Галичица


Природни вредности на Национален парк Галичица

Од Национален парк Галичица се протегаат мошне убави глетки на Охридско езеро и Преспанско езеро. Посебно е атрактивна можноста посетителите во исто време да ги набљудуваат двете прекрасни езера. Пејсажните атрактивни, естетски и куриозитетни вредности се однесуваат и на самите планински страни, кои Галичица ги поседува.

Уникатноста на Национален парк Галичица

Во југозападниот дел на Македонија, налик на пречник што ги изделува Охридското и Преспанското Езеро, се простира прекрасната планина Галичица. Дел од планината претставува Национален парк Галичица, а заедно со градот Охрид и езерото, ставена е под заштита на УНЕСКО.


Интересно е што Галичица е карстна планина, маркантна во географската средина со својата импозантна големина. Највисокиот врв Магаро се наоѓа на надморска височина од 2.254 метри. Теренот има голема застапеност на реликтни растенија, при што 11 растителни видови може да се сретнат само на ова место, а регистрирани се и 26 ендемични животински видови. Тоа се должи на големото количество дожд во текот на годината. Посебно фрапантна е бројката на пеперутките – 1644 видови на толку мал простор.


Nacionalen park Galicica

Растителниот свет на Национален парк Галичица

Растителниот и животинскиот свет се значајни вредности на националниот парк „Галичица“. На овој простор опстојуваат претставници од најразлични флористични типови. Тие се лоцирани на стрмните и вертикалните карпи, на камењарите и сипарите, или пак на плитката или подлабоката почва. Ваквата разновидност на релјефот и педолошкиот супстрат, како и другите еколошки фактори, условиле појава на најразлични флористични форми кои се многу ретки или се својствени само за овој простор.


Растителниот свет е претставен со преку 600 флористични видови, од кои преку 170 се од дрвенеста растителност. Ваква разновидност не може да се забележи на другите планини во Република Македонија. Тое не се однесува само на Република Македонија, туку и на значително пошироки простори. Во просторот на национален парк Галичица, разновидноста на растителните видови и еколошките услови создале голем број на флористички заедници.


Nacionalen park Galicica

Животински свет на Галичица

Национален парк Галичица се карактеризира и со интересен и разновиден животински свет. Истражувањата на крупната фауна упатуваат на постоење на околу 170 видови животни од кои 10 видови се водоземци, 18 видови влекачи, 124 видови птици и 18 видови цицачи. Постојат и повеќе илјади други животни, кои најмногу се испитани во Охридското Езеро. Најбогат животински свет поседуваат просторите во националниот парк во кој е намалено присуството на човекот. Таков е на пример островот Голем Град, каде на него и во водите околу него живеат поголем број разновидни фунистички примероци.


Nacionalen park Galicica

Културно-историски споменици во Национален парк Галичица

Националниот парк „Галичица“, покрај природните вредности, поседува и значајни културно – историски споменици. Во паркот има бројни споменици со големо историско и уметничко значење кои се една од силните причините за посета на паркот. Како составен дел на географскиот простор, културното наследство е слика за времето во кое e создавано. Спомениците на културата во Национален парк Галичица, покрај бројноста се карактеризираат и со голема разновидност, па затоа се делат на неколку групи: археолошки локалитети, цркви, манастири, пештерни цркви и споменици.


Островот Голем Град

Еден од спомениците во паркот, кој по своето значење спаѓа меѓу позначајните од ваков вид не само во рамките на паркот и во регионот туку и пошироко, а истовремено е строго заштитено подрачје, е островот Голем Град во Преспанското Езеро. За да стигнете до истиот превоз може да најдете во селата Стење и Коњско. Островот Голем Град е единствениот остров во Република Македонија.


Nacionalen park Galicica
 

Цркви и Манастири во Национален парк Галичица

Од групата цркви, манастири, пештерски цркви, на територијата на паркот регистрирани се следиве споменици: од спомениците од византиски стил со живопис од европско значење е црквата „Св. Богородица Заумска“ од 1361. На црквата се извршени конзерваториски интервенции и е во добра состојба достапна за посетители. Во с. Велестово, црквата „Св. Богородица“ која е од 15 век.


