Струмица



СТРУМИЦА - “градот на ѕвездите под Царевите кули”

Струмица е културен, трговски и политички центар на Југоисточниот регион. Според пописот од 2002 година градот има 35,311 жители и според тоа е најголемиот град во регионот и десетти најголем град во Република Македонија. Сместен во југоистокот на Македонија, градот е опколен од Струмичкото поле и планината Еленица на запад, заедно со Царевите кули. Градот претставува седиште на истоимената општина.


Местоположба на Струмица

Општина Струмица  се наоѓа на 41° 22’ северна географска широчина и 22° 35’ и 23° 45’ источна географска должина. Го зафаќа крајниот југоисточен дел од Република Македонија веднаш под тромеѓето на меѓу државните граници со Грција од југ и со Бугарија од исток. Регионот што всушност ја опфаќа котлината меѓу планините Беласица, Огражден и Еленица. Низ регионот поминува најважниот магистрален пат М6. Со него регионот е поврзан со останатиот дел од Републиката, како и со Република Бугарија и Република Грција.


Историја на градот Струмица

Струмица е населба од предсловенскиот период. Најстариот податок за постоењето на градот датира уште од 181 година п.н.е. Тогаш населбата се споменува како Астранон (град на ѕвездите), како главно место за престојување на пеонското племе Астрон. Како римско-византиски и црковен град, во средниот век се споменува како Тивериопол. Струмица е словенско име на градот, добиено според името на реката Струмица, деминутив од името на Струма. На сегашното место градот е обновен во IX век од страна на царот Самуил. Во тој период прераснува во важен сообраќаен и воено-стратешки центар. По неговата смрт во 1018 година и распаѓањето на Самуиловото царство, Струмица е византиско воено-стратегиско и управно средиште за овој дел од Македонија, а продолжила да егзистира и Струмичката епархија. Таквата улога ја имала до крајот на XII век. Од XI до XIV век, потпаѓа под повеќе сфери на интерес од Византија и средновековна Србија и Бугарија. Кон крајот на XIV век потпаѓа под османлиско ропство.


Strumica Strumeshnitsa reka

Туристички атракции во Струмица


Бањата Банско

Tермо минерално лекувалиште во Струмица од античко време и еден од ретките сочувани римски споменици од ваков вид во Европа, со штедрост од над 50 л/сек. Се наоѓа на околу 12 километри источно од Струмица, во подножјето на планината Беласица. На површина од 1.000 м се откриени десет простории, чии ѕидови се зачувани во височина од 2 до 6,7 метри. Лековитата римска бања (терма) имала простории за соблекување, сауна, базени со топла и студена вода. Најверојатно потекнува од 11 век, од времето на римскиот император Каракала, познат по подигањето и обновувањето терми низ Империјата.


Info

Постојат вкупно пет термо минерални извори, од кои само еден, најголемиот, е стручно каптиран. Тој се слива во главната бања наречена „турско купатило", а другите четири слободно се излеваат. Температурата на водата во главниот извор кој го снабдува „турското купатило" е на околу 71'С и не се менува во текот на годината, што докажува дека водата потекнува од голема длабочина, без атмосферски влијанија. Банските води се сметаат за лековити за најразлични заболувања, во прв ред ревматични.


Случајно откриена при копањето на темелите за хотелот „Цар Самуил" во 1978 година во Струмица , денес базените со природна вода можат да се користат во рамките на хотелот, каде може да се проба и јајце сварено во топлите извори, со специфичен вкус. Во околината на бањата се наоѓа шума од липи и костени и повеќе бистри планински потоци. Папратот од ова македонско поднебје е заштитен од ООН. Целиот бански локалитет нуди одлични сместувачки капацитети и услови за комбинирани видови туризам. Двата живописни водопади претставуваат задолжително место за посета во Струмичко Смоларски водопад.


Смоларски водопад

Смоларски водопад се наоѓа во непосредна близина на селото Смоларе, на планината Беласица, на надморска висина од 600 метри. Тоа е објект со височина од околу 35 метри. На дното од водопадот е формиран џиновски лонец, чија должина во правец на течењето на речната вода изнесува пет метри, широчината му е 11 метри, а длабочината е околу половина метар. До него има изградена пристапна патека и уреден локалитет за посетители со туристичко-рекреативна функција.


Strumica Smolarski vodopad

Колешински водопад

Се наоѓа во долниот тек на реката Баба, на надморска висина од 500 метри. Има височина од 15 метри и широчина на падот од околу шест метри. Според настанувањето, се вбројува во тектонски водопади. Во непосредна близина од околу 100 метри, се наоѓаат уште неколку помали водопади и слапови распоредени во низа со височини до околу пет метри. Групна венчавка на Колешински водопад - Од првата групна венчавка со дваесетина брачни двојки во 2008 година, под покровителство на општина Ново Село и со благослов на МПЦ-ОА, традиционалното августовско церемонијално групно венчавање добива поголем интерес и посетеност.


