Мозаикот занает и уметност

 

 

Охрид е богат трезор за развојот на мозаичната уметност. Охриѓанецот Никола Упевче е мозаичар и конзерватор. Роден и израснат со уметноста тој со сета своја истрајност, љубов и верба се обидува на автентичен начин да го сочува вредното богато културно наследство и истото на соодветен начин да го претстави пред посетителите. Во семејното атеље заедно со неговиот татко и ликовен хроничар Славчо Упевче сместено на влезот во чаршијата,остава траен белег со неговите креативни дела. Огромна е улогата и на мојот татко Славко Упевче во моето оформување, пред сè, како личност и уметник. Заедно преку нашите дела ја доближуваме страста за креативно изразување и оставаме личен печат за своите истражувања вели Никола.

Неговиот интерес за мозаиците започнува со честите прошетки и детската игра низ стариот дел на градот Охрид, особено остатоците од Имарет и Светиклиментовата црква, -Свети Пантелејмон- и ранохристијанската базилика на Плаошник во која под слој песок се чуваа слики изработени од камчиња во разни бои. Подоцна, за време на неговото студирање на ликовната академија во Скопје, на предметот сликарски техники и технологии кај професорот Момчило Петровски - Моцо, го изработува неговиот прв мозаик „Желка на тркала“ во 1998, а по него следуваа и многу други.

 

 

Мојата прва самостојна изложба е -Метаморфоза- во 2002 година, тука се и почетоците на археолошките и конзерваторските истражувања на Плаошник, каде што активно работев на конзервација, документација и реставрација на мозаиците, за, конечно, да ја заокружам дипломската работа со темата - Мозаик - колаж-. Во 2020 г., во Музејот и лапидариумот од Куќата на Робевци изложив избор од мои дела и организирав работилници за мозаици во мал формат посочува Упевче. Многу често во своите креации го комбинира модерното со она автентичното добивајќи врвни дела.

За секое дело вели дека посветува големо внимание. Открива дека на многу од нив работел и со години. Многу од материјалите со кои биле направени се локални, но има и такви кои се носени однадвор.Преку своите дела Никола раскажува најразличи теми и приказни инспирирани од градот Охрид. Уметноста на мозаикот е една од најтешките ликовни техники која се труди да го освои просторот во вид на монументално сликарство и геометрија. Мозаиците се најчесто градени во смислени композиции за обликување на одреден простор.

 

 

Како што вели охриѓанецот има еден израз кој секојдневно го користи - Се склопи мозаикот!- бидејќи најнапред мозаикот треба да се има во главата а потоа внимателно да се гради. Никола Упевче, е автор и на монументалната мозаична мапа на Охрид и Лихнид која ja работел десет години и чека истата да биде поставена на симболично место, на влезот во стариот град. Станува збор за едно дело на кое трпеливо работел, мапата е како една потрага по закопано богатство.

Мапата ја направив затоа што го сакам градот Охрид, сакам да се оддолжам на еден начин и да направам нешто што ќе остане. Овој мозаик е направен на едно повисоко ниво. Доколку го знаете градот, можете да си ја најдете и куќата. Буквално тоа и ми беше целта вели Упевче. Мозаичната мапа е изложена во неговата галерија во Охрид и чека шанса за нејзино поставување за кое се надева дека ќе биде во најскоро време бидејќи станува збор за дело кое ги отслукува вистинските вредности во градот. Домот на Упевче и галеријата секојдневно се посетени од бројни туристи кои се воодушевуваат на прекрасната техника и бројните дела изработени од вештите раце.

 

 

Неговите дела можат да се најдат на неколку локации во градот. Така негов мозаик од 2003 година може да се види на карпа покрај плажата Горица 3, а во близина е и колажот -Дрвото на животот- . Автор е на сводниот мозаик поставен над јужниот влез во олтарот од црквата Успение на Пресвета Богородица - Каменско изработен исклучиво со камења во 2005 година.

Потоа на мозаичните фрагменти -Фонтана на животот- поставени во 2006 на летната тераса од ресторанот Св.Софија. Во 2015 година ја направил декорацијата за Фонтаната со реконструкција на антропоморфните претстави за -Четирите рајски реки- на Плоштадот – Мини Маркет, а три години подоцна и мозаикот -Два гулаби пијат вода- на чешма од црквата Богородица Пандонос. Длабоко и силно инспириран од својот град Упевче полека но сигурно, сложувајќи камче по камче, боја по боја се стреми да остави траен белег.

 

Promote your Service

Activity

Add up to 3 images.

Validation code:
Enter the code above here :

Can't read the image? click here to refresh.