Тврдина Кале


Скопското Кале - Тврдина Кале низ историјата

Скопската Тврдина Кале се наоѓа на истоимениот рид, во самиот центар на Скопје, на левиот брег на реката Вардар и делумно во западниот дел од чаршијата. Според досегашните сознанија, просторот на кој се наоѓа денешната тврдина бил населен уште во времето на праисторијата, т.е. некаде околу IV до III милениум п.н.е.. Калето повторно било населено некаде околу VII до VI век п.н.е.. Oваа населба била заштитена со ѕидови и постоела некаде до IV или III век п.н.е..


Тврдина Кале

Пронајдени се остатоци од куќи-полуземјанки, кои имале четириаголна основа и рамен под и биле изградени длабоко во земјата. Следната фаза во историскиот развој е околу V до VI век, кога околу населбата бил подигнат нов ѕид. Куќите од овој период имале четириаголен облик и биле градени од дрвени греди.


Скопското кале - една од поважните стратегиски точки во државата низ историјата

Во изворите градската населба „Скопје“ за првпат се споменува кон крајот на IX век како „скопска војска“. Според тврдењата на проф. Иван Микулчиќ, Скопското кале повторно било населено во XX век. Скопското кале во времето на Самоиловото Царство било една од поважните стратегиски точки во државата. Утврдено е дека најстарите елементи на главниот градски ѕид потекнуваат токму од тоа време, а Микулчиќ истакнува и дека тоа се единствените засега познати Самоилови ѕидишта во Македонија.


Во текот на XI век биле изградени т.н. „киклопски ѕидови“, а зафати на градскиот ѕид биле вршени во времето на династијата на Комнените и во периодот од XIII до XIV век. За време на отоманското владеење, тврдината била запоставена и локалитетот бил иселен. Детален опис за нејзиниот изглед во текот на XVII век дал Евблија Челебија. Дваесетина години подоцна во писмо до австрискиот цар Леополд I Хабзбуршки, генералот Пиколомини запишал: Тврдината е ѕидана на стар начин, сега наполно без одбрана и вода, нема простор за коњица.


Тврдина Кале

Во текот на XIX век, на тврдината се наоѓале магацини, барутани, воена болница и затвор. Слична намена имала и во првата половина на XX век сè до 1951 г., кога војската го напуштила калето. Скопското кале претрпело големи оштетувања со земјотресот од 1963 г. Разурнати биле бедемите, одбранбените кули и зградите во склоп на тврдината, што придонело неговото обновување да биде значително отежнато. Неговата реконструкција била завршена со доградувањето на југозападниот бедем во септември 2010 година, кој бил осветлен во пресрет на Денот на независноста на Македонија.


Археолошки истражувања на скопското Кале - Тврдина Кале

Тврдината е сместена на јужниот крај на геолошкиот предел од скаменети лапорести седименти и мек песочен слој, кој се протега на подрачјето меѓу реките Вардар и Лепенец. Има облик на триаголник, зарамнет во северниот дел и со изразен пад на јужната и западната страна. Источниот дел од Тврдина Кале скалесто слегува кон течението на реката Серава и денес во него е сместен дел од чаршијата. Во рамките на Скопското кале постојат голем број на археолошки локалитети, на кои се вршени повеќе истражувања. Значајни археолошки ископувања се спроведени во периодот од 1953 до 1967 година. Од нив се добиени материјални докази за постоењето на доцно неолитска населба на просторот.


Најновите археолошки ископувања биле започнати на 14 мај 2007 година. Во ископувањата биле вклучени повеќе од 200 археолози, историчари и работници. Проектот имаше за цел да се истражат, заштитат и обноват бедемите и кулите на југозападниот дел од тврдината. Тврдина Кале, слично како и Камениот мост, се смета за еден од симболите на градот Скопје и е прикажано како составен елемент на грбот на градот.


Тврдина Кале

Повеќе информации за Тврдина Кале на следнава страна.





Promote your Service

Activity

Add up to 3 images.

Validation code:
Enter the code above here :

Can't read the image? click here to refresh.