Широки панорамски погледи од Водно
Водно е средновисока планина сместена во јужниот дел на Скопската Котлина, северна Македонија. Планината има поволна географска положба, бидејќи во негова близина се наоѓаат важни патишта, железници и најпрометното место во земјата, градот Скопје. Највисоката точка на Водно е врвот Крстовар, висок 1066м, каде се наоѓа колосалниот Милениумски крст. До крстот сообраќа кабинска жичарница, која го носи неговото име. Планината располага и со парк – шума, планинарски домови, повеќе угостителски објекти со уредени патеки за планинарење и широки панорамски погледи.

Жичарницата до Водно
Од Водно се гледа речиси целата Скопска Котлина и градот Скопје. Затоа е еден од најпосетените локалитети во околината на Скопје. Во јуни 2011 година беше пуштена во употреба жичарницата од Средно Водно до Милениумскиот крст, чија траса е долга 1.750 метри и се искачува од 570 до 1.068 метри надморска височина. Жичарницата располоага со 28 кабини со носивост од 640 килограми и капацитет за осум лица, како и две кабини за по четири лица. Гондолите од надворешната страна се опремени со држачи за велосипеди.

Рекреативен туризам
Водно ги има сите предуслови за развој на рекреативниот туризам. Планината Водно нуди извонредни услови за развој на друмски и планински велосипедизам. Многу често шумските патеки се користат од планинските велосипедисти, кои што ги споделуваат заедно со планинарите под мотото „Споделуваме и се почитуваме“. До врвот на планината наречен Крстовар, се стигнува од две страни.

Од северната страна се стигнува по асфалтен пат што започнува кај основното училиште Кочо Рацин и е во должина од 11,6 километри. Овој пат во почетокот е широк булевар со три сообраќајни ленти и велосипедска патека. Потоа се стеснува, но сеуште нуди простор за автомобили и друмски велосипедисти. Овој пат прави вкупна висинска разлика од 770 метри, со просечна косина од 6,6%. Овој пат нуди прекрасен поглед на градот и места специјализирани за одмор, т.н видиковци. Сообраќакјот е дозволен до Средно Водно, каде што е поставена рампа за забрана за автомобилите и започнува пат отстапен само за пешаците и велосипедистите. Најстрмниот дел започнува после местото викано Детско одморалиште. Овој пат има и опција за пристап преку селата Долно и Горно Нерези. На овој пат се одржува трката во друмски велосипедизам, како дел од манисфестацијата Прв до врв.

Јужниот пристап кон врвот започнува во селото Долно Соње и се движи по широк тампониран неасфалтиран пат. Овој пат е во должина од 7,9 километри и се добива вкупна висинска разлика од 390 метри, со просечна косина од 4,9%. Пределот нуди прекрасен поглед на јужните падини на планината Водно и Мокра Планина со врвот Солунска глава. Овој пат најчесто го возат планинските велосипедисти заради типот на подлогата.
Повеќе информации за Водно на следнава страна.