Скопје

Скопје

Метропола: Спој на историското наследство и урбано живеење

 

Скопје е град во централниот дел на Балканскиот Полуостров. Лесно комуницира со медитеранското подрачје на југ и подрачјето на Средна и Северна Европа на север. Преку Качаничката Клисура се поврзува со Јадранско Море. Кон исток, преку Куманово и Крива Паланка се поврзува со Република Бугарија, кон запад се поврзува со Полог, Кичевската Котлина, Охридско-преспанскиот регион и Република Албанија.

Скопје датира од предантичкиот период. Овој град имал стратешко значење во античкиот период, кога бил познат под името Скупи. Ископини од античкиот град Скупи се наоѓаат во месноста Зајчев Рид над утоката на реката Лепенец во Вардар, кај денешното село Злокуќани. Скупи бил главен град на тогашната Дарданија.

За време на Октавијан Август, околу 13 – 11 година п.н.е. Скупи станал легиски логор. Подоцна, Скупи станал еден од поголемите римски градови и најзначајна населба на патот од Солун кон Дунав. Градот имал форма на правоаголник со површина од 40ха и зид дебел 3,2 метри и добил статус на колонија. Градот е уништен од земјотрес во 518 година.

На местото на старо Скупи се пронајдени материјални траги, а меѓу многуте ископини значајни се деловите од театарот ископани во 1936 година. На сегашното место градот е подигнат по 518 година.

Темелите на ново Скопје во втората половина на VI век веројатно ги поставил царот Јустинијан I ( 527 – 565 ). Во негова чест и населбата тогаш се викала Јустинијана Прима. Се претпоставува дека во периодот на негово владеење е изградена тврдината Кале, која се наоѓа на левата страна на реката Вардар. Следните два-три века, со продорот на Куманите и Словените, градот бил мета на пљачкосувања и пустошења, така што се развивал со бавно темпо. После IX век Скопје станува важно византиско средиште. Кон крајот на X век, за време на Самоиловата држава, Скопје се спомнува како епископско седиште. Во XII век арапскиот географ Идризи го спомнува како богат град под името Искубиа.

Градот достигнува поголем напредок во времето на владеењето на царот Душан. Во тоа време во Скопје, како управно и културно средиште, се одвивала жива трговија унапредена од дубровничките трговци. Тогаш во Скопје е издаден Душановиот Законик.

За време на османлиското владеење Скопје продолжило да напредува. Се доселиле турски доселеници од Мала Азија. Во градот се изградиле поголем број џамии, амами, анови. Во Старата скопска чаршија бил изграден Куршумли-ан (оловен ан). Даут-пашиниот амам е бања подигната од големиот везир на Румелија. Камениот мост на реката Вардар е изграден во првата половина на XV век. Мостот ги спојува стариот со новиот дел на градот. Аквадуктот за Скопје е изграден кон крајот на XV век. Се наоѓа од десната страна на стариот пат Скопје – Качаник. Одредени поправки и подобро снабдување на градот со вода биле извршени во почетокот на XIX век. Црквата Св. Спас е изградена кон крајот на XVII век.

Во XVII век градот бележи стопански, културен и територијален напредок со развиено знаетчиство, трговија и преработувачка на кожи. Но, поради чума, а по наредба на австрискиот генерал Пиколомини, Скопје било запалено во 1689 година и целосно уништено. Долго време градот не можел да се обнови и да се врати на старото ниво.

Повторно почнал да напредува во XIX век, особено по изградбата на Вардарската железница во 1873 година, а уште повеќе во 1888 година, кога во него се составила Моравската со Вардарската железница. Градот бележел постојан прилив на население. Во 1836 година броел 10.000 жители, во 1858 година – 20.000 жители, при крајот на XIX век населението се зголемило на 32.000 жители, а пред балканските војни на 47.000 жители.