Од пештерските цркви под заштита се ставени: Црквата „Св. Богородица“ во с. Пештани од XIV век, Црквата „Св. Богородица“ во авто кампот Градиште, Црквата „Св. Стефан“ која потекнува од средината на IX век, која е со конзервиран живопис. Од пештерските цркви кои се уште не се ставени под заштита се: Црквата „Св. Петар и Павле“ на Преспанско Езеро, во близина на границата на Република Македонија со Република Албанија, Црквата „Св. Петка“, помеѓу с. Стење и с.Коњско лоцирана на карпите на брегот на Преспанското Езеро, Црквата „Св. Илија“ близу с. Трпејца која е од 14 век.


Рекреативни активности

Врз основа на вака нагласеното богатство, националниот парк Галичица може да се искористи за прошетки и трчање по рекреативните патеки. Лоцирањето видиковци на погодни места, какви што се гребенот Баба (1.631 метри), врвот Лако Сигној (1.953 метри), врвот Гола Бука (1.897 метри) и Еленов Врв (1.221 м.), над селото Велестово, како и на други места, треба да ги открие можностите на прекрасни глетки кон две котлини и планинските простори.


Високите отсеци претставуваат извонредни терени за алпинизам. Така отсекот под врвот Магаро (2.255 м.) е висок 760 метри и е мошне поголем за алпинистичко освојување, додека отсеците под врвот Голем Врв и Туглајш, чија височина изнесува 180 метри, погодни се за алпинисти – почетници.


Пештерите во овој национален парк се користат само од страна на спелеолозите, иако постојат услови за спелеолошки туристички активности.

Зимско – спортските скијачки активности се одвиваат во комплексот Суво Поле, под врвот Томорос (1.675 метри), односно во комплексот Отешево, но постојат услови за вклопување и на други простори во овој вид туристичка понуда. Наведените можности за туристички активности извонредно ги надополнуваат активностите на капење и сончање, како доминантна туристичка понуда на овој простор.


Туристички содржини на Национален Парк Галичица

Национален парк Галичица на посетителите им нуди бројни рекреативни и туристички содржини. За оние кои сакаат да се рекреираат и уживаат во природа им препорачуваме да ги користат обележаните пешачки, велосипедски и планинарски патеки.


Искачување на еден од највисоките врвови на Галичица – Магаро

Доколку се наоѓате во Охрид,  од бензинската пумпа кај Билјанини извори можете да се упатите пеш до селото Велестово. Доколку сте во добра кондиција продолжете и понатаму, до месноста Крстец, од каде се протега прекрасен видик врз големото карстно поле „Џафа” и најголем дел од масивот на планината Галичица.


За да се искачите на еден од највисоките врвови на Галичица – Магаро следете ја патеката која започнува во близина на месноста „Баба”, покрај регионалниот пат Охрид-Трпејца-Царина-Ресен. Покрај извонредните видици, долж патеката ќе имате можност да се запознаете со двата циркови – геоморфолошки феномени кои сведочат за последното ледено доба на нашата планета.


На овој дел од планината ќе се прошетате и низ природните високопланински пасишта, кои се исклучително богати со растителни и животински видови од кои некои нема да ги најдете на ниедно друго место. При погодни временски услови, од Магаро имате поглед на целото Охридското и Преспанското езеро – како на дланка.


Пешачка патека до  пештерата „Саматска Дупка” и врвот „Гога”

За убавината и разновидноста на пределот на планината Галичица придонесуваат и пространите високопланински пасишта кои настанале како резултат на човековото влијание. Доколку имате сопствен превоз, велосипед или автомобил сеедно, исклучете се од регионалниот пат Охрид-Трпејца-Царина-Ресен и по асфалтниот пат упатете се кон север до месноста „Два Јавори”.

