Ѓоновица народно Убавица
Пештерата Ѓоновица (народно именувана како Убавица) се наоѓа на планината Буковиќ, во непосредна близина на гостиварското село Горна Ѓоновица. За да се дојде до неа, треба да се минат петнаесетина километри по стариот макадамски пат Гостивар – Кичево. А, потоа педесетина метри над патот е влезот на овој бисер на подземните убавини. Инаку, името „Убавица“ е дадено поради изразитиот сталагмит во форма на женска силуета, но и поради големото богатство од разновидни подземни природни украси.
Во поголемиот дел на пештерата Ѓоновица, со исклучок на влезниот канал (85м), присутен е постојан подземен водотек. Покрај многубројните и разновидните пештерски украси со кои изобилува пештерата, особено интересно е последното пештерско проширување (10 x 13м), во која се наоѓа подземен водопад висок 5 - 6 метри. Toa претставува еден џиновски котел каде што водата од водопадот прави вител. Бучењето на водопадот кој е со височина од 6 метри и прекрасниот пештерски накит ја откриваат убавината на подземниот свет. Во пештерата Убавица истражувана е и рецентната пештерска фауна, при што е регистриран ендемскиот претставник на родот Ceutnophies, наречен Ceutnophiesboukoviki.
Убавица со раскош од пештерски украси
Со навлегувањето во пештерата Ѓоновица, по речниот тек почнуваат како бисер да се нижат пештерски украси изградени по страните на пештерскиот канал и по таванот. Понатаму се редат саливи со жолтеникава, а на поодделни места со небесно сина боја. Онаму каде варовникот е испукан се јавуваат најмали форми на сталактити во вид на тенки прозрачни цевчиња. Бојата им е бела до жолтеникава. Поедини постари облици се сраснати, изградуваат столбови меѓу таванот и саливите кои скалесто се спуштаат кон водениот тек. Како што се навлегува подлабоко во пештерата се откриваат мошне интересни комбинации на саливи, сталактити и сталагмити. Еден од најубавите делови во пештерата е каналот исполнет со вода. Во неговата средина се наоѓа сталактит кој навлегува во водата, а странично од него еден заостанат дел од помалку растворлив варовник кој има облик на жена.
Пештерата „Убавица“ (Ѓоновица) е ретка и единствена со својот раскош, со безбројните фигури од сталактити и сталагмити создавани со илјадници години. Пештерата има неколку галерии, столбови, ишарани тавани, разновиден пештерски накит, канал со вода, езерца, водопад висок седум метри, пет врела и што уште не во должина од над петстотини метри. Љубителите на пештерите откриваат нови подземни канали богати со разновиден пештерски накит. Спелеолозите претпоставуваат дека излезот на оваа пештера е од другата страна на планината Буковиќ, кај кичевското село Зајас. Заедно со претходно откриените 500 метри и новите 800 метри, “Убавица” стана меѓу најдолгите пештери во Македонија.
Повеќе информации за пештерата Ѓоновица на следнава страна.