Занает - изработувач на накит

 

 

Охрид и охридското езеро непресушен извор за инспирација на занаетчиите. Постарите знаат да кажат, ако имаш занает во рацете, не можеш да останиш без леб за јадење. Денеска, во овој дигитален свет во кој живееме, нештата се многу полесни. Квалитетниот производ, ќе си го најде патот до клиентот. Треба само да се има идеја, да се најде начинот за нејзино остварување, да се има храброст да се почне. Во моментите кога ќе се сретнеме со потешкотии да се има истрајност и да не се заборави на континуитетот во работата и нештата сами ќе почнат да се случуваат. Еве, земете го мојот пример вели охриѓанката Марта Пејоска.

На прашањето Што е она што беше пресудно за да се занимава со изработка на накит? Охриѓанката вели не знам. Како од секогаш да постоеше нешто во воздухот, како да тлееше во мене, нешто, што не беше нити архитектура, нити сликарство. Сепак, настаните сами се случија, во моменти кога требало. Се случи конкурсот за изучување на стари занаети во 2005 год, меѓу кои беше и филигранот. Аплицирав, ме примија. Курсот траеше скоро една година, за чие што посетување јас направив пауза со студирањето. Успешно го завршив и продолжив со студиите со невиден елан и посветеност кон архитектурата и никогаш не помислив дека откако ќе дипломирам никогаш нема да работам како архитект.

 

 

Пресудно беше тоа што, откако ја изучив техниката, после кратко време почнав по малку и да работам. Кога немав време, поради студиите, ако ништо друго барем не прекинував да скицирам, идеи за накит. Едноставно откако го научив, никогаш не го оставив, а изгледа не ме остави ни филигранот мене. Откако дипломирав архитектура, во даден момент сфатив што имам во рацете, каде живеам, кој ми е бекграундот, како сум воспитувана, си ги поврзав работите, донесов одлука и почнав посветено да работам.

Сакав да си покажам на себеси, дека со таа моја нова одбрана професија, која скоро и да не постои кај нас, може да се обезбеди егзистенција и да се создаде нешто. Многу кратко после тоа следеше изложбата на современ накит на која учествував “Во синило те намамив”, која беше поставена во склоп на Охридско лето во 2013 година, која целосно ги постави односно ми ги дефинира работите додава Пејоска.

 

 

Марта вели дека студиите по архитектура си го направија своето а последните 10тина години инспирација и е езерото и се’ поврзано со него. Процесот на конципирање на една колекција, или работење на само едно парче накит од иницијалната идеја во форма на скица до крајниот технички цртеж кога тоа е потребно, со детализација на парчето или изработување на модел од хратија или картон, кога парчето што треба да го работам е во 3Д и е покомплицирано – се тоа истото го правев и додека студирав. Така што технички сум поткована, а работам микро архитектура и се изразувам преку среброто, користејќи различни профили и дебелини на жици и плочки. А за инспирацијата, можам да зборувам донедоглед.

Ја погледнав езерската површина и што и се случува на водата кога дува ветер; фазите на доаѓање на невреме на езеро – колекција накит за изложба “Во синило те намамив”, Охрид 2013год. Потоа погледнав што се случува под вода, односно со езерските треви и растенија кога ќе дојде невремето – колекција накит за втората изложба “Во синило те намамив”, Скопје 2014. Парчињата беа со поднаслов “Се заплеткав”. После тоа следеше колекцијата “Вода” која се занимава со брановите и секое едно парче има додаток камен од брегот на охридското езеро. Оваа колекција има веќе неколку продолженија.

 

 

Проектот “Скриеното, чудесно” на кој се појавувам како ко-автор. Инспирацијата се микроскопските фотосинтетизиралки алги-Дијатомеи. Проектот имаше претставување со изложба во склоп на Охридско лето, поставена во мојата галерија, во 2018 година. Последно што работев е колекцијата “Риби” која беше изложена на овогодинешниот Slowscapes во Скопје истакна охриѓанката. Првите филигрански парчиња, биле пар обетки цветови во класичен стил изработени 2005 година.Иако омилени и сe сите изработени уметнички дела сепак како посебни ги издвојува.

Во нејзината галерија во секој момент се изложени парчиња накит од тековната (најнова) колекција, неколку signature парчиња – тие што низ годините се покажале како најбарани, се труди како што вели да ги има на лагер скоро во секое време, потоа неколку парчиња кои се од нејзината архива од изминати изложби и колекции, па прототипови на нови дизајни на кои повремено работи и сл. Комбинациите се најразлични, генерално тоа е сребрен накит во комбинација со позлата и додаток природни камчиња од брегот на езерото. Понекогаш се јавува како акцент бисер или некој драг камен.