Со новопоставените граници кон Грција  во 1912 година, кога целото подрачје главно гравитирало кон Солун, се свртело кон Скопје, така што меѓу двете светски војни Скопје стопански и територијално напреднало. Во периодот по Првата светска војна, односно во 1931 година Скопје имало 65.870 жители. По Втората светска војна, Скопје се развива во најголема и најсовремена градска населба во државата – урбано, популациски, стопански.

По 1948 година Скопје популациски постојано расте. Особено засилен пораст е забележан по 1953 година, напоредно со функционалниот напредок на градот. Освен со природен прираст, бројот на жители се зголемил и по механички пат: 1948 година – 88.209 жители, 1953 година – 119.134 жители, 1961 година – 165.529 жители, 1971 година – 312.980 жители, 1981 година – 408.143 жители, 1994 година – 444.299 жители, 2002 година – 467.257 жители.

Како најголема популациска агломација, Скопје има широко гравитациско подрачје кое ги надминува границите на Република Македонија. Напоредно со популацискиот раст, Скопје рате и територијално. Денес околу градот се изградени голем број приградски населби.

 

Кале

Тврдина на Јустинијан Први

 

Се смета дека просторот на тврдината Кале, познато како Скопско Кале, бил населен уште во времето на неолитот и раното бронзено бреме, за што сведочат бројните археолошки наоди. Самата тврдина потекнува од времето на царот Јустинијан I ( 535 ). Заради стратегиската положба и улога, тврдината низ историјата често била напаѓана и користена од разни завојувачи. По пропаѓањето на Самоиловото царство ( 1018 ), градот бил заземен од востаниците на Петар Делјан ( 1014-1041 ). Потоа, бил напаѓан од Куманите, Скитите, Печенезите и други. На Калето се пронајдени разни археолошки остатоци. Денес скопската тврдина Кале е еден од најмаркантните објекти во Скопје со присуство на поголем број различни културни и туристички мотиви.

 

 

 

 

Камен Мост

Симбол на Скопје од XV век

 

Камениот Мост на реката Вардар е изграден во првата половина на XV век. Мостот ги спојува стариот со новиот дел на градот. Странични пешачки патеки се изградени во 1905 година, а во последната деценија на XX век е целосно рено-виран. На левата страна на реката на мостот се наоѓа спомен-плоча на стреланите граѓани на Скопје во 1944 година за време на фашистичката окупација.

Во својата првобитна форма, мостот имал 13 сводови, со вкупна должина од 215 метри и ширина од шест метри. Со цел да се врати првобитниот изглед на Камениот Мост, од 1992 година се започнати нови интервенци, со што е добиено првобитната ширина на мостот.

 

 

 

Порта Македонија

Симбол на големата историска победа – создавање на независна и суверена Република Македонија

 

Изградена е во 2011 година, а пуштена е во употреба на Божиќ 2012 година. Објектот има димензии од 20 на 10 метри и височина од 21 метар. Фасадата ја красат 32 релјефи во длабока резба, со вкупна површина од 193 м2.

На релјефите се прикажани сцени од праисторијата преку наколната населба во Заливот на коските, од антиката со Филип II и Александар III Македонски, од римскиот период со Јустинијан I, од средниот век со Цар Самуил, Крале Марко и Карпош, па до XX век со Илинден, АСНОМ, Егзодусот од Егејска Македонија и 8 септември 1991 година – прогласувањето на независна Македонија.

На објектот се наоѓаат и релјефи на манастирот Св. Јован Бигорски, претставена е охридска куќа, Даут-пашиниот амам, Мостот на поезијата во Струга. Во внатрешноста има продавница за сувенири и галериски простор на две нивоа, а најгоре платформа за набљудување.

