Пешна - пештера со најголем отвор на Балканот
Неколку километри до Македонски брод, покрај патот за Самоков, може да се види пештерата Пешна, прогласена за споменик на природата. Се наоѓа од десната долинска страна на реката Треска. Изградена е во доломитски мермери. Со димензии 16,8 * 52,4 метри, според спереолозите, ова е најголемиот пештерски влезен отвор на Балканот. Таванскиот дел на отворот има висина од 40 метри, а самата пештера околу 50 метри. Должината на пештерата е 124 метри. Во пештерата се гнездат ластовици, а во неа живеат и лилјаци. Пешна во "Нујорк Тајмс" е опишана како идентична на измислените пештери во "Господарот на прстените" од Толкин. Неколку стотини метри од пештерата тече реката Треска, нудејќи идеално место за рибарење и пикник. Локалитетот на пештерата е пристапен за сите посетители, со пријатен амбиент за рекреативен туризам.
Легенда за Пешна
Оваа пештера го добила името по сестрата на Крале Марко – Пешна. Според легендата уште во 14-тиот век опеаниот македонски јунак Крали Марко и изградил куќа на својата сестра. Куќата ја изградил на самиот почеток од пештерата, која подоцна почнала да се нарекува Пешна. Со своите огромни и дебели камени ѕидови куќата наликува на мала тврдина. Благодарение на дебелите каменити ѕидови денес дел од тврдината е останат и може да се види. Oва ремек дело на природата со својата величествената големина, својата грандиозност и својата убавина ќе ве остави без здив.
Ендемски видови во подземните езера на Пешна
Интересно за оваа пештера е што во пролет, кога се топат снеговите од високите планини во тој предел, на влезот од пештерата ќе ве пречека жубор на мала река. Реката извира од малото езеро кое се наоѓа на крајот од пештерата. Потоа ќе ве пречекаат ѕидините на куќата на Пешна. А, веднаш зад неа огромна пештера која ќе ви го одземе здивот. На горниот дел од пештерата кој е висок триесетина метри, ќе наидете на прекрасни форми направени од самата карпа, кои дефинитивно ќе ви го задржат погледот. Без разлика каде ќе го спуштите вашиот поглед, тој ќе наиде на карпи кои достигнуваат големина и над два метри со прекрасен разигран релјеф. Во подземните езера на Пешна се пронајдени неверојатни водни животни- слепи риби, какви што нашите селеолози не виделе на ниедно друго место.
Благодарение на огромниот отвор, сончевите зраци успеваат да продрат дури и до крајот на пештерата и слободно можете да прошетате низ неа без никаков проблем. Кога ќе стигнете до крајот на самата пештера, свртете го вашиот поглед наназад за да не го пропуштите овој несекојдневен видик кој плени со својата убавина.
Повеќе информации за пештерата на следнава страна.