Од ова место тргнува уште една обележана патека која најпрво ве води низ уште едно големо карстно поле – „Суво Поле”, а потоа и до планинската куќа во месноста „Асан-Џура”.  Од „Асан-Џура” патеката се двои на две гранки – едната до врвот „Гога”, а другата до пештерата „Саматска Дупка”. Посетата на внатрешноста на пештерата е можна само со водич од Паркот, по претходна најава. Доколку се упатите кон врвот „Гога” ќе имате можност да уживате во прекрасниот поглед врз Охридското и Преспанското езеро.


Историска пешачка патека - Голем Град

На островот Голем Град постоела населба од времето на IV век п.н.е. и опстојувала до VI од новата ера. Од населбата се откриени куќи од хелинистичкиот период, во кругот на црквата Св. Димитрија, а и три куќи од римската епоха, на кои им служела и цистерна сместена во нивна непосредна близина. Во античката епоха населбата му припаѓала на македонското племе “Орести“. Од античкиот период се откриени погребувањата од IV век п.н.е. до I век п.н.е. и од IV век до VII век.


Во средниот век островот претставувал манастирски комплекс каде биле изградени повеќе цркви (Св. Петар, Св. Димитрија, Св. Никола Влаија ). Во манастирскиот комплекс биле погребувани монасите, но и верниците од околните населби на копното, кои биле духовно врзани со светците на островот. Погребувањето на островот трае до XV век, а монашкиот живот се обновувал и до средината на XX век.


Пешачко-рекреативната патека – патека на Франкофонијата

Пешачко-рекреативната патека – патека на Франкофонијата,  „Студенчишта – Св. Петка – Студенчишта,“ се реализираше во соработка со Маѓународната организација на Франкофонијата. Патеката е долга 6,3 км и започнува од месноста Студенчишта што всушност и претставува најниската точка на патеката со 697 м.н.в. Највисоката точка на патеката  е во селото Рамне на 960 м.н.в , а надморската висина кај Манастирот Св.Петка изнесува 820 метри.


Рутата на патеката е таква што поголемиот нејзин дел овозможува прекрасен поглед спрема Охрид, а истата може да се совлада без посебен напор од секој љубител на пешачењето низ природа. Делот од Студенчишта до селото Рамне нуди извонредна можност и за рекреативните велосипедисти.


Пешачка патека од населбата Пештани до месноста „Корита”

Голем број на посетители се одлучуваат за еднодневен излет во месноста „Корита” која исто така се наоѓа долж регионалниот пат Охрид-Трпејца-Царина-Ресен, на западните падини на планината, над селото Трпејца. До овој локалитет може да се стигне и по обележана пешачка патека од населбата Пештани.


Рекреативно-туристичкиот комлекс кај манастирот на Св. Наум

Најпосетена дестинација во Паркот, сепак, е рекреативно-туристичкиот комлекс кај манастир Св. Наум, близу до границата со Република Албанија. Секоја година, над 200 илјади туристи доаѓаат да уживаат во ова место, каде природното, духовното и културното наследство на Македонија, се испреплетуваат во хармонична целина со исклучителна убавина.


Nacionalen park Galicica

Интересната хидрографска форма и бујната околна вегетација, животинскиот свет на околниот простор, како и богатиот жив свет во водата, е така хармонизиран што го прави оваа извориште да биде едно од најпривлечните места во Република Македонија. Во текот на летната сезона исто така имате можност да уживате на жолтите песочни плажи и кристално чистата вода, непосредно на местото каде водата од ова езерце се влева во Охридско Езеро.


Изворите кај манастирот Свети Наум

Од сите овие хидрографски појави најголемо значење имаат изворите кај манастирот Свети Наум. Зависно од вашиот интерес и време, може да се прошетате со чун по изворите кај Св. Наум кои формираат живописно езерце со две островца. Се проценува дека ова езеро го напојуваат 45 извори, распоредени на дното или брегот на езерцето, а речиси половина од бистрате студена вода во него дотекува од Преспанското езеро, преку подземни реки и водотеци низ варовничката маса на Галичица.


