Крушево


Крушево градот на Крушевската Република

Крушево е град во западниот дел на Република Македонија, во пазувите на Бушева Планина. Тој е градот на некогашната Крушевска Република.

Почетоците на Крушево

Над градот се наоѓа познатиот споменик Македониум. Со 1.350 метри надморска височина, Крушево претставува единствениот планински град во Македонија и највисокиот град на Балканот. Крушево прв пат се спомнува во историските извори од 1467 година, како мезра т.е. село во состав на имотот на Хусеин бег. Во Слепчанскиот кодик што калуѓерите го воделе од 1544 год., се споменува името Крушево коешто се однесува на сегашнава населба. За време на турското владеење, било мало словенско село, а на крајот од XVIII век истото припаѓало на Ќерим бег од Охрид, на кого населението му плаќало данок се до 1847 година.

Ран развој на градот

Крушево, како развиена и организирана градска населба се формира во крајот на XVIII век и почетокот на XIX век. За формирањето на Крушево како градска населба, значајно е доселувањето на Власите од Москополе и неговата околина од 1769 до 1788 година и го основале Влашкото Маало. Во почетокот на XIX век во периодот од 1812 до 1821 година се доселила втора група Власи, но сега не од Москополе, туку од планината Грамос. Тие основале ново маало наречено Струнга. По занимање главно биле сточари и го развиле сточарството. Во исто време од Јужна Албанија во Крушево дошле и група православни Албанци кои лево и десно од Крушевска Река го основале Арнаутското Маало. Истовремено од околните села се доселиле и голем број Македонци сточари од мијачките села: Галичник, Лазарополе, Тресонче, Гари и др. кои го основале Мијачкото Маало.

Понова историја на Крушево

Економскиот подем влијаел позитивно и на урбаната заедница, така што во првата половина на XIX век, Крушево добива карактер на градска заедница. Поради слабата безбедност пред крајот на турското владеење, христијанското население од околните села, во текот на XIX век континуирано се доселувало во Крушево, зголемувајќи го и на тој начин бројот на населението во веќе формираниот град.

Како занаетчиски и трговски центар многу брго се развивал и веќе во 1883 година во него живееле околу 12.000 жители. За време на Илинденското востание, градот е ослободен на 2 август 1903 година и тука е формирана Крушевската Република. Била избрана привремена влада од шест члена и народно собрание со 60 делегати. Републиката постоела до 13 август. Утрото на 12 август градот бил нападнат од 15 000 турски аскер предводен од Бахтијар-паша. Значајни битки за одбрана на Републиката се воделе на Мечкин Камен и кај Слива. По задушувањето на Илинденското востание Крушево било запалено, а голем дел од населението од градот и околните села се иселило.

Географска поставеност на градот

Крушево лежи на западниот планински раб на Пелагониската Котлина, во изворишниот плиток долински дел на Крушевска Река. Оваа река го дели градот на два дела: поголем на левата и помал на десната страна. Куќите во градот се поставени амфитеатрално. Поради специфичната морфопластика, Крушево се смета за типично планинско гратче, кое има просечна надморска височина од 1350 метри, па затоа се смета за највисокото гратче на Балканскиот Полуостров. Оддалечено е 25 километри северно од Демир Хисар, 32 километри западно од Прилеп и 52,5 километри северно од Битола.


Info

Климатски услови

Просечната годишна температура во Крушево изнесува 8,4°С. Годишната температурна амплитуда изнесува 19,2°С. Есента е значително потопла од пролетта. Просечната есенска температура изнесува 9,5°С, а пролетната 7,2°С. Септември е за 2,6°С потопол од мај, октомври за 2,2 од април и ноември за 2,1°С од март. Меѓумесечната температурна разлика на пролетните и есенските месеци не е битно изразена и преодот од зимата кон летото и од летото кон зимата не е нагол. Пролетта и есента се издвојуваат како преодни годишни сезони. Средногодишната минимална температура во Крушево изнесува 4,9°С, а максимална 12,1°С. Просечно годишно во Крушево се јавуваат 178 мразни дена. Просечниот датум на есенскиот мраз е 25 октомври а најраниот есенски мраз е забележан на 22 септември. Просечниот датум на пролетниот мраз е 21 април, а најдоцниот пролетен мраз е забележан на 13 мај.


Info

Специфики на Крушево

Крушевските градители, зографи и резбари стануваат познати имиња и во други краишта на Македонија, како и во соседните земји. Меѓу најстарите сакрални објекти, што биле изградени во Крушево, се смета црквата „Свети Никола“ (1832), опожарена за време на Илинденското востание од 1903 година. Оваа главна црква е позната по прочуениот иконостас, работен од тајфата на Петре Филипович - Гарката. И зографството било во подем во тие години. Според изборни податоци, зачувани пред сè на иконите во црквите, се спомнуваат имињата на повеќемина зографи, дојденци, или на оние од Крушево. Меѓу нив имаме истакнати личности со реноме на извонредни мајстори, чие сликарско дело оставиле трајни уметнички белези во средината каде што создавале. Таков пример се две зографски семејства - Зиси и Атанасови. Посебно Михаил и неговите синови Димитри и Никола (Лаќа). Зографот Димитрие на едно место хроничарот забележал “..искусен во својот занает што во турска земја не може да биде друг…”.

