Стара чаршија
Доколку од некој скопјанец побарате да дознаете на кое место може да се почувствува духот на главниот град, тој сигурно веднаш ќе ве упати на прошетка до Старата скопска чаршија. Постои единствена причина зошто тоа е така – чаршијата е место што ја спојува традицијата со модерното, таа е крвоток на градот, каде што познанствата се одржуваат и се прошируваат, во неа секој чекор е парче историја, секоја градба ве восхитува. Чаршијата го отсликува мултикултурното општество на градот.
Скопската чаршија опстојува повеќе од седум века. Се простира од Камениот мост до Бит-пазар и Калето. Била изградена по пример на другите византиски метрополи. Во 16 и 17 век станала една од најважните ориентални чаршии на Балканот, а во средина на 17 век во неа имало дури 2150 дуќани. Иако преживеала неколку катастрофи, како што е пожарот од 1689 година или земјотресот од 1963 година, чаршијата опстанала до денес и претставува гордост на градот. Сега преовладува отоманската архитектура, но се забележуваат и остатоци од византиската.
Особени знаменитости се ановите, меѓу кои Сули ан, Капан ан и карван сарајот Куршумли ан; како и амамите какви што се Чифте или Даут Пашин амам – и секој од нив носи своја неповторлива приказна. Речиси да нема поважен објект од чаршијата кој денес не е претворен во галерија или музеј.
Прошетајте по тесните улички поплочени со калдрма низ лавиринтите на чаршијата, изгубете се во убавината на архитектурата, посетете некој од дуќаните, вкусете лахмаџун, ќебапи или бурек, насладете се со локум, напијте се чај...
Вдишете ги длабоко заводливите миризби од минатото.