Зачини и Чаеви
Македонската кујна е особено специфична по тоа што се одликува со комбинирање на многу видови зачини. Во вистинска мера и на вистинско место, тие им го даваат единствениот вкус, мирис и изглед на јадењата, така што ги прават препознатливи. Секој зачин си има свое магично дејство.
Голем дел од билките отсекогаш се користеле и поради лековитите дејства и како зачини во исхраната. Од зачинските билки што растат во Македонија, меѓу најпознатите и најкористените е магдоносот, кој има разновидна примена и, всушност, се користи во сите јадења. Како додаток во храната се користат и босилекот, жалфијата, рузмарининот и нането. Мајчината душица покажува дека била омилена билка кај народот по самото име што го добила.
Чаевите од рузмарин мајчина душица, босилек, жалфија, жолт кантариот и камилица се меѓу најомилените кај Македонците, а особено карактеристичен е планинскиот чај. Оваа едногодишна билка расте на високите планински предели и е позната од народната медицина како универзален лек против настинки, грип и за целокупно јакнење на имуниот систем.
Други специфични зачини на кои ќе наидете во македонската кујна се буковецот, триената сол, ноктецот, сушените домати и сушените пиперки, а особено во Радовиш е познат и карактеристичната афионова сол, која се добива од македонскиот афион.
За вистински да ги почувствувате зачините, не се стеснувајте некогаш да ги макнете со леб и да ги вкусите на тој начин. Некојпат нешто толку едноставно, како мацкањето леб и сол или буковец, може да ви открие неочекувано многу задоволства и врвни вкусови. Во тоа се состојат и основните ритуали на македонската гостпримливост и суштината на македонската кујна.