Вардарски регион
Планини
Средновардарскиот регион го карактеризираат поголем број планински масиви. Такви се масивот Мокра Планина со ограноците Голешница и Јакупица, планините Бабуна, Дрен на запад, Кожуф на југ, Конечка и Градиштанска Планина на исток. Неколку пониски планини се наоѓаат во централните делови на регионот, како што се планината Клепа и висорамнината Витачево. Како посебни целини се издвојуваат областите Азот околу долината на Бабуна, Тиквеш околу долината на Вардар, Росоманското Поле во долниот тек на Црна Река, Неготинското Поле и слично.
Клисури и пештери
Овој регион е интересен со неколкуте клисури: Таорската и Велешката на Вардар, дел од Скочивирската клисура на Црна Река, Раечката Клисура и клисурите на Бабуна и Тополка непосредно пред вливот во Вардар. Во овој регион се наоѓаат и неколку пештери: Понор, Макароец и Маркова Црква во клисурата Пешти и Бабуна, Бела Вода во Депиркаписката клисура и други. На Кожуф е присутен вулкански релјеф, каде се наоѓа локалитетот Алшар. Релјефот во височина се простира од околу 150 до 2.540 метри, на врвот Солунска Глава.
Клима
Климата се одликува со одредени медитерански влијанија. Температурата на воздухот просечно годишно изнесува 13,8 степени. Просечната годишна количина на врнежи изнесува околу 500 мм, така што овој регион се смета за еден од потоплите и најсушните во Република Македонија.
Реки и извори
Во регионот има повеќе хидрографски објекти. Покарактеристичен е изворот на реката Бабуна. Се среќаваат поголем број поголеми реки кои се вливаат во Вардар: Црна Река, Раец, Брегалница, Бабуна, Тополка, Бошава, Дошница, Луда Мара и Мајданска Река. Во регионот постојат акумулациите Тиквешко Езеро и езерото Лисиче.
Флора и фауна
Големо е богатството од растителни, дрвенести и тревни видови. Тоа особено доаѓа до израз на Кожуф и Мокра Планина. Толму затоа во овој регион се наоѓа строгиот природен резерват Мешник. Богат и разновиден е и животинскиот свет, каде се присутни мечката, волкот, срната, дивата коза, дивата свиња, зајакот, еребиците и орелот како посебен во деловите од овој регион.
Сообраќајна поврзаност
Овој регион сообраќајно е поврзан по долината на Вардар кон Скопје на север и кон Гевгелија и Грција на југ. Од него еден патен правец кај Градско се одвојува кон Прилеп и Битола на запад, а еден кон Штип на исток. По долините на Вардар од Велес кон Гевгелија, Битола и Штип се одбива и железничкиот сообраќај.