Животот на Мајка Тереза
Гонџа Агнес Бојаџиу е родена на 26 август 1910 година, на тогашната улица “Поп Кочина” број 14, која што се наоѓала на сегашниот плоштад Македонија. Мајка Тереза била најмалото дете во семејството, имала постара сестра Ага и постар брат Лазар. Ага е родена во 1904 година, а Лазар во 1908 година. Податоците за таткото на Гонџа, Никола Бојаџиу, не се расчистени докрај. Според едни тој бил трговец, а според други аптекарски помошник. Тој бил и член на Советот на Скопје како единствен католик. Починал во 1919 година. Мајката Драна била домаќинка и исклучително религиозна жена. Таа потекнува од фамилијата Бернај од Косово. Нејзиниот татко бил трговец и големопоседник.
Гонџа потекнува од добростоечко семејство и во него владеело правилото да се помогне на секој на кој му е потребна помош. Драна била вредна жена и за да им овозможи на децата сигурен живот, по смртта на Никола, започнала да шие и да везе. Се верува дека името Гонџа го избрал нејзиниот татко. Тоа е турско име и значи пупка или цвет од роза. Кога Мајка Тереза наполнила седум години тргнала на училиште, прво во црквата “Пресвето Срце Исусово”, а подоцна и во државното училиште. Во Католичката црква во Скопје, каде што била крстена само еден ден по своето раѓање, ја примила и првата причест. Гонџа, пеела во хор, играла во црковниот и градскиот театар, танцувала, рецитирала, свирела мандолина, пишувала поезија.
Мисија на Мајка Тереза
Во почетокот на XX век, католичката црква Пресвето срце Исусово во Скопје, била водена од редот на Исусовци. Отец Фрањо Јамбрековиќ, често на верниците им читал писма од мисионерки од Индија и Африка. Тој живописно им го објаснувал животот на мисионерките. На тој начин, тој одиграл голема улога во одлуката на малата Гонџа да замине за Индија да го посвети својот живот на Бога. Конечната одлука да го напушти Скопје ја донела затоа што на 12 годишна возраст добила повик од Бога.
По 6 години, таа конечно, го напушта родното Скопје. Заминува за Даблин, Ирска од железничката станица во Скопје. Заедно со мајката Драна и сестрата Ага заминуваат за Загреб, од каде, после две недели, Гонџа заминува за Ирска. Ова е последната средба на Гонџа со своите мајка и сестра. Во 1928 година заминува од родниот град и преку Даблин оди вo Бенгал и Калкута во Индија. По само два месеца таа си ја исполнува својата желба и се приклучува кон редот „Лоретски сестри“ во Бенгал. Во Калкута ја дава својата прва заклетва. Потоа е активна 17 години во училиштето „St. Mary's School“ во Калкута. Најпрво како наставничка, а потоа унапредена во директор.
Мајка Тереза - „Светица на бедниците“
На едно од бројните патувања низ милионскиот град Калкута таа во 1946 год. го почувствува Божјиот повик да им помага на сиромашните. Дури две години подоцна добива дозвола да го напушти редот. Мајка Тереза била ексклаузирана, односно значи можеше да го напушти редот без притоа да се откаже од својот статус на калуѓерка. Оттогаш Тереза живее со најсиромашните во предградијата на Калкута. Еден нејзин портрет во магазинот LIFE, кој стана славен, и го даде прекарот "Saint of the Gutters" („Светица на бедниците“, или буквално „Светица на сливниците“).
Оттогаш, секаде и секогаш таа се именува со Исус, ширејќи ја својата молитвена порака дека „Светот не е гладен само за леб, туку уште повеќе за љубов“. Како основач на редот Мисионери на милосрдието, се посветила на добротворна работа помагајќи им на болните и сиромашните луѓе,
Мајка Тереза и редот „Мисионерки на љубовта кон ближниот“
Во 1950 год. го основаше редот „Мисионерки на љубовта кон ближниот“, а во 1951 добива индиско државјанство. Членовите на овој ред мораа да се обврзат на несклучување брак, на сиромаштија и послушност. Подоцна овој ред беше признат од страна на папата и беше под негова контрола. Мајка Тереза со редот посебно се грижеше за лица што беа пред смрт, сирачиња и болни. Нивниот посебен ангажман, сепак, беше грижата за болните од лепроза. Денес редот на Мајка Тереза брои преку 5000 сестри и преку 500 браќа во повеќе од 100 земји од светот. За нејзиното несебично дело таа доби голем број награди. Најзначајна, без сомнение, беше Нобеловата награда за мир од 1979 год. Говорот на Мајка Тереза по повод добивањето на Нобеловата награда.
„Не успехот, туку верноста во верата е важна.“ - Мајка Тереза
На често пати големиот недостаток на медицинско образование на своите соработници Мајка Тереза милувала да одврати со: „Не успехот, туку верноста во верата е важна.“ Покрај признанието од целиот свет за нејзината работа, нејзиното конзервативно убедување било критикувано. Така, во политиката на абортирање на многу земји Мајка Тереза го гледала „најголемото загрозување за мирот во светот“. Кога во Ирска требало да се гласа за тоа дали одлуката треба да се легализира, таа ги повикала Ирците да гласаат со „Не“.
Во 1980 година таа е прогласена за почесен граѓанин на нејзиниот роден град Скопје.
По своето заминување во божја и хуманитарна мисија за помош на гладните и осамените, го посетила четири пати - во 1970, 1978, 1980 и во 1986 година. По неколку годишна борба со болест на срцето и белите дробови, Мајка Тереза, почина на 5 септември 1997 година на возраст од 87 години. Во знак на благодарност, индиската влада, на 13ти септември, организира погреб со највисоки државни почести.
Беатификација на Мајка Тереза
Две години по нејзината смрт, Папата Јован Павле II, ја започнува диоцезиската фаза од процесот за беатификација и канонизација. По беатификацијата на Мајка Тереза, која на 19 октомври 2003 ја извршил папата Јован Павле Втори, таа ја добила титулата Блажена Мајка Тереза, која ја носела сè до нејзиното прогласување за светица откако црквата официјално утврдила дела има изведено и второ чудо. На 17 декември 2015 г. Ватикан потврдил дела папата Франциско го признал второто нејзино чудо со лечењето на човек од Бразил со повеќе тумори на мозокот. Папата ја канонизирал Мајка Тереза на 4 септември 2016 на плоштадот „Свети Петар“ во Ватикан пред десетици илјади луѓе, меѓу кои 15 службени делегации 1.500 бездомни лица од цела Италија. Свеченоста се пренесувала во живо на ватиканската телевизија и на интернет.
Повеќе информации за Мајка Тереза на следнава страна.