Изворите на Охридското Езеро „Св. Наум“ се состојат од 30 подводни и 15 крајбрежни извори со вкупен капацитет од 7,5 m ³/ѕ. Изворите формираат езерце со површина од 30ha и максимална длабочина од 3,5m. Температурата на водата во езерцето преку целата година е од 10 до 12°С. Водата во изворите потекнува, во најголем дел, од планинскиот масив Галичица, а во дел и од Преспанското Езеро.


Растителниот свет на изворите

Растителниот свет на изворите е богат и посебен што се огледа во присуството на ендемични видови како што се силикатните алги Caloneis alpestris, Sellaphora seminulum, Sellaphora pupula f. rostrata и многу други. Изворите претставуваат единствено живеалиште за овие организми.


Животинскиот свет во изворите

Животинскиот свет во водата од изворите е претставен најмногу со микроскопски организми, кои живеат по неговото дно. Од покрупните организми се среќаваат 7 видови риба и тоа: кленот, скобусот, моранецот, охридската кркушка, пештанската пастрмка, охридската вретенушка и плашицата. Треба да се спомене и присуството на змијата белоушка и водната желка. Од птиците треба да се забележи присуството на рибарчето и малиот корморан, кој е загрозен вид во Европа.


Параглајдинг во Национален парк Галичица

Националниот парк Галичица е исто така популарна дестинација за параглајдеристите. Параглајдинг како рекреативна активност во Национален парк Галичица е главна адреналинск а и авантуристичка атракција. Полетиштето најчесто е кај месноста „Баба”, на регионалниот пат Охрид-Трпејца-Царина-Ресен, а безбедно се слетува на плажата кај авто кампот „Љубаништа”.  Од овој видиковец имате можност да ја видите единствената глетка , од каде се гледа истовремено и Охридското и Преспанското Езеро.


Nacionalen park Galicica

Планински велосипедизам

МТБ патеката Галичица е прекрасно место за планински велосипедизам. Патеката ги задоволува критериумите и на возачите кои прават почетни чекори  и на поискусните. Возењето по оваа патека, на учесниците им нуди еден незаборавен поглед кон Охридското Езеро на потегот од Охрид до Крстец, етапата 1 – 3, поглед кој вечно останува во сеќавање. Останатиот дел од патеката  е трасиран по планинска висорамнина со тревна покривка. Изобилството на разновидната флора и интересните релјефни форми дополнително го зголемуваат задоволството при возењето.


Nacionalen park Galicica

Спелеологија

Во паркот се регистрирани десетина подземни карстни форми - пештери и пропасти. Пештерата Самотска Дупка е најголемата пештера во Национален парк Галичица. Се наоѓа на источната страна од карстната долина Студино, во горниот дел на помал карстен дол, кој попречно се спушта кон Студино. Вкупната должина на пештерата изнесува 224м. Најголемата висина на пештерата изнесува 9м. Низ Самотска дупка некогаш поминувала подземна река. Во пештерата се среќаваат пештерските украси салви, драперии и пештерски бисери, а сталактитите и сталагмитите се многу ретки.


Сместувачки капацитети во Национален Парк Галичица

За подобро да го запознаете и да уживате во Националниот парк Галичица ќе Ви требаат повеќе денови. Не грижете се за преноќиште. Голем дел од туристичките и угостителски капацитети во Охрид и Преспа се наоѓаат во границите на Национален парк Галичица. Покрај бројните хотели од средна и висока категорија, сместување може да се најде и во останати сместувачки капацитети , како што се приватните вили и куќи во повеќето села и населби крај брегот, како и во неколкуте авто кампови.


Дополнителнио информации и контакти за посета и тури низ Национален парк Галичица може да најдете на следната страна.





 

Promote your Service

Activity

Add up to 3 images.

Validation code:
Enter the code above here :

Can't read the image? click here to refresh.