Strumica Kolesinski vodopad

Манастир Св. Леонтиј, с. Водоча (ХI век)

Манастир Св. Леонтиј, с. Водоча (ХI век) Струмица се полни со монаси и црковно-богослужбено живеење, возобновените конаци повторно станаа резиденцијален комплекс на Струмичката епархија. Манастирот се наоѓа во селото Водоча, кое своето име го добило според грозоморниот настан од 1014 година, кога на тоа место под беласица на 14.000 војници на царот Самуил им биле извадени очите од страна на Византијците. Манастирот долго бил епископска резиденција на Струмичката епархија. Низ македонското лошо историско минато бил пустошен и неговото културно богатство било разнесувано во соседните земји.


Info

Изграден е врз ранохристијанска базилика од V u VI век. Темелите се зачувани со остатоци од црквата: има делови од олтарната апсида, од проскомидијникот и ѓакониконот од VI u VII век. Исто така, со археолошките истражувања во манастирскиот комплекс во Водоча кај Струмица, се откриени преку 1.000 гробови со накит и керамика од XIV до ХIХ век. Водочкиот манастир има зачувано средновековно фрескосликарство со големо значење. Сликарството се карактеризира по издолженоста на телата и цврстата моделација на главите на светителите. Насликани во периодот од 1018 и 1037 година, фреските од Водоча се вбројуваат меѓу ремек делата на средновековната уметност во византиското сликарство воопшто.


Манастир Св. Богородица Елеуса, с. Вељуса (ХI век)

Манастир Св. Богородица Елеуса, с. Вељуса (ХI век)една од најстарите македонски цркви, која никогаш не била уривана, ниту обновувана како што е изградена, таква е и денес, со отпечатоци од забот на времето. Манастирот се наоѓа над селото Вељуса кај Струмица, прекрасна панорамска глетка на Струмичкото Поле. Манастирот и конаците се познати по архитектурата, фрескоживописот, мозаичните подови и мермерниот иконостас. 3а неговото потекло од ХI век ни сведочи мермерната плоча со натпис на ктиторот, струмичкиот епископ Манојло и годината на изградба, 1080. Плочата со натписот и најдобрите икони, во текот на Првата светска војна се ограбени, а манастирот запален, но не изгорел. Како сведоштво и последица од тоа се исчадените фрески.


Info

Некогаш овој манастир бил машки, а во Водоча имало сестринство, додека денес е обратно. Со ликовните вредности и раскошната ризница од скапоцени уметнички творби, манастирот ги надминува сите постојни уметнички остварувања на црквите во струмичката средина. Целосно зачувана композиција од времето на изградбата е Слегувањето во пеколот. Постојат и други, делумно зачувани композиции од тој период, како и познатиот Вељушки крст единствен од ваков тип во светот. Пред олтарот има фрагменти од мозаичен под. Според изворно богатата историска документација зачувана за овој манастир (достапна во Светогорскиот манастир Ивирон), црквата Света Богородица Милостива (Елеуса) го зазема едно од најзначајните места во црковната и културната историја на Балканот.


Цареви Кули над Струмица

Најстарите откритија за тврдината издигната на ридот југозападно од Струмица говорат за живот уште пред Римската Империја, праисториско време до средниот век. Според некои археолози, тоа би можеле да бидат остатоците од античкиот град Астраион. Сите досегашни наоди укажуваат дека на овој: локалитет опстојувале разни цивилизации, во период од околу седум илјади години. Тврдината е изградена на зарамнето плато на врвот од ридот, кој мошне стрмно се издига над Струмица на надморска височина од 445 метри, од каде е можна прегледност над целата Струмичка Котлина.


Info

По рабовите се наоѓаат остатоци од одбранбен ѕид, од кои западниот во должина од четириесетина метри е добро видлив и денес. Со своите дебели бедеми, Кулите претставуваат споменик за падот на средновековната македонска држава на царот Самуил во 1018 година. Служела како утврдување и во османлискиот период. Во тврдината се пронајдени византиски монети од ХII u ХII век. Откриени се шест фрагментарно мегарски чаши од хомеровски тип, мошне ретки на овие простори, кои потекнуваат од 11 век п.н.е. Откопани се и антички монети од времето на последниот македонски цар Персеј, како и фрагменти од средновековен фрескоживопис од ХII u ХIII век. Пронајдени се и монети со ликот на Филип II, потоа амфори, садови, кантароси, накит, фрагменти од сликани вазни, црнофиносувана керамика, фигури од малоазиски тип и други артефакти. Сите укажуваат на тоа, дека тврдината над Струмица активно живеела кон крајот на четвртиот век пред нашата ера.


