Крушево

 

Крушево

До Крушево може да се стигне преку два регионални патни правци, кои се надоврзуваат на магистралните патишта кои водат кон Охрид и Скопје: еден преку Прилеп, а другиот преку Битола и Кичево.

Под името Крушево, населбата се спомнува кон крајот на XIV век (1395 година), а како поголемо населено место во 1467 година. За време на турското владеење, во средината на XVIII век, било чифлиг на охридски и битолски бегови. По разорувањето на Москополе во втората половина на XVIII век, Крушево се доселува влашко населени, а во почетокот на XIX век се доселуваат Мијаци од Галичник, Лазарополе, Гари и други мијачки села.

Доселениците биле добри трговци и занаетчии, кои многу придонеле за развојот на Крушево. Тогаш населбата прераснува во гратче, а својот златен период го достигнува кон крајот на XIX век. Во 1883 година во Крушево имало 1.650 куќи и околу 12.000 жители. Со изградбата на железницата Скопје-Солун и Велес-Битола, Крушево останало настрана од главните комуникации, што се одразило врз неговиот функционален и популациски развој. Крушево има голема културно-историска вредност како седиште на првата македонска република создадена по Илинденското востание во 1903 година.

По Втората светска војна, со својата административна, просветна и стопанска функција, градот станува привлечен за поголем број мигранти од околните селски населби. Со тоа, бројот на населението било во постојан пораст: од околу 3.500 жители во 1948 година до околу 6.000 жители до 2002 година.

Денес, Крушево е локален културен , административен и здравствен центар со шумарско-сточарска и туристичка функција. Поради заедничкиот живот и меѓусебното влијани на Македонците и Власите, Крушево уште од првата половина на XIX век бил билингвистички град, во кој се зборувало и на влашки и на македонски, а и едните и другите ги знаеле двата јазика. Крушево се гордее со граѓанската традиција на заедничко живеење, која се зачувала до денес.

 

 

 

Чаршија

Во средиштето на градот се слеваат маалските сокаци, стрмни и тесни, се виткаат, прекршуваат и качуваат, следејќи го теренот и непишаните правила на старите урбани агломерации. Чаршијата е составена од низа мали занаетчиски и трговски дуќани, наредени еден до друг. Таа е најживописниот дел од градот, на кој се надоврзуваат маалата, каде се одвива целиот живот. Од некогашната надалеку прочуена крушевска чаршија сеуште постојат некои од старите занаети: калајџиски, кујунџиски, казанџиски, чевларски, златарски и други. Сите работат бочвари, копаничари, бакроресци, фурнаџии, столари итн.

 

Зимски туристички центар

Зимската сезона во Крушево трае од ноември до крајот на март. Зимите се благи, сончеви и со доста снег. Скијачките терени на Бушава Планина од двете страни се 1.200 метри и 1.400 метри. Крушево ги привлекува љубителите на зимските спортови со прекрасните скијачки терени и патеки за зимско трчање, кои се наоѓаат недалеку од градот. Скијачките терени се наоѓаат на месноста Станич, опремена со ски-лифтови (двоседи и едноседи).

 

Манастир Св. Преображение (1986)

живописен амбиент на 1.600 метри надморска височина

 

Манастирот Св.Преображение се наоѓа на возвишенијата на Бушава Планина, во месноста Ручало, блиску до локалитетот Слива. Изграден е врз темелите на старата црква и опкружен е со прекрасна природа. Се возобновува од 80-тите години на XX век наваму. Од Крушево е одалечен на околу пет километри, поврзан со современа сообраќајница. Претставува локалитет со извонредни одлики за одмор, рекреација, планинарење и можности за престој во природа.

 

Македониум

уметничко обележје и препознатлив симбол на револуционерното китно Крушево

 

Споменичкиот комплекс Илинден, познат уште и како Македониум, е еден од најмаркантните споменици во Крушево и Македонија. Откриен е на 2 август 1974 година, на триесетгодишнината од заседанието на АСНОМ и 71-та годишнина од Илинденското востание. Лоциран е непосредно до Крушево, во месноста Гумење. Претставува комплекс од четири платформи, кои ја симболизираат непокорноста, борбата и вечниот стремеж на македонскиот народ за слобода и самостојна држава.

