Даниел Китески

Инспирација за вински туризам во Македонија – блог на Даниел Китески

Ако во зимскиот период, странските посетители се маѓепсани од убавините на Шара, Маврово и Пелистер, додека во летните месеци, прекрасниот Охрид привлекува илјадници туристи оде целиот свет, есента во Македонија е дефинитивно сезона на виното.

 

Ретко познат и помалку подзаборавен факт е дека на територијата на денешна Македонија се произведува високо-класно вино уште од античко доба (13-ти век п.н.е.) кога провинцијата Македонија претставува главен центар за производство на грозје и вино во Римската Империја. Таа улога на Македонија не е намалена и во нашата помодерна историја кога виното произведено во малата Македонија зафаќаше речиси 60% од вкупното производство на вино во бивша Југославија. Ова се факти кои говорат не само за богатата традиција на правење вино во нашата земја туку и за (за жал) се уште недоволно искористениот потенцијал за вински туризам во Македонија.

 

Сместена во централниот дел на Балканскиот Полуостров, со 260-290 сончеви денови, Македонија спаѓа во винската зона C III b, која го опфаќа поголемиот дел од Медитеранска Европа, вклучувајќи некои од најпознатите вински дестинации на стариот континент, како што се Провенс, Корзика и регионот Писпул де Пин (Франција), Болгери и Сицилија (Италија) и Санторини (Грција).

 

Уникатниот микс на медитеранска и континентална клима резултира со неколку од највисоките винарски насади во Европа, како лозовите насади во Барово на 35 километри од Кавадарци. Посадени на надморска висина од 700 метри во подножјето на Кожув, Баровските насади се највисоките во Македонија. На оваа висина, лозовите насади добиваат и повеќе од доволно светлина и топлина за фотосинтеза, додека релативно студените ноќи придонесуваат за идеално созревање на грозјето без тоа да ја изгуби својата сласт и свежина. Насадите лежат на античкиот пат Виа Игнациа опкружени со напуштени села и недопрена природа идеална за развивање на алтернативен туризам.

 

Додадете ја 30-вековната традиција на правење вино, гостопримливоста на мештаните и деликатесите на Македонската традиционална кујна и добивате една од најинтересните вински дестинации во Источна Европа, што впрочем може да се види по зголемениот број на туристи заинтересирани за вински туризам.

 

Денес, винскиот туризам во Македонија иако во зародиш, бележи значаен развој, што може да се види и преку зголемениот број на нови приватни винарски визби кои ги збогатуваат своите активности во насока на развој на локалниот вински туризам. Покрај зголемениот број на приватни винарски визби, во Македонија винскиот туризам стратешки се развива и на државно ниво преку развивање вински патишта, организации, комори и здруженија кои имаат за цел да обезбедат развој на винскиот туризам во Македонија по светски терк.

 

 

Според генералниот директор на винарската визба, Тиквеш, бројот на вински туристи минатата година е зголемен за 15%. „Винскиот туризам е во сам зародиш, тој пазарен сегмент со инвестициите на Тиквеш и другите винарии во винскиот туризам кои следат. Следната година сериозно ќе придонесеме за диференцирање на Македонија на светската туристичка мапа и нашата мисија е Македонија за 5 години да стане позната дестинација на светскиот туристички пазар токму преку виното и винскиот туризам“.

 

Креирањето на популарниот „Тиквешки Вински Пат“ и неговата зголемена популарност е доказ за потенцијалот на винскиот туризам на овие простори. Неодамна, Тиквешкиот вински пат беше прогласен за еден од најдобрите вински патишта на Европа од Советот на Европа и беше награден со сертификат за најдобра пракса во културниот туризам и одржливиот развој за 2018 година. Виновата лоза во Тиквеш покрива повеќе од десет илјади хектари, но  винскиот пат не е само грозјето и вкусното Кавадаречко и Неготинско вино, туку вековната култура на правење вино во Тиквешијата и гостопримството на мештаните и токму ова се работи кои може регионот да го „продадат“ како популарна туристичка атракција.

 

Иако Тиквешкиот регион е синоним за вино и веројатно најпознатиот вински регион во Македонија, сепак потенцијалот за вински туризам во Македонија не завршува овде. Тиквешкиот регион е само еден дел од винскиот регион Повардарие, кој пак е еден од трите вински региони во Македонија, кои понатаму се делат на 16 окрузи.

 

Со околу 24,000 хектари лозови насади и производство од преку 100 милиони литри годишно, Македонија е 25-иот најголем светски производител на вино што е импресивно достигнување, имајќи ја предвид големината на земјата (145-та во светот по големина на територија). Најголем дел од производството (околу 80%) доаѓа од винскиот регион Повардарие, што впрочем може да се види по самите винарии кои потекнуваат од овој крај.

 

Тиквешијата е дом на Бовин, првата приватна винарија по самостојна Република Македонија од Југославија, најстарата винарија на овие простори, Тиквеш, која произведува вино кое се извезува низ целиот свет од 1885, нешто поновата, но не помалку импресивна винарија Стоби, и секако Попова Кула, првата винарија во светот која произведе бело вино од македонската автохтона сорта на грозје Станушина и првата винарија во земјата со сопствени капацитети за сместување на гостите кои сакаат да поминат повеќе денови под прекрасните падини на Велико Брдо.

 

Но, новите винарски визби и импресивниот асортиман на вина кои произлезе од истите минатите неколку години говори за потенцијалот и на другите два региони (Пелагонија-Полог и Пчиња-Осогово). Најдобар пример за ова е веројатно Камник, винарија во околината на Скопје која привлекува се повеќе посетители со своето импресивно здание кое наликува на средновековен замок, прекрасно уреден ентериер и екстериер, еден од најдобрите ресторани во околината на Скопје, преубав поглед на главниот град, и секако некои од најубавите вина во овој дел на Македонија.

Сепак, и покрај зголемената конкуренција, неспорно е дека Македонија се уште поседува огромен неискористен потенцијал кога станува збор за вински туризам. Точно, бројот на регистрирани винарии во последните 15 години се зголеми за 300% (од 28 во 2003 на 84 во 2019), но Македонија се уште располага со огромни пространства на неискористена обработлива земја, клима идеална за одгледување на грозје, пространства на недопрена природа и прекрасна традиционална кујна која го заокружува комплетното гастрономско уживање.

 

——-

 

Автор на текстот и правата за користење на фотографиите се на Даниел Китески, професионален блогер, основач на блогот за кулинарен туризам https://thefoodhog.com/ и специјалист за дигитален маркетинг со огромна страст за патување и егзотични специјалитети кој посетил 37 земји и 4 континенти.

 

Даниел е дел од групата учесници (новинари, блогери, инфлуенсери на социјални медиуми, претставници од туристичкиот сектор) на онлајн обуката за пишување патеписи и промотивни текстови за туризам. Обуката беше организирана од Швајцарската програма ИМЕ во соработка со Алекс Цревар, новинар и уредник и е редовен дописник за The New York Times, National Geographic Travel, Lonely Planet и Adventure Cyclist magazine.

Promote your Service

Activity

Add up to 3 images.

Validation code:
Enter the code above here :

Can't read the image? click here to refresh.