Пелистер - Највисокиот врв на Баба Планина
Пелистер е највисокиот врв на Баба Планина, а се наоѓа во нејзиниот северен дел. Со своите 2.601 м надморска височина, претставува трет највисок планински врв во Македонија. Често името на врвот, се користи и како име за самата Баба Планина и синоним за градот Битола. Месното население целата планина ја нарекува Пелистер.
Според планинскиот врв Пелистер, е именуван и најстариот национален парк во Македонија кој го опфаќа врвот и се протега на падините на Баба Планина. Националниот парк Пелистер се наоѓа во југозападниот дел на Република Македонија и зафаќа површина од 12.500 хектари. Прогласен е во 1948 година како прво заштитено природно добро во Република Македонија.
Врвот е изграден е од гранитни карпи и палеозојски шкрилци. Оголен е, а поради мразното разорување е интензивен процесот на распаѓање на карпите. Интересни се појавите на мориња од карпи кои се јавуваат под самиот врв. Поради специфичната положба нуди широк и прекрасен панорамски видик, а од јужната страна, под Пелистер е убавото глацијално Мало Езеро. Со посебна природна привлечност се двете глацијални езера, Пелистерски Очи - Големото и Малото Езеро, исто познати како “Горски Очи”.
Пелистер или „пет лисје“
Името Пелистер води потекло од антиката, односно најверојатно е дадено од древно (античко) македонските племиња, Пелагонци и Линкестиди кои живееле непосредно под планината Баба, во овој дел од рамнината Пелагонија. Меѓу народот постои и легенда дека името доаѓа од зборовите „пет лисје“.
Молика
Растителниот свет во Националниот парк е мошне разнообразен, па оттаму и неговото специфично ботаничко значење. Тука растат 88 дрвни видови, што претставува 29% од вкупната дендрофлора на Македонија. Од шумските дрвни видови најголема вредност има моликата - автохтон вид на петоигличест бор со терциерна старост којшто расте само на неколку планини на Балканскиот полуостров. Висинската амплитуда на распространувањето на моликата е од 600 до над 2200 метри. 200-годишните Моликови стабла можете да го видите на панорамата од врвот.
Информации за планинарските пешачки тури ни Националниот Парк ќе најдете на следнава страна.