Комплексот се протега на 12 хектари, а самиот Македониум, поставен на највисоката точка, завршува со купола на 1.320 метри надморска височина, од каде се протега извонреден поглед на сите четири страни – кон Крушево, Слива, Мечкин Камен и Пелагонија. Внатрешноста на куполата импресионира со своите релјефи, витражи со вечниот пламен и звуците на орториумот Сонце на прастарата земја од Тома Прошев.

 

 

 

Мечкин Камен

Споменикот Мечкин Камен е локалитет во близина на Крушево. На истоименото место се одбиле најхрабрите борби за време на Илинденското востание во 1903 година. Споменикот е подигнат во чест на храбрите илинденци. Локалитетот е пријатно место за престој.

 

 

Музеј на Илинденското востание и Крушевската Република

незаборав од минатото, инспирација за иднината

Музејот е сместен во староградска куќа од XIX век, во која во 1903 година е прогласена Крушевската Република. Отворен е на 2 август 1953 година, по повод 50-годишнината од Илинденското востание и Крушевската Република. Во музејот се изложени оригинални фотографии од членовите на Привремената влада, Советот и востаничките чети, карти, предмети со кои се служеле Никола Карев, Питу Гули, макети, текстви, Крушевскиот манифест, документи за одѕивот на Илинденското востание и Крушевската Република во странскио печат. Тука се и податоците за големите човечки и материјални штети кои му биле нанесени на градот од страна на турскиот аскер. Поставката на леарницата за куршуми, која постоеле во времето на Илинденското востание, воспоставена е во 2003 година. Во неа се наоѓаат оригинални орудија кои се користеле за лиење куршуми во текот на востанието.

 

Музеј на Народно-ослободителната војна

континуитет на непокорот, историско достигнување

Музејот се наоѓа во близина на платото од споменикот Илинден на месноста Гумење. Отворен е во 1988 година и во него се сместени експонати кои сведочат за Народно-ослободителната борба од 1941 до 1945 година. Во музејот доминира ѕидна фреска на фронталниот ѕид – Муралот, која го отсликува текот на војната, дело на големиот мајстор на боите Борка Лазески.

 

Спомен-куќа на Тоше Проески

сеќавање на момчето со ангелски глас и широко срце

Тоше Проески (25 јануари 1981 – 16 октомври 2007) за кратко време стана најпопуларен пејач во Македонија и една од најголемите ѕвезди на балканската музичка сцена. Во 2004 година беше прогласен за амбасадор на добра волја на UNICEF. Трагично загина во сообрќајна незгода. Постхумно, беше прогласен за почестен граѓанин на Македонија. Крушево, неговото родно место, му се оддолжи со отворањето на спомен-куќата на 25 април 2011 година.

Обејктот е изграден од бетон и стакло во форма на крст на површина од 870 квадратни метри. Музејската поставка обезбедува хронолошки приказ од детството и тинејџерските години до периодот кога Тоше го достигна врвот во уметничката кариера, збогатена со 350 автентични експонати, сопственост на семејството Проески. Во централниот дел е поставен молитвеник, верски предмети на Тоше и неколку негови запишани размислувања за љубовта, семејството, пријателството. Дел од поставките се и две восочни фигури на Тоше во природна големина.

 

 

Целиот објект е опремен со современа техника, а на неколку инфо-точки чувствителни на допир можат да се добијата информации за музичката легенда. По должината на објектот е изграден ѕид на кој може да се оставаат пораки и впечатоци. Објектот содржи повеќе висински платформи со убава панорама на Крушево и Македониумот.

Promote your Service

Accomodation

Add up to 3 images.

Validation code:
Enter the code above here :

Can't read the image? click here to refresh.