Туристички атракции на Преспанско Езеро
Преспанската област се одликува со многу сончеви денови, а крајбрежјето на Преспанско Езеро има неколку убави песочни плажи. Постојано сте опкружени со планини со бујна вегетација. Сето тоа заедно со бистрата езерска вода нема да ве остават рамнодуши и постојано ќе ве канат на капење и релаксација. За развојот на летниот туризам многу ќе помогнe културното наследство и разни објекти и прекрасните видици и интересни локации, како и посебните организирани тури со водич и придружник ос чуварска служба од Маркова нога се до с. Коњско и островот „Голем Град“. Заокружено со планини од сите страни, Преспанското езеро маѓепсува со својата изворедна убавина. Додека врвовите на Галичица се покриени со првиот снег, долу во равницата, на брегот на езерото, сеуште има ружи и есенски цвеќиња.
Локација на Преспанско Езеро
Преспанско Езеро во рамките на Македонија, е со локација во југозападниот дел од земјата. На македонскиот дел, преспанската котлина е ограничена со планините Баба (со највисокиот врв Пелистер 2600м) на исток и Галичица (2235м) на запад. На север е планината Плакенска и Бигла (1933м), а на југ на албанскиот дел со Горбач (1750м) и нешто пониските ограноци од Галичица. Во Преспанската котлина се наоѓаат двете езера: Малото и Големото Преспанско Езеро. Во водите на Големото езеро се наоѓа тромеѓето на македонската, албанската и грчката граница.
Големото Преспанско Езеро, зафаќа површина од 284 км2, со 54м најголема длабочина и надморска висина од 853м и спаѓа меѓу најчистите езера во светот. Од вкупната површината на езерото 65% припаѓа на Македонија, 18% на Албанија и 17% на Грција. На македонскиот дел од Големото Преспанско езеро, главни притоки со кои се храни со вода се реките Источка, Преторска, Брајчинска и Голема Река, која поминува низ градот Ресен. Езерото ја губи својата вода поради варовничкиот карактер на планината Галичица, а истекува во Охридско Езеро кај „Св. Наум“ и кај Билјанините Извори. Преспанско Езеро добива вода од подводни извори и од неколкуте реки што се влеваат во него.
Бистрата езерска вода со температура од 24-28°С, долги песочни плажи, присуство на многу сончеви денови, немање на магловити денови, свежи ноќи, еколошки чиста средина, планини со бујна вегетација и изградени туристички капацитети, скијачки терени - се основите за развој на туризмот во Преспа.
Голем град- единствен остров во Македонија на Преспанско Езеро
Во Преспанско Езеро се наоѓа и единствениот остров во Македонија – Голем град. Овој остров е долг 750 метри, а широк 450 метри. Претставува природна реткост и резерват од ретки билки и различни растителен и животински свет. Познат е и под името Змиски остров, затоа што изобилува со водени змии белоушки, но и со отровниот поскок, кој може да се сретне во горниот дел од островот. До островот се приоѓа со чамец од две места, каде што има мали пажи и пукнатини во карпите.
Шестмесечен престој на островот имаат пеликаните, а најбројни птици се кормораните, за кои островот е идеално место за размножување. На островот вирее фојата, чии полусуви стебла се постари и од илјада години. Од ова дрво порано се изработувале традиционалните чунови. Островот Голем Град е прогласен за строг природен резерват на Преспанско Езеро, заради специфичните геоморфолошки карактеристики, карактеристичната флора и фауна и поради своето историско минато. На Голем град секоја година се вршат археолошки испитувања, постојат археолошки наоѓалишта од ранохристијанскиот период и базилика од словенскиот период.
Пеликанот од Преспанско Езеро
Пеликанот како една од најкрупните птици кои егзистираат на вода, главно во потоплите краишта, кај нас го има единствено на двете Преспански Езера ( големото и малото ). Организира кај нас секоја година шест месечен престој ( 15 Април- 15 Октомври ) во јата од сто птици. Другиот годишен период го минува во јужните предели на земјината топка. Прометното долетување на овие бели птици со големи клунови не е многу забележлива, но за време на есенската преселба тие се собираат воп јата и по еднодневно кружење над Преспанската котлина се упатуваат кон своите зимувалишта.
