Подигнат на висока карпа над брегот на најјужната точка на Охридското Езеро се наоѓа еден од најубавите манастири во Македонија, кој воедно претставува и еден од првите споменици на словенската црковна архитектура и уметност во охридскиот крај – манастирот „Свети Наум“.
Основач на манастирот е средновековниот писател и учител Наум, кој е и еден од основоположниците на словенската и македонската писменост и просвета, ап огледот кон природните убавини околу манастирот ќе ве натера да помислите дека на овој простор небесната убавина навистина се симнала на земјата.
Црквата „Св. Архангел“ претставува централен дел од манастирскиот комплекс. Изградена е со основа во облик на лист на детелина. Тука бил погребан свети Наум, а местото со векови наназад привлекувало поклоненици од различна вероисповед, кои им оддавале почит на моштите на светецот положени во одделен параклис на јужната страна на црквата.
Околу 10-13 век Наумовата црква била потполно урната, а сегашната црква е подигната на нејзините темели во 16 век. Била доградувана и проширувана во неколку фази, а последното значајно обновување било извршено кон крајот на 18 век. Со својата убавина и значење се издвојува иконата Успение на св. Наум, што претставува најстара претстава на оваа тема. Манастирската црква е позната и по карактеристичната резба, која датира од 17 и почетокот на 18 век.
Кога ќе дојдете во Македонија, не пропуштајте да го посетите гробот на свети Наум и странично да ја положите главата врз него. Ако почекате и ако се сосредоточите, ќе чуете длабок тропот, за кој верниците ќе ви речат дека е од срцето на светецот.