 

 

 

Плоштад Македонија

Основна врска на градските целини од левата и десната страна на Вардар

 

Плоштадот Македонија во Скопје поцелосно е оформен во периодот меѓу двете светски војни, поточно од 1920 година до 1940 година. Лоциран е во контекст на Камениот Мост, како основна врска на градските целини од левата и десната страна на Вардар. Околу него биле лоцирани важни објекти: Народната банка, Поштата, Офицерскиот домм, Стоковната куќа На-Ма, хотелот Македонија, Ристиќевата палата. Но, по Втората сведска војна, а особено по катастрофалниот земјотрес од 1963 година, дел од објектитесе срушиле, така што денес плоштадот во Скопје има нешто поинаков распоред, но и натаму до него или во негова непосредна близина се наоѓаат важни управно-административни, културни, трговски, банкарски, угостителско-туристички и други објекти. Во негова непосредна близина е и Плоштадот Пела со Портата Македонија, како вистинска порта за влез на плоштадот.

 

 

Воин на коњ

Споменик на Александар II Македонски

 

Споменикот е композиција од повеќе елементи. Бронзениот споменик на Александар има висина од 14,5 метри и тежи 30 тони. Во средината на десет метри високиот столб е поставен воинот Александар II Македонски, познат како Александар Велики, со поглед кон изгревот на сонцето. На тој постамент има три прстени со монтирани плочи, на кои се претставени три битки. Меѓу нив има три прстени од бронза, со декорација и украсни релјефи. Околу столбот е фонтаната, надополнета со осум војници од бронза високи по три метри и осум лавови, високи по два и пол метри, од кои четири се свртени кон фонтаната. Споменикот е дело на Валентина Каранфилова – Стефанова.

 

 

 

Споменици во централното градско подрачје

 

Во периодот од 2010 до 2012 година Плоштадот Македонија е збогатен со неколку споменици на познатите македонски револуционери од времето на Илинден 1903 и АСНОМ 1944 година. Непосредно покрај Камениот Мост, гордо кон плоштадот се издигаат спомениците на македонските револуционери Гоце Делчев и Даме Груев. Наспроти нив во мермерна карпа е извајан споменикот на првиот претседател на Президиумот на Народното собрание на Народна Република Македонија, Методија Андонов – Ченто, висок пет метри и тежок 25 тони.

Спроти споменикот на Ченто, а веднаш до грандиозниот Воин на коњ, се издига петметарската мермерна статуа на Цар Самуил, поставена на постамент во висина од 3,5 метри. На самиот плоштад е поставен споменикот на Димитрија Чуповски, а во паркот “Жена борец” спроти Собранието на Република Македонија, поставено е спомен -  обележје на Првото заседание на АСНОМ.

На кејот на Вардар, во близина на Камениот Мост од страната на плоштадот, се наоѓа белиот мермерен споменик на Јустинијан Први, висок пет метри, поставен на постамент од 3,5 метри. Наспроти него се поставени фигурите на Гемиџиите изработени од бронза. Близу Камениот Мост од страната на Старата Чаршија се поставени бронзените споменици на ајдутскиот војвода Петар Карпош и на Ѓорѓија Пулевски, како и на Св. Кирил и Методиј и Св. Климент и Наум Охридски.

 

 

Спомен – куќа на Мајка Тереза

Изградена до местото на нејзината родна куќа

 

Спомен – куќата и споменикот на Мајка Тереза ( 1910 – 1997 ) се лоцирани на улица Македонија, во центарот на градот Скопје. Посветен е на големата хуманистка Агнеса Гонџа Бојаџиу – Мајка Тереза, родена во Скопје, добитник на Нобеловата награда за мир во 1979 година. Денес редот на Мајка Тереза брои преку 3.000 сестри и преку 500 браќа во повеќе земји во светот.

Мајка Тереза е прогласена за почестен граѓанин на нејзиниот роден град Скопје, кој од своето заминување во хуманитарна мисија за помош на гладните и осамените го посетила четири пати: во 1970, 1978, 1980 и во 1986 година.

 

 

 

Соборна црква Св. Климент Охридски

Едно од главните обележја на современо Скопје и една од најпрепознатливите цркви во Македонија

 

Соборната црква Св. Климент Охридски е објект од поновата историја на македонското црковно градителство. Нејзината градба се одвива во седумдесеттите и осумдесеттите години на XX век. Осветена е во 1990 година. Седиштето е на Македонската православна црква – Охридска архиепископија. Лоцирана е во центарот на Скопје.

