Вранец и Кратошија

Најважна и водечка сорта за производство на црвени вина во Македонија е вранецот. Настаната е по пат на природно вкрстување и застапена е во сите виногорја на Повардарскиот регион, а во другите виногорја ја има во помали размери. Грозјето има темноцрвена боја и најдобри резултати дава на средно плодни и умерено влажни почви.

Младите вина од вранец имаат светлопурпурна боја, со арома на џем од јаготки, плодови од овошни дрвја и ситнозрнесто овошје. Зрелите средно јаки до јаки вина се со интензивна потемна рубин црвена боја, богати со екстракт и боени материи. На вкус се хармонични, со нагласен сортен мирис и со покомплексна арома што наликува на шумско овошје и дрвенести мириси, понекогаш и на чоколада и ликер. Виното од вранец, сервирано на собна температура, добро одговара со сите македонски јадења, како и со црвено месо, дивеч, месо на скара и чадено месо.

Кратошијата е сорта грозје што има долга историја, а се смета дека на територијата на Македонија се негува уште од антички времиња, кога виното се точело во амфори и се испорачувало кај високите благородници. И покрај тоа што неколкупати ѝ се заканувало истребување, кратошијата опстанала, а лозарите успеале да ја спасат како врвна сорта.

Кратошијата има високо винско педигре и е една од најпознатите сорти на црно грозје во Македонија. Созрева во втората половина на септември во регионот на Повардарјето, а во останатите зрее малку подоцна. Бара средно плодни и умерено влажни почви и добро поднесува суша, при што развива голема шеќерност и поинтензивна боја.

Вината произведени од кратошија се средно јаки со 11-12 проценти алкохол. Кратошијата е суво црвено вино и има темноцрвена боја со богат хармоничен вкус и арома. Најдобро одговара со сите видови месо на скара и со пикантни сирења. Сервирајте го на температура од 18 до 20°C.

Promote your Service

Activity

Add up to 3 images.

Validation code:
Enter the code above here :

Can't read the image? click here to refresh.