Местоположба на Демир Хисар
Демир Хисар е населба западно од пелагониската рамнина, на главниот пат од Битола за Кичево, односно новиот патен правец за Крушево. Започнува да се развива од 1945 година. Од своето формирање како урбана населба бележи континуиран пораст на населението, кое во 2002 година изнесува 2.593 жители. Во општината пак живеат 9.497 жители во 41 населено место. Денес Демир Хисар преставува урбанизирана населба од градски тип, која ги има сите услови за мало пријатно и уредено гратче.
Поради богатството на планините околу оваа општина со железна руда, и областа го добива името Железник или Железнец, кое се менувало во зависност од владетелите во различни периоди. Оваа област се среќава како Сидеро Кастрон, што од грчки значи Железна Тврдина. Демир Хисар е име што Турците го дале на оваа област што би значело Железна Тврдина. Тоа е името што и денес го носи.
Цркви и Манастири во Демир Хисар
На подрачјето од оваа општина постојат 62 цркви и манастири. Според староста, сочуваноста, начинот на градба, живописот и местоположбата се издвојуваат седум објекти заштитени со закон. Попознати се манастирот Св. Јован Претеча (ХIV век), црквите Св. Јован Богослов и Св. Никола во Слепче (XIV век), манастирот Св. Атанасие Александриски (XIIV век) кај село Журче, црквата Св. Атанасие во село Слоешница, манастирот Св. Никола Топлички во село Слоешница (XIV век), црквата Св. Петка во село Жван (XVII век) црквата Влашки гробишта (во урнатини) во село Обедник и др. Според временската класификација, најзастапени се спомениците од средновековниот и турскиот период.
Бабино
Бабино — село, во областа Железник, неколку километри северозападно од градот Демир Хисар, во југозападниот дел на Македонија. Селото е најпознато по најголемата приватна библиотека во Македонија, приватната библиотека „Ал-Би“ сопственост на Стево Степановски, која брои над 20.000 книги, поради која го посетуваат многубројни туристи.
Бабино се наоѓа во средишниот дел на поранешна Општина Сопотница, 18,5 километри северозападно од Демир Хисар, а се наоѓа на двете страни на Бабинска Река, притока во изворишното сливно подрачје на Црна Река, на источниот дел од Плакенска Планина. Лежи на 2 километри од патот Кичево - Демир Хисар. Оддалечено е 45 км од Битола, а 35 км од Кичево, со кои е поврзано со асфалтен пат. Се работи за ридско село, кое се наоѓа на надморска височина од 750 метри. Климата е умерена. Атарот на селото е 9,9 квадратни километри. Селото се наоѓа меѓу трите рида Павлов рид (911), Три синори (1.111) и Курати (1.017).
Во атарот на Бабино има многу извори. По текот на Базерничка Река, на речиси секои 100 метра има по еден извор почнувајќи од Горни ливади, па сè до вливот во Црна Река. Водата од изворите ја надополнува реката, а ја користи и рибникот.
Повеќе информации за градот и општината, на официјалната страна.