Тетово

Тетово

средиште на култури – живот во духот на традициите на граѓанските општества

Тетово е лоцирано во подножјето на Шар Планина, на надмосрка височина од 450 до 500 метри. Поголемиот дел од градот лежи во рамничарскиот дел, а постариот дел од градот се простира на ридот Балтепе (806 метри надморска височина.

Како ценрално место во Долни Полог, во Тетово се вкрстуваат неколку поважни сообраќајници. Со соседните градови Скопје и Гостивар е поврзан со автопат, а преку Вратница и Јажинце со Јадранската магистрала. Тетово остварува контакт со Западна Македонија и Скопје и преку железничкиот сообраќај.

Како населба под името Хтетово се спомнува од XIII век. Старата населба била околу манастирот Св.Богородица Хтетовска, на излезот на реката Пена од Шар Планина. Во чест на св.Богородица Хтетовска во XIV век се одржувал голем панаѓур. Околу средината на XV век населбата е преименувана во Тетово.

Со доаѓањето на Турците во XV век, во Тетово се градат бројни јавни и верски објекти од исламската култура: џамии, теќе, јавни кујни за сиромашното население, амами (јавни бањи), фонтани (шадрвани). За време на османлиската власт, во XVII век Тетово било значајно црковно средиште.

Тетово популациски расте по балканските војни. Вистинскиот раст на Тетово, популациски и економски, се забележува по Втората светска војна, кога се здобива со современи одлики на економски, административно-политички и културно-образовен центар. Во XX век, Тетово се истакнува како трговско и занаетчиско место и индустриско средиште во регионот.

 

 

Населението во градот е со различна етничка структура. Од пописната 1948 до 1994 година населението во Тетово е со постојан раст. Бројот на населението се зголемил за повеќе од три пати (1948 година – 17.132 жители; 1961 година – 25.357 жители; 1981 година – 46.523 жители; 1994 година – 65.318 жители, а во 2002 година околу 70.000 жители), со посебно нагласен пораст од 1971 до 1994 година, со забележително висок природен прираст кај албанската популација. Водечко место во економскиот раст за Тетово имаат индустријата (електрометалуршката, текстилната, дрвената и прехранбената), земјоделието (особено овоштарството со познатото тетовско јаболко и полјоделството со пченката и гравот), занаетчиството, трговијата и туризмот.

 

Тетовско Кале (XIX век)

импозантна тврдина од османлискиот период

Тетовското кале е тврдина од поново време, изградена околу 1820 година. Се наоѓа во непосредна близина над Тетово, во подножјето на Шар Планина. Има надморска височина од околу 800 метри, а во однос на градот се издига со околу 300 метри.

Изградбата ја започнал Реџип-паша и ја продолжил неговиот син, Абдурахман-паша. Калето е градено од бигор и делкан камен.

Денешниот археолошки комплекс се состои од ѕидини, во чија внатрешност се наоѓаат пет сараи, бања, магацини, големи кујни, трпезарија и бунар. Од постарите објекти, тука се наоѓа црквата Св.Атанасиј од XIV век.

На ѕидините на Калето постоеле и кули, а постојат и остатоци од подземен затвор и три тунели, кои од Калето водат кон Тетово, кон селото Ларци и кон реката Пена.

 

Црква Св. Кирил и Методиј

еден од најубавите православни храмови во Полог

Св. Кирил и Методиј е Соборна црква во стариот дел на Тетово. Изградена е во периодот од 1903 до 1918 година, а осветена е во 1925 година. Фрескоживописот го изработил Данило Несторовски во 1924 година. Црквата претставува трикорабна базилика со централна купола.

 

 

 

Етно-музеј во Џепчиште

музеј во просторија од седум квадратни метри

 

 

На пет километри од Тетово, во приватна викендичка во селото Џепчиште, се наоѓа мал етно-музеј, со експонати кои датираат од VIII век п.н.е. до XX век. Во внатрешноста има место само за еден посетител. Експонатите се изработени од различни материјали (керамика, бакар, железо), а поставката ја збогатуваат експонати кој ги донеле Македонци и Албанци, жители на овој крај. Музејот има амбиција да се запише во Гинесовата книга на рекорди како најмал етно-музеј во светот.

 

Шарена џамија (XV век)

живописно насликани орнаменти во спој со интересна урбанистичка целина

Шарена џамија е споменик на културата од XV век, кој е надграден и проширен во XIX век од страна на Абдурахман паша, турски феудален господар на Тетовскиот пашалак. Се наоѓа во стариот дел на Тетово, покрај реката Пена. Претставува еднопросторна квадратна градба со архитектонска комбинација на барокниот и неокласичниот османлиски градежен стил. Податоците за историјата на Шарената џамија и за околните објекти се врежани во записите издлабени на мермерните плочи поставени над нејзината влезна врата.

