповски – Гарката. Негова изработка се и владичкиот стол, почесниот стол а аџи Ристо Дамујановиќ и предикалницата.

 

Манастир Успение на Пресвета Богородица

Трескавец (XIII век)

од манастирот се гледаат градовите Прилеп, Битола и Крушево и целата Пелагониска Котлина

Во натписот на влезот е запишано дека манастирот потекнува од XIII век. Повеќепати бил уриван и возобновуван, а најпозната е обновата од XIV век. Сместен е под Златоврв, десет километри од Прилеп. Црквата е еднокорабна со централна купола, а олтарната апсида е тристрана. На јужната и севетната страна има параклиси, а на запад, припратата е со две куполесто кули. Фреските се од XIV и XV век. Претставени се многубројни светии во целосен раст  и сцени од црковните празници и евангелски теми. Зачувани се и кујната и трпезаријата од XIV век. Во минатиот период манастирот претставуваше културно-историски споменик, а денес во него се одвива монашки духовен живот. До него води планинарска патека низ карпи и ниски треби, предизвик за туристите и планинарите.

 

Манастри Св. Преображение Зрзе (XIV век)

подигнат на карпа, манастирот е величествен архитектонски спој на природата и уметноста

Од сите страни опколен со дабова шума и со отворен поглед кон рамнината, манастирот во селото Зрзе се наоѓа во северниот дел на Пелагонија, на 1.000 метри надморска височина, во подножјето на Даутица. Од Прилеп е оддалечен околу 30 километри. Порано заземал површина од 7.000 м2, многу поголема од денешната. Манастирскиот комплекс го сочинуваат црквата Свето Преображение (најстар дел од комплексот, кој најверојатно потекнува од XIV век), храмот Св. Петар и Павле од XVII век, камбанаријата, монашките конаци, економски и друго помошни згради. Фреските датираат од XIV и XVI век, а од живописот од XIX век, иако со послаб квалитет, се изделува еден портрет на овчар облечен во народна носија. Оттука произлегло и популарното име од тоа време – чобанска црква. Според најновите археолошки истражувања, почетокот на монаштвото во Зрзе датира од IX век. Од тој период е пронајдена монашка населба на испоснички ќелии издлабени во бигорната карпа на комплексот.

Promote your Service

Accomodation

Add up to 3 images.

Validation code:
Enter the code above here :

Can't read the image? click here to refresh.