Градски плоштад „Гоце Делчев" Струмица

Плоштадот е изграден на две нивоа и зафаќа вкупна површина од 27 илјади квадратни метри. Тој е со надземниот поплочен простор со саат-кула, две фонтани и со целокупна инсталација на урбани, културни, традиционални, еколошки, хортикултурни и други содржини. Тука е вклопен постојниот споменик на Гоце Делчев. Тука е и  бронзената фигyра „Струмичанка под маска" посветена на Меѓународниот струмички карневал и 27 јарболи со знамињата на земјите-членки на Европската Унија. Пуштен во употреба во 2010 година, плоштадот веќе претставува пешачки остров во Струмица и еден од неодминливите модерни градски белези.


Info

Струмички карневал

Струмички карневал е годишен карневал што се одржува во Струмица. Тој е еден од најзначајните обичаи и традиции од таков вид во Македонија. Карневалот отишол можеби најдалеку во својата трансформација од сите традиционални игри под маски, како по времето на одржување, така и по својата цел и функција. Струмичкиот карневал се одржува традиционално секоја година, во рамките на тримерските денови, односно на почетокот на големиот Велигденски пост. Самото име „карневал“, (лат. carne – месо иvali – збогум, односно „збогум месо“), нѝ асоцира на почеток на пост, а во овој случај тоа е Велигденскиот пост.


Info

Како еден показателен и мошне веројатен податок и симбол за древноста и старината на овој карневал е и фактот дека многу белези на маските, носиите и предметите останале во употреба (облеки од кожа и рогови од разни животни, бик, прч, овен итн.). Сите се карактеристични само за неговата изворна паганска форма. Карневалот подоцна доживува извесна трансформација во традиционална форма. Маска којашто сѐ уште ја паметат најстарите Струмичани, бидејќи карневалот од кои и да е причини, за кои сѐ уште само се претпоставува, се поклопува со тримерите, односно празникот на верените. Тоа се гледа од најчестите мотиви коишто провејуваат кај неа и кои најчесто се повторуваат.


Info

Најпознати мотиви на карневалот во Струмица се:

  • Невестата со младоженецот, кои ги симболизираат младенците односно верените;
  • Циган и Циганка со бебе, со значење како циганите имаат многу деца, така и новите младенци да имаат бројно потомство, т.е. многудетност;
  • Поп кој ги благословува младите за среќа, благосостојба и слога во бракот;
  • Ѓаволот, најчесто со рогови, со опашка од вол или некое друго животно и со вила во рацете, кого сите го бркаат, а чија симболика е бркање на сите лоши сили или влијанија кои би можеле да се појават и да им наштетат на младоженците.


Мотиви на карневалот

Многу чест мотив што се јавува се и мажи претворени во жени со изразени женски атрибути и обратно. Со тоа се покажува најчесто, кои физички особини сака мажот да ги поседува и обратно. Друга карактеристика на традиционалната форма на карневалот чија што цел и намена се поклопува со предходната, преставува  наследството на бројните еротски елементи, песните исполнети со еротски мотиви, содржини и зборови. Тука е и препознавањето на момчето по големиот фалус направен од шише или друг предмет и чијашто цел е дидактичка, односно упатување и припремање на невестата за идниот брачен и сексуален живот. Тука се и музичките реквизити, односно музичките инструменти, гитара, армоника, дајре.


Во поново време, карневалот во Струмица добил модерна димензија, со некои влијанија од слични карневали во светот, а истовремено добил и награден карактер. Меѓутоа, традиционалниот карактер на карневалот и одењето по куќите на верените девојки како обичај сепак останал. Преку шаренилото од бои, фигури и маски со различни мотиви и теми, учесниците на карневалот настојуваат да ја покажат вечната борба меѓу доброто и злото. Тука е и  реализмот и сарказмот, иронијата, сатирата и традицијата, полтронството и кариеризмот, власта и безвластието. Маските се прават по избор на самите учесници.


Секој учесник си избира своја тема и идеја за маскирање, додека групните маски се заедничка идеја на целата група. Од видовите на маски, најзастапени се антропоморфните, а се среќаваат и зооморфни и зооантропоморфни маски. Бројот на учесниците на карневалот во Струмица, како и бројот на посетителите, од година во година се зголемува, а покрај локалните учесници, редовно учествуваат и гости од странство.


Стопанство во Струмица

Струмица е меѓу првите градови во Македонија која се развива како на културен така и на економски план. Регионот стана најголем производител на ран и индустриски зеленчук во Република Македонија. Струмица е центарот на пространата богата Струмичка Котлина. Овде се одгледуваат афион, памук, тутун, сусам, кикирики и анасон. Сето ова дава можност за развој на текстилната и прехранбената индустрија во Струмица.







Promote your Service

Activity

Add up to 3 images.

Validation code:
Enter the code above here :

Can't read the image? click here to refresh.