Татковината на книгите во село со еден жител
На само 17 километри од Демир Хисар, вгнездено под недогледната дабова шума помеѓу три рида, се наоѓа Бабино, познато како селото на учителите и комитите. Некогаш важело за големо село. Но денес е обземено со тишина. Со само еден постојан жител Бабино ја дели судбината на други опустошени македонски села. Може ова да биде уште една страница во тажната приказна за изумирањето на селата, но не, Бабино има светла точка. Тоа е „АЛ-БИ“ - најголемата приватна библиотека во Македонија, стара речиси 150 години, која крие непроценливо културно богатство. Рано наутро пристигнавме во Бабино, беше празно и тивко, а домаќински нè пречекаа неколку кучиња. Едното од нив тргна да нè води низ тесната уличка, небаре знае каде сме се упатиле. Уште со првите чекори и погледот кон првата камена куќа нè обзема чувство како тука времето да застанало – распаднати градби, надвиснати настрешници, обраснати ѕидови на кои неретко има поставено табли кои информираат дека се работи за родната куќа на некој познат македонски писател или револуционер. Од десната страна на уличката уредно се поставени патокази кои водат до библиотеката „Ал-Би“ која беше главната причина за нашата посетата на Бабино. Малото кутре кое постојано скокаше по нас, влезе во еден двор и ни упати поглед како да сакаше да ни каже „за тука сте, повелете“. Пред нас исправено стоеше една голема куќа, со прекрасно уреден двор и широко отворена порта од каде што се наѕирааше првата витрина на библиотеката. Од куќата излезе Стево Степановски, сопственикот на „АЛ-БИ“, кој гостопримливо нè пречека со домашна ракија, органски јаболки и ореви. Тоа беше веројатно најдобрата ракија која некогаш сме ја пробале, а како што вели Стево, се работи за рецепт со долга традиција. Но, ракијата не е единственото нешто што има долга традиција тука, впрочем, првите наслови кои си го нашле домот во библиотеката „АЛ-БИ“, како што вели Стево, датираат од 1882 година, кога за прв пат ги донел неговиот прадедо Јован и ги поставил темелите на оваа библиотека која е складиште на културно богатство со непроценлива вредност. Тоа биле книги на персиски, старотурски и арапски јазик печатени во Багдад, Дамаск, Истанбул, Анкара... Најстарата книга е од 1307 година која е всушност арапски речник, но како што вели Степановски, голем дел од книгите кои ги поседува се со непозната година на печатење, па голема е веројатноста да има и постари. Денес, овој дом на книгите брои импозантна бројка од 20.000 наслови, од кои голем дел се особено знајачни за македонската историја. Тука се изложени првиот број на Македонскиот правопис, добиен лично од академик Божин Павловски, првиот примерок на „Волшебното самарче“, добиен од внукот на Ванчо Николески, сите изданија на „За македонцките работи“ на Крсте Петков Мисирков, примерок од првото издание на македонскиот Буквар, првото издание на весникот „Нова Македонија“ печатен во Горно Врановци, зборникот на народни песни на браќата Миладиновци, примерок од „Македонија – Швајцарија на Балканот“ на Ванчо Михајлов, ракописи и документи од особено значење за НОБ и Илинденското востание...
