Трпејца гостољубива и тивка
Трпејца е старо рибарско село сместено во природна вдлабнатина меѓу карпите на источниот брег од Охридското Езеро. До ова село со богата историја пристигнувате на патот од Охрид до манастирот Свети Наум. Селото веќе еден век ги пречекува и испраќа вљубениците во утринските далги, гостољубива и тивка, полна со езерска магија. Селото особено ќе го засакате поради интимата што ви ја нуди, а уште повеќе ако сте вљубеник во пешачењето, тогаш ќе можете и да фрлите поглед од околната планина кон бисерната охридска вода.
Трпејца е стара повеќе од десет века, мало село со голем дух, меѓу Охридско Езеро и Галичица, со бисерни брегови и бистра стаклена проѕирна вода. Има повеке легенди кои говорат за Трпејца. Една од легендите, вели дека името доаѓа од зборот "трпеза", зашто некогаш аџиите на пат за манастирот "Свети Наум" застанувале во селото и во чест на многуте монаси што живееле аскетски живот поставувале трпеза.
На рибја чорба во Трпејца
На самиот атар на селото, ќе ја забележите селската идила и мирниот живот што тече на ридот. Спуштајќи се удолу по многуте скалила, пред вас како од бајка се отвора погледот на езерото. Откако ќе навлезете во срцето на селото, конечно се спуштате кон плажата и дури тогаш се уверувате во советот што несомнено секој ви го дал – дека Трпејца е неодминливо место за посета. Во селото се мешаат современи градби со стари селски куќи. Трпејца има посебен дух, а жителите се особено гостопримливи. Не заборавајте да вкусите некој од специјалитетите како што се ѓомлезе, комат, пастрмка, белвица или рибја чорба. Во близина се наоѓа црквата „Св. Богородица Заумска“, манастирот „Свети Наум“, како и Заливот на коските, кој претставува музеј и праисториска наколна населба.
Неколку куќи се наоѓаат на самиот брег од езерото. Малата селска плажа е посипана со ситен бел камен и се протега на само 200 метри. Водата е беспрекорно проѕирна и пријатна за капење. Во Трпејца ќе почувствувате посебна атмосфера и поинаква клима, а еден единствен поглед кон езерото во доцни попладневни часови веднаш ќе ви разјасни зошто токму тука мештаните и нивните гости доаѓањето на летото секоја година го прославуваат со уникатниот Фестивал на зајдисонце.
Повеќе информации за Трпејца на следнава страна.