Салата
Бројот на сончеви денови во Македонија понекогаш достигнува дури 280 годишно. Тоа е само еден показател за погодната клима што овозможува успешно одгледување разни видови зеленчук.
Најкарактеристични за ова поднебје, несомнено, се доматот и пиперката. Доматите се крупни, сочни и свежи, примамуваат и по изгледот и по сочниот вкус. Автохтон вид домат на територијата на Македонија е јаболчарот. Пиперките се среќаваат во разни видови – зелени, жолти и црвени, благи или лути. Се јадат свежи, а освен што се употребуваат во салати, може да се печат на скара и да се користат и за киселење. Лутата пиперка е незаменлива во подготвувањето на пикантните јадења.
На секој чекор по пазарските тезги може да најдете огромен избор на свеж зеленчук за вашата трпеза. Исто така, огромен е и изборот на салати во кои може да го комбинирате зеленчукот. Тоа претставува рај особено за оние што се грижат за здрава исхрана.
Традиционалната македонска салата се подготвува во комбинација со свежи домати, краставица, кромид, печени пиперки и магдонос. Најкарактеристични салати во македонската кујна се и шопската и егејската салата, таратурот, како и салатата од марула.
Главното искуство што мора да го доживеете во Македонија за да станете дел од традиционалниот начин на исхрана, е стариот обичај на мезење. Тоа го практикуваат вистинските уживатели, кои пред да прејдат на главното јадење, принесуваат чашка студена ракија. Таа се пие паралелно со консумирањето на салатата, а дури и да не сте љубител на алкохолните пијалаци, ќе посакате барем еднаш да пробате што има толку посебно во оваа магична традиција оставена во аманет.