Кањон Матка- атрактивна туристичка дестинација во Скопје
Кањон Матка e кањон на реката Треска, десна притока на Вардар, зафаќа површина од околу 5.000 хектари и се наоѓа на 17 километри југозападно од Скопје. Според морфогенетските карактеристики претставува клисура-пробојница. На овој простор посебно внимание заслужуваат карстните форми. Тоа се десетте пештери со должина од 20 до 176 метри и двата пропасти со длабочина до 35 метри.

Кањон Матка - реликтни и ендемични растенија и животни
Кањон Матка претставува еден од најголемите рефугијални центри за време на глацијалниот период, што придонело денес на овој простор да се сретнат голем број реликтни и ендемични растенија и животни. Одвкупниот број на 1 000 видови на растенија, 20 % се ендемити или реликти. Од терциерните реликти, позначајни се кошаниновата темјанушка (Viola kosaninii) и наталиевата рамонда (Ramonda nathaliae).

На локалитетот Матка се откриени два нови видови на вистински пајаци и пет лажни скорпии. Во кањон Матка се регистрирани 119 видови дневни и 140 видови ноќни пеперутки. Значајно е да се напомене и тоа дека во кањонот Матка се среќаваат 77 видови на балкански ендемични мали пеперутки, а уште 18 други видови се нови за науката.
Во рамките на кањонот се наоѓа спелеолошкиот парк "Јовица Гроздановски", наречен според трагично загинатиот алпинист. Паркот е составен од три пештери (Врело, Убава и Крштана), како и една подводна пештера (Подврело).

Повеќе информации за прекрасниот Кањон Матка на следнава страна.