Ракија
Ракијата претставува нераскинлив дел од македонската трпеза, која во придружба со убава салата, добар муабет и добро друштво, ја стоплува душата, го отвора апетитот и ги зближува луѓето.
Стар обичај е гостинот во секој дом да се пречека со чашка ракија и мезе. Традиционално се служи во чоканче. Доколку се пие умерено, може да биде и поволна за одржување на здравјето. Неслучајно предците ја нарекла „народен лек“.
Во Македонија постои вековна традиција на грижливо одгледување винова лоза и правење ракија. Најчеста е лозовата ракија, која се произведува со јачина меѓу 40 и 60 проценти алкохол. Лозовата ракија може да биде бела или жолта. За престолнина на грозјето и на лозовата ракија се смета градот Кавадарци.
Во одредени краеви на Македонија особено популарна е и слиловицата. Во секоја нејзина голтка се чувствуваат мирисот и вкусот на сливата, а некои луѓе знаат да кажат дека оваа ракија подмладува.
Еден од најпознатите македонски брендови е популарната струмичка мастика, која е ракија зачинета со анасон. Најубава е во струмичкиот регион, каде што се пече повеќе од три века. Оваа мастика е најпозната на балканските простори, а исклучителниот квалитет се должи на тоа што е правена единствено од природни суровини.
Македонскиот народ традиционално произведува ракија и во домашни услови. Процесот не е многу сложен, но затоа е потребно големо искуство, долго време и многу грижа. Би било прекрасно ако до вас дојде некоја лежена и чувана ракија во буриња од даб или црница. Таа добива посебна златна боја и има полн и богат вкус.
Македонските ракии имаат добивано признанија и награди на странските саеми и се добро прифатени од секој што еднаш ги вкусил. Изборот е огромен – останува на вашата желба и на моменталното расположение да видите за која ќе се одлучите и со кое јадење ќе ја послужите. Треба само да знаете дека сѐ додека не пробате македонска домашна ракија, не можете убаво да ја запознаете оваа земја.