Пеликанот не нурка под водата на Преспанско Езеро, а само плива на површината. Со силниот инстинкт ги открива јатата со риби и штом ќе долета на целта до него слетуваат јата корморани кои гонејќи ги рибите со нуркање создаваат симбиоза-заедничка исхрана. Навистина интересна појава. Во текот на последниве три децении на Преспанско Езеро долетуваат и Лебеди што порано не беше случај. Јата од 4-8 птици доаѓаат на пролет или на есен и се задржуваат по два-три месеци. Во споредба со Пеликаните, Лебедите се препитомуваат, најмногу преку подавање храна. Нивната грациозност ја надминува убавината на долгоклунестите несити.
Флора и фауна во Преспанско Езеро
Во поглед на фауната посебно место е орнитолошка резерва „Езерени“ на површина од 2080 хектари. Во Преспа засолниште наоѓаат близу 100 видови птици. Преспанско Езеро е богато со риба, а особено се познати преспанскиот крап и рибите белвици-нивички. Најзастапена е нивичката или белвицата, потоа крапот, црвеноперката, скобустот, мренката, кленот и др. Кон крајот на педесетите години Преспанско Езеро порибено е и со охридска пастрмка, која се задржала во подлабоките води, Нивичкиот залив, Казан и Коњско.
Ваквиот амбиент привлекува и многу птици. Нај ројни се кормораните ( норчињат) кои се хранат само со риба. Присутни се ендемски птици, како и птици преселници кои престојуваат во пролетно-летниот период и птици преселници кои на кратко престојуваат во околните блата како попатна станицаза одмор и исхрана. Атрактивен во водите на Преспанско Езеро е белиот пеликан, кој лови риби заедно со црниот гавран. Во плитките води присутни се повеќе видови чапју, норки, галеби и други птици.
Растителниот свет е доста богат,како во самото Преспанско Езеро така и во околните блата. На островот Голем град, како ендемично растение се среќава Фојова шума (Juniperius Foeditissimа).
Легендата за настанокот на Преспанско Езеро
На местото на денешното убаво Преспанско Езеро, според легендата се простирало широко плодородно поле. Во близината на ридот имало седум кладенчиња, кои никогаш не замрзнувале. Нивните бистри води биле гордост за цела долина. Навечер кладенчињата со чепови (цифуни) се затварале. Во тоа време, две племиња, непрестано војувале за убавата долина. Ќерката на кнезот од едното племе Преспа, била многу убава. Таа секоја вечер одела под ридот, до кладенчињата, по вода. Еднаш, кај кладенчињата Преспа го видела синот на кнезот од другото племе. Нивните погледи се сретнале. Срцата им затрепериле. Се родила љубов. Оттогаш, младите почнале скришум да се сретнуваат.
Една вечер, младиот син на кнезот кој се викал Лабид, ја чекал убавицата недалеку од кладенчињата. Таа стрчала, неосетно му се приближувала убвата девојка, лесна како срна. Таа стрчала, намерно ги извадила седумте чепа од кладенчињата и водата бликнала на долж и шир по долината... Кога ја видел младичот, со неколку скока ѝ го попречил патот и се нашле лице в лице. Се фатиле за раце и тргнале кон ридот, се прегрнале и паднале во љубовна игра. Шумолењето на водата и љубовната игра ги успала двајцата млади.
Кога се разбудиле, во раните зори, пред нивните очи светнало едно сиво-зеленикаво езеро ... Дотогаш, стражарите на двете племиња ги известиле своите кнезови за покачувањето на нивото на водите и тие, племињата тргнале на пат - едното тргнало на југ, а другото се населувало во полите на Галичица... Лабид ја прегрнал Преспа и бакнувајќи ја, и рекол: “Сега нема за што да војуваат нашите племиња!“ Младите стапиле во брак, а настанатото езеро, во чест на убавицата се нарекло Преспанско Езеро а населбата околу него го добила името Преспа.
Легендата за Крали Марко на Преспанско езеро
Легендата вели дека Крали Марко, додека се шетал покрај Преспанско Езеро, посакал да го види и езерцето Мала Преспа. Се качил на еден камен, и така снажен, на него оставил одпечаток од стапалото. Тоа парче стена и денес стои таму, на граничниот премин со Грција, кој и го носи неговото име и привлекува голем број туристи. Велат, ако го ставите своето стапало, ќе приметите дека Марко сигурно носел обувки барем број 90.
Повеќе информации за Преспанско Езеро на следнава страна.