Како едно мало место може толку сугестивно да сведочи за живот што се протегнува низ илјадници години: од неолитот, железното време, антиката, па сè до средновековниот период?
Во Виничкото Кале ќе најдете огрoмно и разновидно богатство на откритија: ќе сретнете градби од камен и варов малтер, артефакти од доцната антика, магацин со вкопани питоси од 4 век, остатоци од ѕидови на неколку објекти од профан карактер, неколку остатоци од ѕидови на мала средовековна црква, три базилики и крипта од 6 век... Сепак, досега не е откриено сѐ што се крие на овој локалитет, па тој и натаму останува енигма за археологијата.
Најзначаен наод од Виничкото Кале, кој побуди огромен интерес и љубопитност ширум светот, претставува првата и најголема збирка на теракотни релјефи со иконографски претстави, популарно познати под називот теракотни икони. Тие потекнуваат од 5 или 6 век, се вбројуваат во редот на најавтентичните археолошки откритија и претставуваат драгоцено христијанско наследство; а денес, како и многу други артефакти откриени при истражувањата на ова археолошко наоѓалиште, може да се видат во музејот во градот Виница.
Иконите содржат претстави со христијанска тематика, на нив доминираат мотиви од тогашниот секојдневен живот, а првпат се претставени и историски настани од овој крај, кои допрва треба да бидат проучени.
Посетете го ова чудесно место и веднаш ќе ви стане јасно колку е точна мислата дека сите ние сме и семе, и потомство на вечноста.