 

Стара чаршија

Ако не се почувствува духот на чаршијата како да не сте биле во Скопје

 

Во Скопје, од левата страна на Вардар, преку Камениот Мост се наоѓа Старата скопска чаршија. Дел од градот со разновидна и богата историја, традиција, култура и архитектура, денес со направен спој меѓу старото и новото, стопанството и трговијата, културата и традиција.

Во духот на историските временски и развојни прилики, културата на организација и традиција на живеење, во Старата скопска чаршија се сочувани бројни функционални објекти од османлискиот период, а изградени се и нови објекти како одлика на модерното време. Станува збор за Скопскиот безистен, Капан ан, Сули ан, Куршумли ан, Даут – пашиниот амам, Чифте амам, црквата Св. Спас, црквата Св. Димитриј, комплексот музеи на Македонија ( историски, археолошки, етнолошки музеј ).

Старата скопска чаршија, која датира од XII век, а најактивно се развивала од XV до XIX век, претставува комплексен стопанско – трговски, архитектонски и културно – традиционален склоп. Изградена е во ориентален стил, со неколку пошироки и повеќе тесни и со калдрма поплочени улици. Крај нив, слепени еден до друг, поредени се разни занаетчиски и трговски дуќани. Тука се среќаваат разни традиционални занаети, ковачи, кујунџии ( златари )м, грнчари, папуџии, шивачи, саатчии, лимари, казанџии, самарџии со разни производно – услужни дејности. Активни се и разни продавници за современа индустриска стока и производи кои може да се сретнат само тука. Старата чаршија е надградена со најголемиот зелен пазар во Скопје. Чаршијата е центар на најатрактивните угостителски дуќани со разновидни традиционални јадења.

 

 

 

Даут – пашин амам ( XV )

Импресивен споменик на исламската архитектура и уметничка галерија

 

Даут – пашин амам е бања подигната во текот на XV век од големиот везир на Румелија. Најверојатно го граделе мајстори од познатата дебарска ѕидарска школа. Изграден во центарот на Скопје, на стотина метри од Камениот Мост, амамот е детално реставриран во 1948 година. Највпечатлив дел е покривот, составен од 13 нееднакво распоредени куполи. Во внатрешноста постојат 15 простории, различни по големина, меѓусебно поврзано со сводести премини украсени со ориентална орнаментика. Покрај Чифте Амам и Мала Станица, денес тој е дел од Националната галерија на Македонија. Даут – пашиниот амам располага со збирка од XV и XVI век, со богата колекција на слики од XVIII  и XIX век, како и од современото македонско сликарство.

 

Куршумли ан ( XVI )

Најголемиот од поранешните карван – сараи – препознатливо историско наследство на Скопје

 

Се претпоставува дека импозантниот Куршумли ан ( оловен ан ) бил изграден во средината на XVI век. Се состоел од два дела – едниот за сместување на трговците и стоката, а во другиот била шталата, помошните соби и собите за послугата. Долго време служел како собиралиште за трговците и нивните каравани и одиграл важна улога во развојот на трговскиот живот во градот. Улогата на преноќиште ја задржал до крајот на XIX век, а потоа бил претворен во затвор. Се верува дека името го добил во текот на XIX век, поради покривот кој бил изработен од олово. Внатрешноста на Куршумли ан е извонредна. Преовладува чудесна тишина, а поради начинот на изградба, се создава ефект на ехо. Импресионираат полукружните ѕидови на вториот кат и шадраванот во средина на анот. Денес во анот се наоѓа лапидариумот на Археолошкиот музеј, сместен во ќелиите на приземјето. Секоја ќелија содржи споменици кои потекнуваат од иста област и од ист период ( IV век ), кога Македонија била римска провинција. Во збирката влегуваат над 130 споменици.

