Водич до Манастирите во РМ
И покрај европската локација, Република Македонија е изненадувачки неоткриена земја, богата со природни убавини, историја и култура. Историски погледнато, манастирскиот туризам во земјава има долга традиција и постојат извори во кои се наведува сместувањето на патници и гостопримството на манастирите во минатото. Манастирските комплекси биле мошне богато изградени со повеќекатни конаци со проширени и испуштени чардаци, безбедносни кули, камбанарии, со мноштво еко- номски згради, бачилa, подруми за вино, ракија и зимница. Манастирите имале свои метоси, шуми и ливади, испаши, лозја и овоштарници, движен имот и жив добиток како овци, кози, говеда, а се занимавале и со пчеларство. Македонските манастири секогаш низ вековите биле со широко отворени порти за намерниците и верниците и за сите добри луѓе, за да се одморат, да се нахранат, да преспијат и пак да го продолжат својот пат.
Тие ги помагале сиромашните и снеможените. Во нив се одвивал монашкиот живот, а од друга страна претставувале важни книжевни центри. За потребите на манастирите се создавани зографски, резбарски и градителски тајфи, кои ги украсувале не само манастирите во Македонија, туку биле најдобри и најбарани зографи, резбари, градители и иконописци на просторот на целиот Балкански Полуостров. Во Република Македонија, денес постојат повеќе од 270 манастири. Од нив 150 се зачувани манастири, од кои поголемиот број се од локален карактер, како и 120 кои се урнати или полуурнати. Меѓутоа, голем е бројот на манастирите кои се од особен интерес за посетителите и кои имаат регионално, национално, а некои од нив и интернационално значење.