Бабино


Бабино воздушна бања среде недопрена природа

Постои верување дека на еден од трите рида меѓу кои е сместено селото Бабино, во близина на Демир Хисар, минал и апостол Павле при неговата посета на Македонија. Можеби токму затоа овој крај е необично благословен со исклучително богатство на питка вода. Само по текот на Базерничка река, речиси на секои сто метри постои по еден извор, сѐ до вливот во Црна Река. Вгнездено под недогледната шума од дабови крошни во сите свои видови: благун, цер и горун и полувековни дабови насади, на 650 до 700 метри надморска височина, Бабино е идеална воздушна бања. За посакувана дестинација за одмор и за рекреација во кое било време од годината придонесува и климата. Средна месечна температура од 10 степени Целзиусови, највисоката 22, а најниската минус три.


Бабино

Најголемата приватна библиотека во село Бабино

Секој намерник во селото може да згасне и поинаква жед – жедта за просветлување. Тоа е благодарение на најголемата приватна библиотека во Македонија што има тривековна колекционерска традиција. Библиотечниот фонд се состои од неверојатни 25.000 наслови. Содржи ретки изданија и уникатни дела напишани на персиски, старотурски, старословенски и на арапски јазик. Најстаро издание претставува Арапскиот речник од 1307 година. Библиотеката е сместена во куќа со традиционален изглед, во неа постои отворена етно-соба, додека пак во дворот е изграден приватен амфитеатар, каде што се одржуваат промоции, поетски читања, музички концерти и др. настани. Интересно е и тоа што од Бабино потекнуваат 162 учители, кои по Втората светска војна ја ширеле писменоста низ цела Македонија.


Бабино

Традиционални вештини на локалното население од Бабино

По течението на Базерничка Река се наоѓа и рибник, каде што може да се вкусат многу рибини специјалитети, но и неколку вида традиционална македонска храна. Локалното население е вешто во обработка на дрво, ткаење, везење и други традиционални вештини. Куриозитет претставува тоа што мештаните и во стари години имаат бујни коси. Се верува дека поседуваат таинствен лек против опаѓање на косата. А покрај сето зеленело и шумско богатство со најразлични плодови и лековити растенија. На идеална надморска висина од 750 метри, не е ни чудно тоа што просечниот век на жителите достигнува и до 90 години!


Бабино

Село Бабино - Благодатот на Змејовата дупка

Во Бабино, како и во целата околина, има многу пештери, достапни и недостапни, малку или воопшто неистражени и непроучени. Нивната мистичност ги плете локалните приказни, кои на крај се сведуваат на вековни легенди. Таква е онаа за Змејовата дупка што се наоѓа на околу 700 метри од центарот на селото Бабино. Според локалните кажувања, има необјасниви благодатни влијанија врз нејзините посетители. Постои верување дека ако на Духовден млади брачни двојки без пород по полноќ или рано наутро влезат во таа пештера и се измијат со водата од пештерата, ќе имаат деца.


Бабино

Село Бабино - Легендата за најубавата девојка и змејот

Од усните преданија и според кажувањата на постарите жители од селото Бабино, останала легендата за најубавата девојка од селото која од оро ја грабнал змејот. Ја однел во Змејовата дупка. Кога ноќе излегувал и ловел ја затворал соогромен камен. Мајката на девојката многу жалела и секоја ноќ со неа зборувала преку каменот. Една вечер на ќерката и рекла да го праша од што му е смртта. Змејот и кажал дека смртта му е од пиење солена вода. Мајката следната вечер и однела сол. Кога дошол змејот, многу уморен и жеден, девојката ја турила солта во кадата каде што се наоѓала водата и така го отрула. Бидејќи девојката не можела да излезе, а змејот ја проколнал, тие двајцата се скамениле.


Пештерата е на десната страна од Црна Река, на падините од Павлов Рид, на 780 метри надморска височина. Од Бабино до неа се стасува преку месноста Три дабје, по дваесеттина минути пешачење.


Повеќе информации за село Бабино на следнава страна.






Promote your Service

Activity

Add up to 3 images.

Validation code:
Enter the code above here :

Can't read the image? click here to refresh.