Шарената џамија со нејзината фасада е посебно привлечен споменик на културата во Тетово. Бројните живописно насликани орнаменти, сликовитоста и употребените сликарски техники претставуваат раритет и извонредно дело на исламската архитектура. Тие се дело на искусни мајстори од Дебар, кои освен што ја насликале џамијата однатре и однадвор, истовремено го декорирале и дервишкото Арабат-баба теќе и неколку куќи на бегот. Особено е живописана јужната страна која се гледа од главниот пат што води кон Гостивар.

 

 

Арабат-баба теќе (XIX век)

вековно средиште на културата и верскиот живот

Арабат-баба теќе е изградена во XIX век од страна на Реџеп паша и неговиот син Абдурахман паша. Претставува верски објект, покрај турбето на Серсем Али-баба од XVI век. Во текот на историјата, покрај исламската вероисповед, во теќето се развивале и културата и образованието. Во комплексот се зачувани шадрван, кула, турбе, кујна со трпезарија, чешма, гостински конак, дервишхане и харемлак. Во теќето имало активен дервишки живот до 1912 година, кој се обновил во периодот од 1941 до 1945 година. Денес во овој комплекс се наоѓа Народниот музеј на Тетово.

 

 

 

Лешочки манастир Св.Атанасиј (XIV век)

богата историја, вреден фрескоживопис, духовен блесок

Во комплексот на Лешочкиот манастир спаѓаат манастирската црква Св.Атанасиј од 1335 година, црквата Света Богородица, која постои од XIII век и се спомнува во грамотата од Стефан Дечански од 1326 година, како и остатоци од пет цркви и параклиси од средниот век. Посебно се истакнуваат културните и духовните вредности на црквата Св.Атанасиј.

Во манастирот е сместен гробот и спомен-собата на Кирил Пејчиновиќ, еден од најголемите македонски преродбеници од XIX век. Со неговото доаѓање од Света Гора во 1818 година, обновени се манастирските конаци и основана е манастирската библиотека, а Лешочкиот манастир прераснал во книжевен и просветен центар.

Манастирот има долга традиција, богата и славна, но полна и со трагични настани. Повеќе пати бил пален и обновуван. Бо 1960 година турците ги разурнале и манастирот и црквата Света Богородица, а манастирот беше многу оштетен и во 2001 година. Со помош од Европската Унија, повторно е автентично возобновен.

Најголемите манастирски прослави и црковно-народни манифестации се одржуваат на празниците Св.Атанасиј (15 мај) и Голема Богородица (28 август).

 

 

 

Попова Шапка

зимски спортови и летни прошетки во прегратките на Шар Планина

Шар Планина се наоѓа во северозападниот дел на Македонија, во близина на Тетово, со должина од 80 км (мерено по гребен) и со површина од 1.600м2. Попова Шапка, со надморска височина од 1.780 метри, е туристички локалитет на Шар Планина и еден од најпознатите зимско-рекреативни центри во Република Македонија. Располага со извонредно поволни терени за скијање и санкање, опремени со повеќе жичарници и ски-лифтови. На Попова Шапка има голем број викенд-куќи и современи туристичко-угостителски објекти.

Шар Планина изобилува со високо планински пасишта и високо стеблести четинарски шуми, од кои најзастапени се високота ела и смреката. На Шара се среќаваат над 200 ендемични растенија, што е највисок процент на ендемизам во Македонија.

 

 

 

Шарпланинец

Шарпланинецот, ендемски вид и гордост на Шар Планина и Македонија потекнува од Тибет, од падините на Хималаите. Се прилагодил кон суровите услови на македонските планини, во кои живее со векови. Најраспространето е мислењето дека го има единствено на Балканот, поточно во планинските масиви на Македонија – Шар Планина, Кораб, Стогово, Бистра и Маврово. Првпат е изложен во Љубљана во 1926 година. Во 1939 година шарпланинецот е запишан во Меѓународната кинолошка федерација (FCI), која ги регистрира сите раси на кучиња. Македонскиот шарпланинец е првак на Европа за 2008 година на конкуренција од 10.000 кучиња.

 

 

Promote your Service

Accomodation

Add up to 3 images.

Validation code:
Enter the code above here :

Can't read the image? click here to refresh.