Козјак и недопрената природа на Јасен
Козјак е вештачко езеро во Западна Македонија. Тоа е најголемото вештачко езеро во Македонија, сместено помеѓу планината Сува Гора на запад и резерватот Јасен на исток. Кон езерото водат два пата: јужниот пристап кон езерото води од Македонски Брод и се протега по течението на реката Треска. Другиот пристап е од Скопје при што патот се протега под јужните падини на Водно. Козјак е езеро долго 32 километри, некаде е длабоко и 130 метри, а максималното растојание од едниот до другиот брег изнасува 400 метри. Се наоѓа на идеална надморска височина од неполни 300 метри. Има најбогат рибен фонд.
Најдолгото вештачко езеро во Македонија
Езерото е создадено во 2004. година, кога започнала со работа хидроцентралата "Козјак", со капацитет од 150 GWh просечно годишно производство на електрична енергија. Основата на браната е 500 м, а круната или врвот 310 м. Максимална кота на езерото е 469,9 м. Капацитетот на езерото е приближно 380.000.000 m³ (0,38 km³) вода.Основата на браната е 500, а круната или врвот 310 метри. Тоа е најдолго вештачко езеро во државава. Според атракцијата и функционалноста на езерото, неспоредлива е изградбата на таканаречениот воден лифт. Таму каде што етапномсе регулира водостојот на водата во езерото.
Водата од акумулацијата се користи првенствено за хидроенергетски цели. Но, претставува и регулирана вода за низводните хидроцентрали како и вода за наводнување на Скопско Поле. Во акумулацијата Козјак ихтиофауната е составена од поголем број на видови кои припаѓаат на поголем број на фамилии. Оние што ја познаваат силата на водите на реката Треска, спокојно тврдат дека благодарение на браната, на Скопје не може да му се повтори поплавата од 1962 година. Браната ги штити од различни метеоролошки прилики Скопје, Скопско Поле и сите зелени појаси по должината на реката Вардар.
Рибарите најредовни гости на Козјак
Акумулацијата Козјак има најбогат рибен свет во Македонија. Тука се среќаваат 10 видови риби меѓу кои: кленот, виножитната пастрмка, мрената, боцкалката, попадиката, крапот, вардарката, скобустот и поточната пастрмка. Ова вештачко езеро, претставува атрактивно место за рекреативните риболовци, кои доаѓаат тука преку цела година. Риболовот е дозволен покрај целото езеро, освен во двата залива на Јасен Пеколник и Коломот, кои се претворени во привлечни плажи за посетителите. Риболовот е регулиран од страна на службата која се грижи за зачувување на езерото. Секој заинтересиран треба да се обрати до надлежните за дозвола за рекреативен или спортски риболов.
Природниот резерват Јасен, долго време претставуваше привилегија само за политичари и угледни странски гости и затоа е сè уште многу малку познат предел во државава. Откако се отвори за јавноста, прерасна во многу атрактивно место за изградба на викенд-населби, а една од новоизградените е Близанско. Тука сè уште не е направен асфалтиран пат, што го прави начинот на превезување интересен и многу атрактивен.
Козјак- атрактивна туристичка локација
Езерото Козјак претставува идила за рекреативци, планинари, велосипедисти и посетителите кои имаат можност да уживаат во чистиот планински воздух и недопрената природа. Постои интерес од домашни и странски компании за изградба на хотели на ова езеро, поради чистата еколошка средина и близината на главниот град Скопје. Регионот е атрактивната локација поради убавините на езерото, каде моментално се градат цели елитни населби со приватни плажи. Браната Козјак, клисурата на реката Треска, дивечот, ендемските растенија го прават овој предел магнет за туристите.
Повеќе информации за езеро Козјак на следнава страна.