Вевчански карневал
Василица во стариот Јулијански календар е исто што и Нова Година во Грегоријанскиот, но се празнува на 13 јануари. Вевчанци го прославуваат со изобилство храна, вино и музика, како и со неодминливиот, автентичен и ритуален Вевчански карневал.
Карневалот има специфични особини според кои се разликува од останатите во светот, пред сѐ поради својата архаичност, таинственост и импровизација. Опстојува над 1400 години и изобилува со пагански ритуали, кои се помешани со современите обичаи. Учесниците на карневалот немаат ограничување по возраст, а за време на дефилето на маските, сите учесници имаат целосна слобода да го испревртат светот наопаку и преку израз на својата креативност да упатат критика и да исмејат повеќе аспекти од секојдневниот општествен живот.
Повозрасните василичари задолжително треба да се напијат црвено вино, а во овие празнични мигови не е срамота дури ни доколку малку се претера со пиењето. Карневалот завршува со василичарско оро и со палење на маските во центарот на Вевчани, затоа што се смета дека на тој начин злото ќе биде уништено засекогаш.
Сѐ што ви треба е волја за веселба, малку креативност и шминка, за да се упатите по тесните камени улички на Вевачани и да станете дел од магијата на прочуениот карневал. Тука ви е дозволено за миг да излезете од сопствената кожа и да бидете некој друг.