 

 

Најчестите туристи кои доаѓаат во атељето се странците од било каде во светот. Повеќето од нив, пред да дојдат веќе се информирале за Охрид и Македонија, што е тоа што треба да го знаат и да го видат во однос на културата, традицијата и културното наследство. Туристите кои доаѓаат во Охрид се многу се љубопитни за техниката и како се изработува накитот, посебно поради тоа што во мојата галерија се наоѓа и мојата работна маса, позиционирана пред прозор, како на излог, па може да гледаат како работам.

Инаку она што ме фасцинира е, повозрасната публика посебно од земји како Франција, Холандија, Швајцарија, Америка, Австралија, ги интересира се’ што е современ дизајн на накит. Имаат истенчен вкус и точно знаат што сакаат. Парчето накит може да вклучува филигрански дел, но тој да не е доминантен и секогаш бираат парчиња кои не се во класичен стил. Што по севремено и по ексцентрично во дизајн тоа подобро, за нив. Со Македонската публика, се’ уште се едуцираме на темата.

 

 

Првенствено за филигранскиот накит како дел од нашето културно наследство и за неговите вредност и значење за нас, потоа за тоа што значи едно уникатно парче накит кое е рачна работа, кое мајсторот го изработил специјално за клиентот, по нарачка и во светот има само едно единствено такво. Се уште се бориме и во правењето разлика со “брендираниот” накит кој диминира на нашиот пазар, чиј состав и потекло на материјали не секогаш се знаат точно и генерално накитот доаѓа од некоја фабрика во Индија или Кина потенцира Пејоска. За да се изработи еден комплет накит пред се потребно е време.

Марта вели дека парчето накит започнува да се конципира во главата, во моментот кога нешто ве инспирира. Потоа продолжува да се разработува идејата низ скици, на хартија. Доколку замисленото парче е малку покомплицирано и е составено од повеќе елементи, кои на крај треба прецизно да се спојат, правам и модел од хартија пред да почнам да го работам. За да знам што точно каде оди, како се витка и сл. Потоа, го спремам материјалот потребен за изработка на парчето и седнувам на работното столче . Исклучувам телефон и почнувам со работа. Потребна е концентрација и фокус, посебно кога веќе неколку денови работите или се наоѓате во комплицирани моменти на спојување односно лепење на сребрените елементи нагласува Марта.

 

 

Во овој занает она што одзема време е смислувањето односно дизајнирањето на парчето, посебно кога се работи за нова колекција или за некоја поспецифична нарачка. Она што е приоритет кога станува збор за нарачки, е накит со повод како веридба, свадба и сл. Тоа е нешто што веднаш доаѓа на прво место на листата и скоро секогаш времето за изработка е најкраткиот можен рок. Марта вели дека се уште е сконцентрирана на делување (од) овде и на развивање на нашата домашна современа сцена на накит, а истовремено и заштитата на мал дел од нашето културно наследство, филигранските техника и накит.

Филигранскиот накит и техника иако пред 15тина години беа на работ на заборавот, се вратија на сцената и денеска се мошне во тренд, благодарение на сите оние кои се вратија на традиционалното, за да го создадат своето современо. Занаетите односно занаетчиите во минатото биле главен двигател на локалната економија во еден град, а од друга страна биле показател за развиеното општество. Луѓето сакале да работаат и ја ценеле рачната работа. Имало побарувачка, а немало туристи. Денеска занаетчиите главно се тука за туристите.

 

 

Понекогаш чувството е дека туѓото е поубаво од нашето. Исто така се уште повеќе тежнееме кон машински изработениот (штанцан) продукт отколку кон продуктот на мајсторот кој рачно и внимателно го работи секој еден детал на занаетчискиот производ. Од друга страна влијателен фактор е и нашата куповна моќ односно стандардот во државата.

Но, зошто би сакале да поседуваме предмет чие потекло и материјал не го знаеме, сериски производ и шансите дека ќе трае се мали, наместо мало парче уметност, кое ќе остане тука и за идните генерации и ќе биде дел од фамилијарното наследство? Зарем до толку сме ги изгубиле чувството за естетика и системот на вредности и овој современ конзумеризам не довел до слепило?порачува охриѓанката Марта Пејоска.

 

Promote your Service

Activity

Add up to 3 images.

Validation code:
Enter the code above here :

Can't read the image? click here to refresh.