Св. Јован Бигорски

 

Еден од најимпозантните свети храмови, манастирот „Св. Јован Бигорски“, е издигнат на бигорните карпи над кањонската долина на реката Радика среде шумите на стрмните северозападни падини на планината Бистра.

Манастирот е изграден од обработени блокови бигор. Подигнат бил во 11 век, но оттогаш до денес минал низ многу страданија и неколкупати бил опустошуван и пален, но и разрушуван до темел. Единствено иконата на св. Јован Крстител останала неуништена и до ден-денешен. За неа се верува дека за време на пустошењата исчезнувала и потоа повторно се враќала во манастирот.

 

 

Сегашниот манастирски храм датира од крајот на 18 и почетокот на 19 век. Византискиот стил на архитектурата на Бигорскиот храм побудува духовно спокојство. Срцето ќе ви затрепери и душата ќе ви се исполни со благост кога ќе влезете во соборната црква посветена на Јован Крстител, кога ќе ја засведочите живописната архитектура на комплексот згради на монашкиот конак, или кога ќе ги погледнете иконите и фреските, од кои повеќето се дело на познатиот фрескописец Дичо Зограф.

Најубавиот украс во црквата и она по што овој храм е надалеку прочуен е нејзиниот иконостас, кој претставува врвно и ненадминато дело на мијачките копаничари – прочуените Петре Филиповски-Гарката со неговата тајфа и Макариј Фрчковски. Ова монументално дело било завршено за зачудувачки кратко време, од 1830 до 1835 година, и го карактеризираат специфичната употреба на човечката фигура и претставувањето на значителен број сцени од Стариот и од Новиот Завет на релативно мал простор.

Сиот живот на манастирот низ вековите и сè што било во него создадено се чини дека и ден-денешен шепоти за непрекинат стремеж кон Бога.

 

Promote your Service

Activity

Add up to 3 images.

Validation code:
Enter the code above here :

Can't read the image? click here to refresh.