 

Сули ан ( XV век )

Градски конак денес е галерија и музеј

 

Сули ан е објект од XV век, изграден од Ишак бег. Во XVI век бил надграден. Така што горните катови претставувале трговски дуќани. За време на земјотресот бил сериозно разурнат, но обновен е во својот првобитен изглед. Денес е седиште на Галеријата на современа уметност и Факултетот за ликовна уметност, а од 1983 година таму се наоѓа и Музејот на Старата скопска чаршија.

 

Мустафа – пашина џамија ( 1492 )

Од редот на најубавите и најраскошните градби од отоманскиот период на Скопје

 

Мустафа – пашината џамија ја изградил скопскиот заповедник Мустафа паша во 1492 година. Се наоѓа спроти влезот на Скопското кале. Џамијата во основа претставува четвртест архитектонски постамент изграден од мермерни блокови украсени со различни орнаменти. Минарето е изградено од бигорни блокови. Во оваа џамија се наоѓа богато декорираниот саркофаг на Ума – ќерката на градителот на џамијата, потоа шадрван, остатоци од некогашните имарети, медреса и друго. Денес претставува значаен споменик на културата и место за духовна исповед на припадниците од муслиманска вероисповед.

 

Саат кула ( XVI )

Првата саат – кула во Отоманската империја

 

Саат – кулата во Старата скопска чаршија потекнува од средината на XVI век, поточно од периодот од 1566 до 1572 година. Се смета за прва саат-кула во Отоманската империја, како дел од Султан – Муратовата џамија. Висока е 40 метри и се состои од неколку делови кои завршуваат со купола. Часовникот е изгубен за време на земјотресот во Скопје во 1963 година, кога кулата сериозно била оштетена. Денес привлекува забележително внимание со својата маркатност.

 

 

 

Споменик на Скендер – бег

Херој кој се борел за универзални вредности

 

Ѓерѓ Кастриот – Скендер бер ( 1405-1468 ) е национален херој од Албанија, борец за слобода од османлиското ропство. Дело на скулпторот Тома Томаи Дема Бекир од Албанија, споменикот на Скендер – бег е поставен во 2006 година. Скендер бег се смета за голем водач, кој ги бранел и афинирал вредностите на средновековна Европа пред тогашните османлиски завојувања на Балканот. Поставувањето на споменикот во Скопје е потврда за традиционалниот градски дух на заедништво.

 

 

Црква Св. Спас ( XVII век )

Иконостасот во црквата се вбројува меѓу најубавите мијачки копаничарски дела

 

Црквата Св. Спас е изградена кон крајот на XVII век и претставува еден од најзначајните споменици на културата во Скопје. Се наоѓа десно од тврдината Кале. Навидум е мала и неугледна, но со големо значење. Посебно вреден е иконостасот, кој е работен цели пет години и е довршен во 1824 година. Изработен е од браќата Петре и Марко Филиповски од селото Гари и Макарие Фрчковски од Галичник. Иако релативно скромен по димензии, иконостасот импресионира со мајсторството на изведбата, со високиот уметнички квалитет и богатство на содржината, што го става во редот на врвните достигнувања на копаничарската уметност. Како споменик на културата заштитен со закон, во црквата се врши богослужба и верски обреди само за патрониот празник Спасовден.

 

 

Музеј на Македонија

Комплексна институција, која се состои од археолошки оддел и оддел за уметност

 

Се наоѓа во Стара Чаршија, под Скопското Кале. Првиот Археолошки музеј во Македонија е формиран во 1924 година, а во 1945 година е востановен Народниот музеј на Македонија. Во 1949 година посебните одделенија во Народниот музеј се транформираат во Археолошки музеј и Етнолошки Музеј. Почетоците на Историскиот оддел датираат од 1952 година. Денешниот музејски комплекс е изграден во 1976 година. На површина над 10.000 м2, на едно место можат да се видат систематизирани збирки на културно – историското наследство на Македонија од праисторијата до денес.