Чаршија

Во средиштето на градот се слеваат маалските сокаци, стрмни и тесни, се виткаат, прекршуваат и качуваат, следејќи го теренот и непишаните правила на старите урбани агломерации. Чаршијата е составена од низа мали занаетчиски и трговски дуќани, наредени еден до друг. Таа е најживописниот дел од градот, на кој се надоврзуваат маалата, каде се одвива целиот живот. Од некогашната надалеку прочуена крушевска чаршија сеуште постојат некои од старите занаети: калајџиски, кујунџиски, казанџиски, чевларски, златарски и други. Сите работат бочвари, копаничари, бакроресци, фурнаџии, столари итн.


Info

Зимски туристички центар

Зимската сезона во Крушево трае од ноември до крајот на март. Зимите се благи, сончеви и со доста снег. Скијачките терени на Бушава Планина од двете страни се 1.200 метри и 1.400 метри. Крушево ги привлекува љубителите на зимските спортови со прекрасните скијачки терени и патеки за зимско трчање, кои се наоѓаат недалеку од градот. Скијачките терени се наоѓаат на месноста Станич, опремена со ски-лифтови (двоседи и едноседи).


Info

Манастир Св. Преображение (1986)

Манастирот Св.Преображение се наоѓа на возвишенијата на Бушава Планина, во месноста Ручало, блиску до локалитетот Слива. Изграден е врз темелите на старата црква и опкружен е со прекрасна природа. Се возобновува од 80-тите години на XX век наваму. Од Крушево е одалечен на околу пет километри, поврзан со современа сообраќајница. Претставува локалитет со извонредни одлики за одмор, рекреација, планинарење и можности за престој во природа.


Info

Македониум

Споменичкиот комплекс Илинден, познат уште и како Македониум, е еден од најмаркантните споменици во Крушево и Македонија. Откриен е на 2 август 1974 година, на триесетгодишнината од заседанието на АСНОМ и 71-та годишнина од Илинденското востание. Лоциран е непосредно до Крушево, во месноста Гумење. Претставува комплекс од четири платформи, кои ја симболизираат непокорноста, борбата и вечниот стремеж на македонскиот народ за слобода и самостојна држава.


Info

Комплексот се протега на 12 хектари, а самиот Македониум, поставен на највисоката точка, завршува со купола на 1.320 метри надморска височина, од каде се протега извонреден поглед на сите четири страни – кон Крушево, Слива, Мечкин Камен и Пелагонија. Внатрешноста на куполата импресионира со своите релјефи, витражи со вечниот пламен и звуците на орториумот Сонце на прастарата земја од Тома Прошев.

Мечкин Камен

Споменикот Мечкин Камен е локалитет во близина на Крушево. На истоименото место се одбиле најхрабрите борби за време на Илинденското востание во 1903 година. Споменикот е подигнат во чест на храбрите илинденци. Локалитетот е пријатно место за престој.


Info
 

Музеј на Илинденското востание и Крушевската Република

Музејот е сместен во староградска куќа од XIX век, во која во 1903 година е прогласена Крушевската Република. Отворен е на 2 август 1953 година, по повод 50-годишнината од Илинденското востание и Крушевската Република. Во музејот се изложени оригинални фотографии од членовите на Привремената влада, Советот и востаничките чети, карти, предмети со кои се служеле Никола Карев, Питу Гули, макети, текстови, Крушевскиот манифест, документи за одѕивот на Илинденското востание и Крушевската Република во странскио печат. Тука се и податоците за големите човечки и материјални штети кои му биле нанесени на градот од страна на турскиот аскер. Поставката на леарницата за куршуми, која постоеле во времето на Илинденското востание, воспоставена е во 2003 година. Во неа се наоѓаат оригинални орудија кои се користеле за лиење куршуми во текот на востанието.


Info

Музеј на Народно-ослободителната војна

Музејот се наоѓа во близина на платото од споменикот Илинден на месноста Гумење. Отворен е во 1988 година и во него се сместени експонати кои сведочат за Народно-ослободителната борба од 1941 до 1945 година. Во музејот доминира ѕидна фреска на фронталниот ѕид – Муралот, која го отсликува текот на војната, дело на големиот мајстор на боите Борка Лазески.


Info

Спомен-куќа на Тоше Проески

Тоше Проески (25 јануари 1981 – 16 октомври 2007) за кратко време стана најпопуларен пејач во Македонија и една од најголемите ѕвезди на балканската музичка сцена. Во 2004 година беше прогласен за амбасадор на добра волја на UNICEF. Трагично загина во сообрќајна незгода. Постхумно, беше прогласен за почестен граѓанин на Македонија. Крушево, неговото родно место, му се оддолжи со отворањето на спомен-куќата на 25 април 2011 година.


Спомен куќе Тоше Проески

Обејктот е изграден од бетон и стакло во форма на крст на површина од 870 квадратни метри. Музејската поставка обезбедува хронолошки приказ од детството и тинејџерските години до периодот кога Тоше го достигна врвот во уметничката кариера, збогатена со 350 автентични експонати, сопственост на семејството Проески. Во централниот дел е поставен молитвеник, верски предмети на Тоше и неколку негови запишани размислувања за љубовта, семејството, пријателството. Дел од поставките се и две восочни фигури на Тоше во природна големина.






Promote your Service

Activity

Add up to 3 images.

Validation code:
Enter the code above here :

Can't read the image? click here to refresh.