ИНФОРМАЦИИ ЗА ЈУГОИСТОЧЕН РЕГИОН
Целиот Југоисточен регион го опфаќа басенот на Струмичко-радовишката и на Гевгелиско-валандовската Котлина. Поточно сливното подрачје на Стумичка Река и регионот на долното течение на реката Вардар. Овој југоисточен регион на Македонија има познати археолошки локалитети и тоа во близина на Валандово, Богданци и Гевгелија. Изобилува со природни убавини атрактивни за домашни и странски туристи. Тоа се – Дојранското Езеро, Смоларскиот и Колешинскиот водопад, Моноспитовото Блато и бројни природни резервати и спелеолошки атракции.
ПОВЕЌЕ ФОРМИ НА ТУРИЗАМ ВО ЈУГОИСТОЧЕН РЕГИОН
Поради својата географска различност и благата клима, регионот има повеќе форми на туризам и тоа – езерски, бањски, планински, селски, транзитен, казино-туризам и разни други видови на алтернативен туризам.
Овој југоисточен регион на Македонија има 10 општини со 188 населени места, од кои попознати се – Струмица, Радовиш, Гевгелија, Валандово, Богданци и Дојран. Административен центар е Струмица со околу 35.000 жители. Доминантни места за рекреација и туризам се планините Кожуф (2.132 м.), Беласица (1.881 м.), Огражден (1.746 м.), Плачковица и други помали планини, како и Дојранското Езеро.
ЖИВОПИСНИ КОТЛИНИ И РЕКИ ВО ЈУГОИСТОЧЕН РЕГИОН
Во регионот има и живописни котлини и реки. Котлини се – Струмичко-радовишката, Валандовско-гевгелиската и Дојранската Котлина, потоа има и речна мрежа составена од реките Вардар, Струмица, Крива Лакавица, Коњска река и други, а тука се наоѓа и Демир Капија (20 км.) - најдолгата и најживописната клисура во регионот.
ДОЈРАНСКО ЕЗЕРО
Дојранско Езеро е дел од планскиот југоисточен регион на Македонија. Тоа е најмалото природно котлинско езеро, кое е богато со 15 видови риби, ракчиња, различни видови птици, од кои најкаратеристични се кормораните, познати по специфичниот начин на лов на риба. Дојранското Езеро, кое има убави плажи и два авто-кампа, е туристичка атракција и поради лековитите алги кои во воздухот испуштаат јод и други материи. Езерото е благопријатно и лековито и делува врз дишните органи. Во близина на Струмица се наоѓаат вештачките езера Водача, Турија и Мантово.
СМОЛАРСКИ ВОДОПАДИ - ЈУГОИСТОЧЕН РЕГИОН
Регионот е познат и по неколкуте живописни водопади. Тоа се – Смоларските (39,5 м.), Колешинските (16 м.) и Габровските водопади. Најпознати и најживописни се Смоларски водопади. Во Југоисточниот регион има и три познати бањи – Негорски бањи, Бања Банско и Смрдлива Вода, а друг атрактивен хидро-објект е Моноспитовото Блато.
ЦРКВИ И МАНАСТИРИ
Низ целиот југоисточен регион има изградено и многу цркви и манастири со фрески од XI век, музеи и други културно-историски споменици. Да ги споменеме Царевите кули во Струмица кои датираат од IV век пред нашата ера, црквите Св Пантелејмон, Св. Кирил и Методиј, Св. Тројца, Св. Атанасиј, Св. Димитриј и други, манастирскиот комплекс Св. Леонтиј во село Водоча, потоа манастирите - Св. Богородица Елеуса во Велјуса, кој претставува вистински бисер на средновековната архитектура, изграден во 1080 година, потоа манастирите - Св. Стефан во село Конче, Св. Ѓорѓи Победоносец во Валандово и други. Од повеќето археолошки локалитети кои што датираат од периодот на неолитот, преку антиката па се до хеленистичкиот период, би ги издвоиле – Исар Марвинци во близина на Валандово и Гевгелискиот или Вардарски Рид. Големиот број цркви и манастири во овој регион привлекуваат и голем број домашни и странски туристи.
СЕЛСКИ ТУРИЗАМ
Поради природните убавини во регионот има и повеќе рурални населби кои практикуваат селски туризам. Тоа се Коњско, Ума, Сермени, Габрово, Смоларе, Колешино, Банско и други. Сите овие места се лесно достапни за туристите и за развој на селскиот туризам. Регионот има добра патна мрежа, еден автопат и железничка пруга. Во регионот има и околу 30 хотели, хостели, вили и останати објекти за сместување, како и голем број ресторани и угостителски објекти, каде што туристите може да престојуваат и да се релаксираат.
КУЛТУРНИ МАНИФЕСТАЦИИ ВО ЈУГОИСТОЧЕН РЕГИОН
Во повеќе градови во регионот традиционално се одржуваат повеќе културни манифестации од кои би ги издвоиле – „Струмички карневал“, Фестивалот на камерен театар „Ристо Шошков“, Меѓународната струмичка колонија, „Смоквијадата“, „Ракијадата“, „Дојранските ракувања“, музичкиот „Д Фестивал“ и други.