 

 

Музеј на Град Скопје

Сведоштво за Скопје – од неолитот до денес

 

Музејот е сместн во адаптираниот дел од Старата железничка станица, разурната во земјотресот во 1963 година. Релативно зачуваниот дел од зградата денес е во функција на музејот, кој располага со простор од 4.500 м2, од кои 2.000м2 е изложен простор. Музејот поседува фонд од околу 22.000 музејски предмети од регионот на Скопје, распоредени во делови за археологија, историја, етнологија и историја на уметност. “Прошетка низ минатото” е постојана поствка во музејот, која го опфаќа периодот од праистоторијата до почетокот на XX век за Скопје со неговата околина.

 

 

Музај на македонската борба

Музеј на македонската борба за државност и самостојност, Музеј на ВМРО и Музеј на жртвите од комунистичкиот режим

 

Се наоѓа покрај Камениот Мост, на левиот брег на Вардар. Изграден е во периодот од 2008 до 2011 година, а официјално е отворен на 8 септември 2011 година. Се состои од 13 одделенија, во кои хронолошки е претставена историјата на македонскиот народ од времето на ајдутството до периодот на социјализмот. На самиот влез во Музејот се наоѓа поставката на оригиналот на Декларацијата за независност на Македонија. Во музејот се наоѓаат 109 восочни фигури на личности од македонската историја, поголем број примероци оригинално оружје и мебел, масовни сцени, документи.

 

 

 

Музеј на холокаустот

Меморијален центар на холокаустот на Евреите од Македонија

 

Музејот на холокаустот е новоизграден објект на местото на некогашното еврејско маало, во близина на Камениот Мост, како еден од четирите вакви музеи во светот, веднаш покрај музеите во Ерусалим, Вашингтон и Берлин. Посветен е на македонските Евреи ( 7.148 луѓе ) депортирани во логорот на смртта Треблинка во Полска во текот на Втората светска војна. Во него е поместена постојана изложба од животот на Евреите во Македонија и пошироко на Балканот.

 

 

Музеј на современа уметност

Откривање, негување и ширење на современата уметност и култура

 

Музејот на современата уметност се наоѓа на Скопското Кале. Изграден е во 1970 година како донација од полската влада, после земјотресот во Скопје од 1963 година. Зафаќа површина од 5.000м2 во три меѓусебно поврзани крила. Во нив се наоѓа просторот за постојаната поставка, салите за повремени изложби, салата за предавање, филмски и видео проекции, библиотека и архива, конзерваторската работилница, депоата, администрацијата и други помошни служби. Располага со драгоцена меѓународна колекција и дава репрезентативен увид во македонската современа уметност.

 

Водно

Прекрасен поглед кон Скопје и неповторливо возење со жичарницата од Средно Водно до Милениумскиот крст

 

Водно е планински локалитет кој се издига над Скопје до 1.061 метар надморска височина. Таму се наоѓа Милениумскиот крст, манастирскиот комплекс Св. Пантелејмон, а Водно располага и со парк – шума, планинарски домови, повеќе угостителски објекти со уредени патеки за планинарење, паркиралишта за автомобили и широки панорамски погледи. Од Водно се гледа речиси целата Скопска Котлина и градот Скопје. Затоа, Водно е еден од најпосетените локалитети во околината на Скопје.

Во јуни 2011 година беше пуштена во употреба жичарницата од Средно Водно до Милениумскиот крст, чија траса е долга 1.750 метри и се искачува од 570 до 1.068 метри надморска височина. Жичарницата располоага со 28 кабини со носивост од 640 килограми и капацитет за осум лица, како и две кабини за по четири лица. Гондолите од надворешната страна се опремени со држачи за велосипеди.

 

Милениумски крст

Со 66 метри височина ова е највисокиот објект во Македонија

 

Милениумскиот крст е изграден во 2000 година на врвот Крстовар ( 1.061 метар надморска височина ) на Водно, во непосредна близина на Скопје, по повод преминот на вториот во третиот милениум.

