Кондураџија - Сашо Богоески

 

 

Охриѓанецот Сашо Богоески кондураџискиот занает го изучува од старата охридска школа на занаетчии. Богоески уште како дете, се интересирал за овој занает тој продолжува по стапките на неговиот дедо кој во 1933 година го изучува занаетот на старите охридски кондураџии па така од 1993-та година професионално се занимава со оваа работа и отвора своја фирма. Како што вели со голема љубов и желба ја продолжува вековната традиција на охридските мајстори.

Старата занаетчиска школа во Охрид од минатиот век, која опстојувала во центарот на градот, претставува расадник на новопечени занаетчии кои ќе ја продолжат традицијата на старите мајстори. Во првата половина на 20-тиот век, ова училиште ги создава денешните занаетчии кои ја продолжуваат лозата на нивните пра-дедовци. Најголемиот дел од занаетчиите по школата биле вработени во фабриката за изработка на кондури Илинден во Охрид.

 

 

Богоески во својата мала работилница ги собрал сите стари и неопоходни машини за шиење кожа и поправка на ѓонови, како и други потребни алатки. Со вештите раце и умешност поправа работи за кои мислиме дека не се поправаат. Како што посочува нема нешто што не се поправа доволно е само да се има желба а начин за враќање на стариот сјај ќе се најде.

Основната дејност на овој занаетчија моментално е поправката на чевли, но за блиските пријатели знае да направи некоја специфична обувка која самиот ја изработува како во минатото кога најчесто изработувал најразлични чевли по желба на граѓаните.

 

 

Порано имаше повеќе муштерии и тоа најчесто за изработка на чевли а моментално најмногу доаѓаат жените, кои ја поправаат флекницата на штиклата која најмногу се оштетува. Исто така, вршам поправки и обложување на цели стапала како и лепење на истите менување на ѓон, гума, шиење и лепење изработувам во мојата работилница во старата охридска чаршија вели Сашо Богоески. Според Богоески, овие занаетчии кои се занимаваат со поправка на кондури, во минатото го славеле 25-ти декември како свој празник.

Тоа било - Св.Спиридон или католички Божиќ. Старите кондураџии на тој ден правеле погача со лепче, и избирале кумот. Денес оваа традиција е изумрена. Сега нема услови за празнување на овој датум, од причини што нема толку занаетчии – вели Богоески. Сериското производство на кондури за овој мајстор претставува мисија, која во моментов е тешко остварлива. Како причини се наведуваат големата конкуренција, скапата инвестиција и неможноста од ангажирање стручен кадар. Кинеските неквалитетни обувки се најголемата конкуренција на пазарот.

 

 

Интересот кај младите за овие занаети е многу слаб, но Богоески се надева дека неговиот син кој моментално се запознава со основните техники во занаетот ќе ја продолжи традицијата односно дека ако не како професија барем како хоби ќе го негува занаетот. Тој вели дека за туристите овие работилници се доста привлечни странците многу често знаат да тропнат на врата и да уживаат гледајќи на кој начин се изработуваат или поправаат кондурите.

Во минатото имаше поголем интерес но и побарувачка за изработка на чевли по терк од чиста кожа, клиентите беа пребирливи сега за жал повеќе се купуваат готови производи посочува Богоески. Богоески жали за убавите времиња кога неговиот дуќан беше атракција и за фотографирање и за пазарување од страна на бројните странски туристи но и од охриѓани. Тие барале рачно изработени кондури кои биле правени по терк од страна на мајсторите за најмногу два дена. 52 годишниот Сашо Богоески е еден од малкутемина кондураџии кои останаа во Охрид тој стравува дека овој занает може да исчезне доколку нема интерес од помладите.

 

Promote your Service

Activity

Add up to 3 images.

Validation code:
Enter the code above here :

Can't read the image? click here to refresh.