Велес

Велес

град на преродбеници, револуционери и поети – лулка на македонската култура

Велес се наоѓа во централниот дел на државата, во средното течение на реката Вардар. Лежи на главната сообраќајница на Балканскиот Полуостров по Моравско-вардарската долина, а низ градот минува главната железница во Република Македонија, од која се одделуваат два крака: едниот за источниот дел од Македонија (Штип и Кочани) и другиот за југозападниот дел (Прилеп и Битола). После Скопје, Велес е најважниот железнички јазол во Република Македонија.

Велес е стар град. Во текот на историјата градот често го меувал името. Се спомнува во III век под името Вила Зора, со значење град-мост. Подоцна, градот го носел името Ќупурли. Денешното име го добил во VII век со доаѓањето на Словените на Балканот, од словенското в лес, што значи в шума (заради густите шуми што го опкружувале).

 

 

Во XVII и XVIII век Велес претставува познат град и владичко седиште. Имал улога на важен сообраќаен крстопат и познат трговски град со силно развиено занаетчиство, а посебно грнчарство. По Балканските војни и Првата светска војна градот губи дел од функциите. Тоа се одразува врз неговиот популациски развој.

По Втората светска војна Велес се развива во силен индустриски, управен и културен центар. Со тоа му се зголеми улогата на гравитацики и имиграционен центар, така што од околу 20.000 жители во 1953 година Велес израсна во град со околу 50.000 жители (2002 година).

Главна одлика на велешкото стопанство е индустријата: хемиска, индустријата на неметали и градежни материјали, металопреработувачката, керамичката, текстилната, прехранбената, крзнарската.

Како развиен сообраќаен јазол, Велес претставува областен центар во Средното Повардарие. Има голема влијателна гравитациска зона, особено изразена по сливните подрачја на реките Бабуна и Тополка, која се шири и кон Овчеполието и Тиквешијата.

 

 

Споменик на Гемиџиите

“Се арчиме за Македонија”

Споменикот е посветен на дванаесетте гемиџии, поголемиот дел велешани, кои во предвечерјето на Илинденското востание во Солун извршија серија атентати, со цел да го свртат вниманието на Европа кон македонското прашање. Споменикот висок 6,5 метри е дело на скулпурот Станко Павлевски и поставен е во чест на стогодишнината од Илинденското востание. Изработен е како сплет од 12 метални зраци, кои ги симболизираат дванаесеттемина гемиџии. Крај споменикот е испишана нивната порака “Се арчиме за Македонија”.

 

Споменици на Кочо Рацин

“Се к`ти ноќта црна...”

Во чест на патронот на велешката гимназија, во 1968 година на Кочо Солев Рацин во неговиот роден град за прв пат му е поставен споменик. Споменикот е дело на академскиот вајар Димко Тодоровски, кој преку натприродната големина на фигурата на Рацин направил обид за претставување на големината на македонскиот народ. Изработен е од глина и излиен во бронза. Секоја година пред овој споменик започнува меѓународната средба на поетите посветена на делото на Рацин. Другиот споменик на основоположникот на современата македонска поезија е поставен во 2002 година во центарот на Велес, наспроти Саат-кулата. Споменикот е дело на академик Томе Серафимовски, висок е 2,80 метри и тежок 500 килограми.

 

Црква Св. Пантелејмон (1840)

црквата е под заштита на UNESKO и е Соборен храм на Повардарската епархија

Градската соборна црква Св. Пантелејмон се наоѓа во една длабнатина југозападно од Велес, неколку стотини метри од последните куќи. Теренот е прилично стрмен, особено од западната страна, каде над црквата високо се издига ридот Вршник, а од источната е стрмниот терен до Велешката Клисура, брегот на Вардар и главниот пат кон југ. Заради тоа, соѕидана е подлога за црквата, а како бедем од источната страна изграден е потпорен ѕид од делкан камен, како нај одбранбените тврдини.

Црквата е изградена од мајсторот Андреја Дамјанов, како што е напишано над јужниот влез: “Мајсторо Андреја што прави црквата”. Фреските и иконите се дело на познати македонски зографи од Мијачијата, од Папрадиште и од Велес. Најмногу икони изработиле талентираните зографи Ѓорѓи Дамјанов и Ѓорѓи Јаков Зографски.

Денешната црква е изградена врз старата, која постоела како мала црквичка, која можно е да служела како манастир на Стар Велес. Црквата била оспособена за богослужба за околу четири години – од 1837 до 1840 година. Дефинитивното завршување на црквата, при самиот велз, во 1904 и 1905 година е поставена камбанаријата, а десно од неа во правец на црквата се изградени неколку зградички за разни потреби. Нејзиниот денешен изглед датира од 1837 – 1940 година.

 

Езеро Младост (Велешко Езеро)

вештачка акумулација со атрактивни содржини и зона за рекреација

Езерото Младост се наоѓа на реката Отовица, лева притока на Вардар, осум километри северно од Велес. Изградбата на акумулацијата е започната во 1960 година, а завршена е во 1962 година. Опфаќа слив од 97 км2. Езерото е долго околу 2км, широко 0,4 км и зафаќа површина од 0,84км2. На езерото има тенка армирано-бетонска лачна брана, висока 35 метри, со кота на круната од 247 метри.

Основната намена на езерото е наводнување на околу 1350 хектари обработлива површина во атарот на с. Отовица и поради близината на градовите Велес и Скопје, да се користи за туристичко рекреативни и спортски цели. Денес се задоволуваат двете основни функции. Езерото е опремено со неопходните туристичко-угостителски објекти, а со специјално организираниот и уреден брод-ресторан претставува центар а туризам и рекреација во овој крај.

 

 

 

Археолошки локалите СТОБИ

кога милениумите ќе се спојат во единствено раскошно чувство

Стоби се наоѓа на вливот на Црна Река во Вардар. Се наоѓа на левиот брег на реката, а се простира на неколку тераси на земјиштето. Под македонска власт потпаднал во 217 година п.н.е., во времето на Филип V. Во предримскиот период бил мал град со површина од 2.5 хектари. Поради својата локација на патот меѓу Дунав и Бело Море во долината на Вардар, малата населба станува стратегиски значајна. На преминот од старата во новата ера, кога станал римска провинција, Стоби прераснува во голем и развиен муниципиум (град со самостојна управа и право на глас).

Својот најрепрезантативен изглед градот го добил во доцноримскиот период, кога станал значаен трговски, административен, воен и културен центар. За економскиот и културниот растеж на градот особено сведочат палатите и базиликите, украсувани со фрески и мозаици, кои во најголем дел потекнуваат од IV и V век. Тоа е време на највисокиот процут и значење на Стоби, кога тој станал главен град на новоформираната провинција Macedonia Secunda. За кратко време градот бил изграден на осум пати поголема површина од дотогашната населба.

 

 

Доказите за развојот на христијанството во Стоби потекнуваат од 325 година. Во овој период Стоби бил град со единствена христијанска религија во царството и епископско седиште. Стобскиот епископ учествувал на Првиот црковен собир во Никеа. За растежот на христијанството сведочи големиот број откриени крштелници во катедралните цркви.

Градот доживеал големи пустошења при нападите на Хуните и Остроготите во V век. Во VI век настрадал од земјотрес и никогаш повеќе не бил основан. Значењето на Стоби го зголемуваат сознанијата за постоење голем број сеуште неистражени артефакти.

Promote your Service

Accomodation

Add up to 3 images.

Validation code:
Enter the code above here :

Can't read the image? click here to refresh.