 

 

Манастир Св. Пантелејмон, Горно Нерези ( XII век )

Почетокот на ренесансата во фрескосликарството, 140 години пред појавата на ренесансата во Италија

 

Цело Скопје и Скопски, од птичја перспектива, како на екран може да се види од манастирот Св. Пантелејмон во пазувите на Водно. Овој манастир е со најзначајна фрескосликарска вредност во Македонија и едно од највредните дела на европското црковно сликарство. Во овој манастир започнува ренесансата во фрескосликарството, речеси цел век и половина пред појавата на ренесансата во Италија на Џото.

Манастирот е изграден во 1164 година, за време на византиската династија Комнени. Така е запишано на мермерната плоча, поставена над влезната врата. Најдобрите мајстори и зографи на своето време го направиле своето најдобро дело. Ѕидан е со камен и тула, во форма на впишан крст во правоаголен простор и пет куполи.

Манастирот преживеал пожар, земјотрес, разрушувања и грабежи, но останал сведок на богатиот црковен и културен живот во XII век и на црковниот митрополитски центар во Скопје. Овој манастир е дел од сите значајни енциклопедиски изданија за културата и уметноста во светот.

Фрескоживописот од XII век ги претставува светите воини и испосници ( прва зона ), големите празници ( втора зона ), а најзначајни се фреските Оплакувањето на Христа и Симнувањето од крстот. Прекрасни се и композициите Успение на Богородица, Сретение, Богородица со Христа и Свети Пантелејмон.

 

Матка

Природна убавина над Скопје и комплекс објекти за убаво доживување

 

Матка, долината на пеперутките, е мошне карактеристичен локалитет во непосредна близина на Скопје. Се наоѓа северозападно од Скопје, на излезот на реката Треска од долгата Шишевска Клисура. Матка е комплекс од длабоко всечен кањон, во кој е изградена првата вештачка акумулација на Балканскиот Полуостров, во 1938 година. Има повеќе пештери, алпинистички тренинг – центар, уреден тек на Треска за кајак на диви води, комплекс од повеќе манастири, планиски дом, ресторани, угостителски објекти, живописна природа со богат растителен и животински свет. Самата акумулација зафаќа површина од 0,25 км2. Долга е 5,9 км, со корисна зафатнина од 2,6 милиони м3. Наменета е за производство на електрична енергија на Скопје.

 

 

Манастир Св. Андреј, Матка ( 1389 )

Ретко зачувана форма на слободен крст во Македонија

 

Манастирот е изграден на кањонот на Треска. Го изградил Андреја, вториот син на кралот Волкашин, во 1389 година. Има форма на издолжен триконхос, со средишна сводна купола. Фрескописци на манастирот се зографи митрополит Јован и монах Григориј, кои работеле и во манастирот Свето Преображение во Зрзе.

Фреските во Св. Андреј се новост во македонското средновековно сликарство и печат на новиот стил во тоа време со појавата на исихазмот во монаштвото. Во три зони се претставени фрски на светите воини Ѓорѓи, Димитриј, Теодор Тирон и Теодор Стратилат во цел раст, како и фрески со сцени од животот на Господа Исуса Христа. Натписите се напишани со грчко и со црковнословенско писмо.

 

Неолотско село Тумба Маџари

Археолошки локалитет и музеј на отворено

 

Локалитетот се наоѓа во сегашната населба Ченто и претставува најзначајна населба во Скопската Котлина од неолитот – младо камено време. Животот тука се одвивал во континуитет меѓу 6000 и 4300 година п.н.е., економска благосостојба и културен просперитет во средниот неолит ( 5800 – 5200 година п.н.е. ). Пронајдени се голем број керамички наоди, изложени во Музејот на Македонија.

