Скопски џез-фестивал
Почнувајќи од 1982 година, во Скопје се одржува еден од најеминентните музички фестивали – престижниот Скопски џез-фестивал. Иако џезот претежно има публиката со истенчен музички вкус и со негувано уво, на овој фестивал доаѓаат и многумина што за миг сакат да побегнат од конвенционалното музичко секојдневје.
Секоја година, при крајот на октомври, вљубениците во еден од најслободните, најуникатни и најотмени музички правци, имаат можност на неколку различни локации низ градот (вклучително и Универзалната сала) да уживаат во изведбите на најдобрите џез-музичари од светот.
Скопскиот џез-фестивал е еден од најстарите и најквалитетните џез-фестивали на Балканот, а концептот му е да презентира авангардни и квалитетни имиња. Реномето на фестивалот постојано расте, со што добива углед од светски рамки. Досега фестивалот презентирал речиси сè што е значајно на светската џез-сцена (Реј Чарлс, Тито Пуенте, Орнет Колмен, Пет Метини, Вејн Шортер, Стенли Кларк, Би Би Кинг, Чик Кореа, Херби Хенкок, Џо Завинул, Џон Меклафлин, Ал Ди Меола, Вејн Шортер, Џејмс Картер и уште многу други).
Фестивалот е дел од European jazz network и од Европскиот форум на светските музички фестивали. Почувствувајте ја и вие посебноста и шареноликоста на магичниот на Скопски џез-фестивал, дозволете ушите уште долго да ви одѕвонуваат со тоновите на слободата што ја зрачи џезот.