Но, тука се чуваат и многу ретки дела кои речиси е невозможно да се најдат на друго место, како што е еден од трите примероци на „Македонија на Македонците“, печатена во 1906 и во 1908 година, од српскиот автор Иван Иваниќ, која содржи огромен број податоци за македонски историски личности, со многу детали за загинати војводи, нивното потекло, фамилии, па дури и наведени имиња за тоа кoго тие убиле и од кого биле убиени. Другите два примерока се наоѓаат во Јагодина и во Белград. Исто така, „АЛ-БИ“ поседува и многу ретка збирка на фотографии од Првата светска војна на териториите на Македонија, фотографирани од непознат германски воен известувач, насловени „Од македонското боиште“, а на насловната страница е поставен ликот на Александар Македонски. Покрај бројниот фонд на книги кои се во релација со Македонија, библиотеката на Стево е дом и на бројни наслови кои се значајни за светската историја. Тука се чува ретко печатено издание на „Деветтата симфонија“ на Бетовен, „Аида“ со непозната година на печатењето, една од најраните копии на Куранот, музичкиот лексикон на Карл Јунек... Библиотеката е збогатена и со уште една соба која претставува етно-музеј, каде што е претставена традиционална македонска соба, со предмети кои се собирани од околината на селото. Изложени се преку 120 стари предмети, речиси сите стари најмалку 100 години, а најстариот е бакарна тепсија која датира од пред 500 години. Стево сето ова го работи сам, со многу труд и љубов, без комерцијална основа, овозможувајќи му на секој вљубеник во книгата без никаков надомест да ужива во оваа богата колекција на вредни дела. Секој член на библиотеката добива и посебен пасош за влез во татковината на книгата, а денес „АЛ-БИ“ брои неколку илјади членови од кои голем дел се македонски академици и видни научници од странство. Сепак, желбата да остави нешто вредно за селото, но и за цела држава, како што вели не е доволна, затоа што нема поддршка од институциите. „Недоволно се цениме самите, еве да не зборуваме само за „АЛ-БИ“, да го земеме за пример музејот во Подмочани или музејот на Моне во Џепчиште кој има преку 1500 предмети. И тие немаат поддршка. Во нашата библиотека имаме преку 350 дела од областа на музиката, преку 1000 наслови од медицината, колку што чинам, немаат ниту Универзитетот, ниту пак Националната библиотека. Имаме книги и документи кои според мене имаат поголема вредност од дел од богатството на Национална библиотека, а таму имаат 200 вработени, додека тука сум само јас. Работам без профит, ништо не наплаќаме, ниту од членовите, ниту од посетителите. Ми изгледа како државата да не е заинтересирана, како да не умее секогаш да ги препознава вистинските вредности“, вели Степановски. Оваа тема за момент ја отргнаа насмевката која дотогаш владееше на лицето на Стево. Излегувајќи од вратите на библиотеката, повторно дотрча она куче кое нè пречека во селото. Стево го повика, името му е Роки, а тоа веднаш, со разиграно опавче, дотрча до неговиот газда и почна да се гали. Истиот момент се избриша огорченоста од лицето на Стево. Ни раскажа дека Роки му е верна придружба и дека никогаш не го остава сам да шета низ селото, а особено ужива во заедничките прошетки низ шумичките. Токму низ тие ритчиња Стево направил маркирана патека, поставил клупи, корпи за отпадоци, а преку Бабинска река изградил неколку симпатични дрвени мостови. Како што вели, успеал да си обезбеди духовно и рекреативно задоволство, а уште повеќе му е драго што оние туристи кои доаѓаат редовно ги користат овие патеки, кои им го збогатуваат престојот во селото.
Најголема приватна библиотека во Македонија
Најголем дел од туристите се од странство, единствено оваа година имало мал раст на домашни туристи поради кризата предизвикана од коронавирусот и неможнсота да се патува во странство. „Светот знае за нас повеќе отколку што знаеме самите за себе. Имаме гости од сите страни на светот, но за жал најмалку од Македонија. Неодамна во Бабино дојде и екипа од Discovery која сними прилог за библиотеката. “ – вели Степановски. Меѓу бројните странски туристи, библиотеката ја посетиле и многу познати личности. Неодамна, како што раскажува Стево, гостин му бил помошник на Доналд Трамп, личниот биограф на Мирослав Крлежа, бројни академици и нобеловци, но и познатиот фудбалер Златан Ибрахимовиќ, кој го препознал туристичкиот потенцијал на Бабино и сакал да го купи целото село. Селото Бабино има долга учителска традиција, речиси сите жители на Бабино во минатото биле даскали, па кога се појавила потреба од учителски кадар во градовите, започнало масовно иселување од селото. Денес, сликата во селото е тажна, баба Рада е единствениот постојан жител кој останал да живее во селото, а Стево е најчестиот „гостин“ во својот поранешен дом. „До неодамна бевме две бабички кои живеевме во селото, другата мораше да се пресели во град поради потреба од лекување, па сега останав сама. Но, убаво ми е тука, мојот комшија Стево често доаѓа, па убаво си живееме“, кратко ни проговори баба Рада, која што ги завршуваше своите бројни домашни обврски. Во светот вакви места се негуваат како вистинска благодат и не се оставаат да живуркаат на работ на егзистенцијата. Што ќе се случи со сè она што е макотрпно собирано низ годините кога веќе нема да има кој да ја одржува библиотеката во живот? Каде ли ќе завршат сите оние стари и ретки изданија, кои детално сведочат за вековното постоење на македонскиот народ и зошто историјата сè уште ја утврдуваат политички договори, игнорирајќи го сето она што е складирано низ македонските ризници? Познатиот поет Јосиф Бродски рекол: „Постојат поголеми злосторства од палењето книги. Еден од нив е нивното нечитање.“ Марко Џамбазоски Instagram: @markodzambazoski https://www.instagram.com/markodzambazoski/