Пелистер



Историја на Национален парк Пелистер


Национален парк Пелистер со своето бо­гат­ство, разновидност и колорит претставува една од најзна­чај­ните вредности на биолошката разновидност на плани­ната Баба и го привлекува интересот на истражувачите, посетителите и вљубениците на најстариот и еден од најубавите национални паркови во Република Македонија. Тој е прв прогласен национален парк на територија на Република Македонија. За национален парк е прогласен уште во 1947 година. Површината на овој национален парк изнесува  17.150 хектари.


Каде е лоциран Национален парк Пелистер?

Национален  парк Пелистер е лоциран помеѓу Преспанската Котлина и котлината Пелагонија. Се наоѓа во југозападниот дел на земјата, на северната падина на планината Баба. Паркот го добива името по највисокиот врв на планината – врвот Пелистер со надморска височина од 2.601 метар. Инаку, Баба е најјужна планина со алпски карактеристики на Балканот. И покрај тоа што зафаќа вака висок планински простор, овој национален парк е доста пристапен, а од Битола до неговиот локалитет Копанки има околу 15 км.


Info

Природните вредности на Национален парк Пелистер

Во тектонска смисла, Пелистер претставува хорст, што од туристичка смисла има двојно значење. Тоа е извонреден едукативен пример во геоморфолошка смисла, така што посетителите можат доста да научат. Туристичкото значење се огледа и во тоа што овој типичен хорст претставува доминантен видиковец, од кој се протегаат величествени панорами. Погледот се протега мошне широко и досега до планината Јакупица на север, Селечката Планина и Кајмакчалан на исток и кон Преспанското Езеро, планините Галичица и Јабланица на северозапад. Како на дланка може да се набљудува рамнината Пелагонија и да се ужива во боите од Преспанското Езеро.



Растителен свет во Национален парк Пелистер

Планинската вегетација е несекојдневна и исклучително богата, а растителниот свет е разнообразен. Вредноста на националниот парк Пелисте,р сепак се темели на извонредното и специфичното биогеографско наследство. Во тој контекст разновидноста на растителниот свет е посебно нагласено. За Пелистер се вели дека претставува “природен арборетум”. На оваа планина растат околу 88 дрвенасти растенија, кои се класификувани во 23 фамилии, што претставуваат 29 проценти од вкупната дендрофлора во Република Македонија.


Info

Петтоигличниот бор МОЛИКА

Најголема вредност од шумните дрвја има моликата, која е автохтон бор со терциерна старост, кој расте и до 40 метри. Најзаслужен за добивањето на статусот Национален Парк е токму петтоигличниот бор МОЛИКА – што го открил австрискиот ботаничар Аугуст Гризебах во 1839 година. На Пелистер има молики што се постари и од 230 години. Моликата претставува најзастапена, најрасширена и најзначајна растителна форма во националниот парк Пелистер. Се работи за мошне убава шума која има извонредни рекреативни својства, но и шума која има ендемски карактер и во таа смисла изразити куриозитетни атрактивни туристички својства. Моликата е всушност автохтон петолистен бор со терциерна старост. Како реликтен вид моликата претставува феномен на Балканскиот Полуостров.


Животински свет во Национален парк Пелистер

Ваквите извонредни шуми и други флористични елементи во себе кријат големо богатство на животински свет. Меѓу нив од туристичка гледна точка значајни се видовите на висок и низок дивеч. Скоро сите главни видови се застапени во овој национален парк. Највпечатлив вид во овој појас претставува балканската дивокоза (Rupicapra rupicapra balcanica). Ловот во најголемиот дел од националниот парк е наполно забранет, така што како ловна зона е утврдена источната падина на планината Баба. Пелистер е прифатен во прелиминарниот список за вклучување во списокот на УНЕСКО.



Хидрографските вредности на Национален парк Пелистер

Пелистер се карактеризира со бројни извори и доста постојани и повремени водотеци. Меѓу водотеците посебно место заслужуваат планинските реки: Сапунчица, Црвена Река, Шемница, Вртушка, Брајчинска и други. Овие реки го оплеменуваат просторот, а појавата на риби во нив ја отвора можноста за поширока рекреативно-туристичка содржина на националниот парк.



Глацијални езера, Големото и Малото Езеро

Двете глацијални езера, Големото и Малото Езеро, познати како Пелистерски очи, се оддалечени меѓусебно два километра и претставуваат прекрасно место за починка. Во пелистерските езера живеат ендемичната пелистерска поточна пастрмка (Salmo trutta peristericus) и пелагониската поточна пастрмка (Salmo trutta pelagonicus).

Од без'рбетните организми, во малото глацијално езеро "Мало Езеро" се среќава една раскошна популација од вилинското ракче Chirocephalus diaphanus carinatus, кое претставува балкански реликтно-ендемичен таксон. Исклучиво во големото глацијално езеро "Големо Езеро" живее амфиподното ракче Niphragus pancici peristericus, пелистерски ендемит, досега регистриран само во ова езеро. Само во водите на овие две глацијални езера, се среќава харпактикоидното ракче Arcticocampus macedonicus, пелистерски ендемичен вид.


Info

Климатските услови на Национален парк Пелистер

Климатските услови на Пелистер се мошне погодни. Климата се одликува со умереност, како во зимскиот дел од годината, така и во летниот период. Средномесечната јулска температура изнесува 18,4 °C, што укажува на мошне пријатна рекреативна вредност. Средно месечната јануарска температура изнесува -2,6 °C.



Туристички содржини во Национален парк Пелистер

Планината Баба, која се смета за најпитома во Македонија, нуди задоволство и уживање за секого. Пределот е опкружен со прекрасни терени за планинарење, алпинизам и спортување, а претставува предизвик да се запознае во секое годишно време. Теренот е богат со природни феномени, невообичаени структурни белези и специфична геолошка конструкција, како што се камените реки и мориња, острите карпести гребени, камените прстени, тревните тераси и др.


Пешачки и велосипедски патеки во Национален парк Пелистер

Информации за пешачки и велосипедски  патеки и активности во Национален парк Пелистер може да се најдат на официјалната веб страна и Инфо центарот


Најкарактеристични се патеките:
  • Велосипедска и пешачка патека до врвот Пелистер
  • Историска патека или патека за Првата Светка Војна
  • Патеката по камењарот е едукативно – показна стаза, којашто ги води посетителите на Националниот Парк Пелистер низ еден мошне атрактивен простор исполнет со разновидни природни убавини. По должината на патеката се среќаваат пространи шуми од молика, ретка и ендемична флора и разни видови на релјефни облици ...

Национален парк Пелистер располага со детски одморалишта и детско едукативни тури. Во Национален парк Пелистер се наоѓаат Планинарски дом- Копанки и Планинарски дом- Димитар Илиевски Мурато.


Скијање во Национален парк Пелистер

Снегот на некои места на оваа планина може да се задржи дури до јули. Доколку сте љубител на скијањето или на прекрасните зимски пејзажи, тогаш задолжително дојдете на Пелистер и стоплете се со планинскиот чај што расте на оваа планина.


Info

Атракции во регионот на Национален парк Пелистер

Активностите и дополнителните атракции во регионот на Национален парк Пелистер и градот Битола можат да бидат интересни како за помладата така и за постарата генерација. За повеќе информации можете да ги проверите следните линкови : www.visitbitola.info и www.bitolatourist.info.








Promote your Service

Activity

Add up to 3 images.

Validation code:
Enter the code above here :

Can't read the image? click here to refresh.