Мезе
Ладните предјадења во Македонија некогаш се нарекуваат и продолжено мезе. Тие се вистинска увертира во македонската трпеза, пред да се прејде на главното јадење.
Како една од потешките работи за подготовка, тука спаѓаат традиционалните солени пити, кои може да имаат разни форми и вкусови. Најчесто се полнети со сирење, спанаќ или штавеј. Понекогаш наместо пита може да се сервира и вкусна баничка.
Одличен избор за предјадење се и зачинети варени јајца, солени палачинки, маринирани шампињони, проја, а во летните периоди неодоливо вкусни и освежителни се тиквичките, кои најчесто се сечкаат на крукчиња и се поховаат, но може да се принесат и барени, измешани со ситно сечкан лук и магдонос.
Во минатото било неопходно зеленчукот да се подготви и за зимските месеци, кога го немало во природата. На тој начин, неизбежен дел од македонската кујна станала живата туршија, чија традиција на подготовка продолжува и до денес. Оваа храна е богата со минерали и витамини. Се подготвува на таков начин, што во специјално направена киселина се конзервираат пиперки врвовинки, зелени домати, карфиол, моркови и крастивички.
Како предјадење се служи и ајварот, кој претставува гордост на македонската трпеза. Тој е карактеристичен пример за зимница, се прави од црвени пиперки и е една од најголемите тајни на балканската кујна. Традиционално се подготвува и во домашни услови, на отворен простор.
Вкусен придружник на ајварот може да бидат и лутеницата, малиџаното и многуте видови пинџур, кои претставуваат врвни деликатеси. Во прилог на ручекот се принесува и макало од лук, компир или грав. Макалата се брзи за подготовка и, исто како пинџурот, може да се послужат во традиционален земјен сад, во придружба со сирење.
Ритуалот на продолжено мезе во Македонија претставува магија на комбинирани вкусови што нема да посакате да престане.