Лесново - природна и духовна убавина
Едно од најуникатните села на територијата на Македонија, особено по својата местоположба, е несомнено селото Лесново. Селото Лесново е се наоѓа во североисточниот дел од Република Македонија. Тоа е единствена населба во Република Македонија што лежи во јасно изразен и сочуван фосилен вулкански кратер и меѓу најстарите села кое не ја променило својата положба со векови! Лесновската купа и кратерот на врвот се наоѓаат во западниот дел на Осоговските Планини, помеѓу Пробиштип и с. Злетово. Лесновскиот кратер претставува споменик на природата и геолошки раритет. Името на селото Лесново потекнува од зборот лес, што значи шума. Всушност, во минатото овој простор бил густо пошумен, па се смета дека од таму и името.
Административно селото Лесново припаѓа на општината Пробиштип. Сообраќајно е релативно добро поврзано со тесен асфалтен пат до градот Пробиштип (13 км) на запад и до селото Злетово (8 км) на југ. Оддалеченоста од главниот град Скопје изнесува околу 120 км или 2 часа возење. Лесново е едно од најстарите села во Македонија. Низ вековите, ова село никогаш не ја променило својата положба. Населението со векови изработувало воденички камења од квалитетните карпи. Поради својот исклучителен квалитет, овие камења биле испорачувани насекаде по Балканот. Во атарот на селото се наоѓаат и неколку пештерски цркви. Во селото Лесново има пет прекрасни чешми, изградени во традиционален стил и со природен материјал кои претставуваат атракција за посетителите.
Лесновски манастир во Лесново
Историјата на Лесново е неделива од постоењето на Лесновски манастир. Главната црква е посветена на Светите Архангели Михаил и Гаврил. Постои мислење дека манастирот бил изграден кога св. Гаврил Лесновски се замонашил или пак по неговата смрт, кога се развил култот за подвижничкиот живот (како што е наведено во краткото негово житие од 1330 година). Постои мислење дека манастирот бил изграден во втората половина на 11 век, кога во крајот северно од Брегалница бил развиен силно култот за пустожителите, меѓу кои и за светиот отец Гаврил. Овој манастир е еден од побогатите книжевни центри во Македонија. Низ повеќе институции надвор од Македонија се чуваат ракописи што се пишувани во него или потекнуваат од неговата богата библиотека.
Kнижовно училиште во манастирот се нарекувало Скрипториум. Постоело уште од половината на XI век , но имало и калиграфско (препишувачко) училиште формирано во XIII век. Се до 40-тите години од XIX век во манастирот се наоѓала и најголемата библиотека на Балканот, со огромен фонд на книги и ракописи собирани од најстарите времиња и најдалечни краеви, но и создавани тука на автохтоното македонско подрачје. Манастирот Св. Гаврил Лесновски е еден од најзначајните и најубавите средновековни и сакрални споменици на културата, не само во Република Македонија туку и пошироко. Не само што со своето богатство и содржини на иконостасот и фрескосликарството претставува голема мистерија, туку тој е познат и по својата моќ да лекува болни лица. Масовната посета на манастирот е за време на празниците 21 септември и 28 јануари, кога доаѓаат голем број поклоници, посетители и гости.
Повеќе информации за Лесново на следнава страна.