Планински велосипедизам
Планинскиот велосипедизам станува се позастапен спорт во Република Македонија, каде постојат буквално илјадници вон-теренски (off-road) и крос патеки. Секој планински клуб изнајмува велосипеди и организира регионални тури за планински велосипедизам и помали локални тури. Како клубови, тие исто така го поттикнуваат развојот на велосипедски патеки во цела Македонија, како и на локалниот одржлив туризам за историските и природните локалитети од интерес.
Специфики на Македонија
Дневните награди за вашиот напор се величествени глетки, кои ви го запираат здивот и остануваат како визуелен потсетник на возвишената убавина на Македонија, на планинските села со шармантна архитектура зачувани од минатото, изобилството на флора и фауна ендемични за овие единствени балкански планини, свежи како роса и бистри како кристал глацијални езера кои го заслепуваат умот.
Велосипедска култура за планински велосипедизам
Велосипедската култура во Македонија последните години доживува подем. Велосипедски патеки се прават и надвор од урбаните средини, а интересот за планински велосипедизам енормно расте. Некои патеки за велосипедизам во планина се долги и повеќе од 30км.
Планински велосипедизам на Галичица
Галичица е прекрасно место за планински велосипедизам. Патеката ги задоволува критериумите и на возачите кои прават почетни чекори и на поискусните. Возењето по оваа патека на учесниците им нуди еден незаборавен поглед кон Охридското Езеро на потегот од Охрид до Крстец, етапата 1 – 3, поглед кој вечно останува во сеќавање. Останатиот дел од патеката е трасиран по планинска висорамнина со тревна покривка. Изобилството на разновидната флора и интересните релјефни форми дополнително го зголемуваат задоволството при возењето.
Планински велосипедизам во Маврово
Една од најубавите патеки за планински велосипедизам е во Национален парк Маврово. Како што кажува нејзиното име, патеката нуди фантастично велосипедско искуство со уживање во најубавите пејсажи и панорами во паркот. Стартната точка е веднаш над селото Леуново кај месноста Студенче, каде што и формално завршува оваа кружна патека. Меѓутоа, со оглед на тоа што во паркот има развиена мрежа на патеки за планински велосипедизам, почетокот и крајот на турата може да се адаптираат според желбите и податоците од мапата.
Најголемиот дел од патеката се протега по цврст и широк земјен пат кој во делот од селото Леуново до месноста Батковица, како и од месноста Царевец до Маврово, се наоѓа во шума, а останатиот дел е во зоната на пасишта каде што доминираат убави пејсажи и панорами. Дел од патеката се поклопува со локалните асфалтни патишта. Ориентацијата по патеката е лесна и долж истата има голем број маркации и патокази кои јасно го покажуваат патот. На четири до пет места долж патеката има вода за пиење. Угостителски објекти има само покрај Мавровското езеро. Техничките тежини се умерени.