Кожуф - недопрена еколошка природа
Планинскиот масив Кожуф се простира на јужната граница на Македонија, па поради близината со Егејското Море, климата е контитнентално-медитеранска и затоа е идеална за кој било ден од годината. Ако навратите во потоплите денови, тогаш ќе се надишете чист воздух, во кој се насетува недалечното море и ќе уживате во природните убавини и ресусри. Кожуф е идеален за планински велосипедизам, јавање коњи, параглајдинг, пешачење, лов и риболов, како и за кајак на реката Точинца. Кожуф е недопрена еколошка природа во овој регион од Европа.
„Гол човек“
Кожуф Планина изобилува со огромен воден потенцијал. Од оваа планина извираат многубројни реки. Реката Дошница е една од најубавите и најчисти реки во Македонија. Од изворот под Зелен Брег, до местото каде што се влева во Вардар нема ниеден индустриски објект кој ја загадува реката. Таа е најчистата река во која опстојуваат пастрмката, кленот, ракот и други риби. На Кожув сè уште опстојува рисот како редок и заштитен вид.
Растителниот свет е богат на Кожуф со најразновидни видови, но секако најатрактивни се лековитите билки и растението „Arbutus andrahne“, кај народот познато како „гол човек“, кое е заштитено и со закон. Тоа е единствено зимзелено дрво што двапати годишно ја менува својата црвеникава и лушпеста кора. Кога ќе го допрете имате чувство дека допирате нежна човечка кожа. Лисјата му се јајцевидни, а цветовите распоредени како гроздови.
Највисоките појаси имааат субалпски пасишта, а на околните бачила може да вкусите природни и еколошки млечни производи од козјо и од овчо млеко. Доколку го посетите Кожуф во периодот од јули до септември, ќе имате ексклузивна можност да дегустирате овчо кисело млеко, прелеано со планински мед и со свежи шумски боровинки, јагоди, малини и капини. Овчарите го викале мркало.
Рудникот Алшар
Како резултат на бурната вулканска активност во блиското геолошко минато на Кожуф, се бројните ретки минерали на западната планинска страна. Најголемата мистерија на Кожуф претставува најголемото наоѓалиште на талиумови минерали во светот – рудникот Алшар. Рудникот Алшар е познат во светски рамки по појавите на талиум, посебно минералот лорандит – еден од најретките минерали во светот. Лорандитот се користи во научни цели за детектираање на неверојатно ситни честички т.н. неутрини кои доаѓаат од Сонцето и укажуваат на тоа што се случува во неговата внатрешност. Поради тоа, за кожуфскиот лорандит е заинтересирана и НАСА.
Рудникот Алшар се наоѓа на 300 м оддалеченост од малото село Мајден. Во неговата внатрешност се влегува низ осум широки отвори во земјата. Се наоѓа околу 40 километри јужно од Кавадарци и ги зафаќа источните падини на Кожуф, а на исток е ограничен со западните падини на планината. Пределот Алшар е и значаен флористички локалитет, на кој се наоѓаат ендемните видови алшарска и арсенска темјанушка.
Туристички атракции на Кожуф
Без разлика дали ќе дојдете на скијање и сноубординг или на планински велосипедизам, планинарење, јавање коњи, риболов, висински спортски подготовки или за набљудување птици, на Кожуф ќе се чувствувате како џинови, поради недопрената природа – шуми измешани од букови и од елови дрвја. Сите што имале можност да го посетат Кожуф останале одушевени од амбиентот и уникатните туристички атракции. Буковата шума го дава најдобриот кислород за човекот, кој во себе содржи антибиотски својства. Еловата шума произведува кислород богат со етерични масла што дејствува смирувачки. Под врвот Момина Чука има 33 извора, за кои локалното население вели дека имаат чудотворна планинска вода.
Денес на површина од 2.000 хектари, на Кожуф се наоѓа скијачки центар, чија изградба започнала во 2001 година. Центарот е најсовремено опремен и располага со два ски-лифта со капацитет на носење по 3.000 скијачи за еден час до врвот на жичарницата, еден шестосед (единствен од таков тип на Балканот), ресторан, бачило, 16 апартмани и скијачки патеки во должина од 16 км. Овој центар располага и со опрема за вештачки снег. Најновиот ски-центар во Македонија, кој е еден од најелитните во Југоисточна Европа, се наоѓа на планината Кожуф.
На Кожуф постојат и два извора на минерална вода. Најпосетуваниот туристички локалитет во општината е Смрдлива Вода, каде живописната природа не ви дава да здивнете. Локалитетот се наоѓа на надморска височина од 850 м, на оддалеченост од 24 километри од Гевгелија. Познато е по минералната вода и нејзината лековитост за стомачни заболувања и заболувања на желудникот и на бубрезите. Пределот нуди рекреација, чист воздух и посетеност во текот на целата година.
Повеќе информации за планината Кожуф на следнава страна.
.