Залив на коските - Музеј на вода
Залив на Коските е залив во Охридско Езеро и археолошки локалитет на праисториска наколна населба на полуостровот и автокампот Градиште. Длабок е 3 до 5 метри. Местото е наречено „Плоча Миќов Град“. Денес има реконструкција на наколните живеалишта (Музеј на вода „Залив на Коските“) и платформи, со свој посетителски центар. Над него се издига обновено римско утврдување (каструм) со воени објекти од тоа време.
Кај Залив на коските најблискиот колец од вкупно 6.000 откриени е на 12 метри во езерото, со што се претпоставува дека е тоа колец од мостот што ја спојувал населбата. Се претпоставува дека се простирала на платформа од околу 8.500 м², а на неа имало можеби и 60-ина живеалишта. На местото се откриени многу остатоци од орудија, предмети од керамика, од дрво, од камен и делови од животни како еленски рогови.
Наколните населби биле градови правени на платформи, кои стоеле на дрвени колци забодени на дното на езерото. На тие наколни платформи се наоѓале куќите на праисториските луѓе, кои со подвижен мост биле споени со брегот. Жителите на овие населби се занимавале најмногу со риболов, но и со земјоделство и лов. На ова укажуваат разните садови и предмети од керамика и камен пронајдени и на суво и под вода.
Повеќе информации за музејот Залив на коските на следната интернет страна.