Од 2008 до 2010 година се изградени неколку куќи во духот на неолитската архитектура, во кои е прикажан различен инвентар, со цел да се направи реконструкција на животот на неолитскиот човек. Куќите се од дрвена граѓа, трска, слама, облепени со кал и изградена според неолитските традиции. Распоредот на откриените објекти на локалитетот укажува на осмислена организација, тесно поврзана со значењето и улогата на светилиштето.

 

Големата мајка – божица на плодноста

 

Во Тумба Маџари за прв пат е откриена теракотна претстава на Големата Мајка, претставена на засега непознат начин меѓу неолитските култури од другите балкански простори. Импресивните димензии од 39 сантиметри висина, класична смирена поза на бдеењето над куќното огниште, ја прават оваа теракота екскилузивна. Долниот дел од фигурата го претставува домот заштитен од неа. Македонскиот неолит се карактеризира со култ кон Големата Мајка. Ваков тип фигури се пронајдени речеси во сите неолитски наоѓалишта во Македонија, на можеби најубава е Големата Мајка од Тумба Маџари.

 

Скупи

Град од римското и доцноатичко време

 

Скупи е археолошки локалитет, кој се наоѓа на пет километри северозападно од Скопје, во непосредна близина на селото Злокуќани. Археолошките истражувања од 1966 година до денес ги врши Музејот на град Скопје. Досега се истражувани бедемите, театарот, цивилната базилика, градската вила, градската бања, улицата кардо, христијанската базилика, како и делови од источната и западната некропола.

Овој римски град се оформир веројатно во периодот од XII до XI век п.н.е. Во текот на II век Скупи добил репрезантативен лик, при што централно место заземал монументалниот театар. Во IV век било забележано зголемување на градежната дејност, кога била изградена и најрепрезантативната градба – Базиликата, акон крајот на IV век или во почетокот на V век била изградена уште една ранохристијанска црква.

Во 518 година Скупи настрадал во катастрофален земјотрес, по што престанува неговото урбано живеење, иако постојат индиции дека животот во форма на мала словенска рурална населба продолжил до X и XI век.

 

Аквадукт

Водата преку него била дотурана од извори на падините на Скопска Црна Гора

 

Се наоѓа на два километри северно од Скопје. Изграден е од камен и тули и денес брои 55 лака потпрени на масивни столбови. Иако се поврзувало со Скупи, поради сличноста на градењето со Куршумли ан, се смета дека бил граден во XV век, кога Скопје почнало да се зголемува со новите исламски градби, за чија градба и функционирање биле потребни големи количества чиста вода. Количеството вода било константно и со гарантиран довод преку цела година.

 

 

 

 

Катлановска бања

 

Катлановската Бања се наоѓа на околу 25 км од Скопје, во непосредна близина на Катланово, на десниот брег на реката Пчиња, на 230 метри надморска височина. Има повеќе извори. Главниот извор е со штедност од 15л/сек. Температурата на водата се движи околу 50 С. Според хемискиот состав, водите се алкални, земноалкални и сулфурни хипертелмални. Погодни се за лекување на црнодробно-жолчниот систем, дишниот систем на метаболизмот, стомачниот црвен тракт, срцевото крвно заболување и слично. Бањскиот комплекс е опремен со туристичко-угостителски и здравствени објекти, со карактеристики за комбинирани видови туризам: лечилишен, рекреативен, спортски, риболовен, ловен.

 

 

Марков манастир

Св. Димитриј, с. Сушица ( XIV век )

Духовен мир и спокој низ вековите

 

На околу 20 км од Скопје, крај Маркова Река близу селото Сушица, се наоѓа Марковиот манастир, наречен така по ктиторите – кралот Вукашин и син му Марко. Податоците за изградбата на манастирската црква (1345) и за ктиторите на манастирот дава натписот нај јужниот влез, внатре во црквата. Црквата е во форма на впишан крст, изградена од камен и тули.

Фреските се од XIV ве. Тоа се богати илустрации од Богородичниот акатист, Христовите чуда, големите празници и повеќе поединечни фигури на светии, ангели, пророци, испосници и воини. Најпознатата фреска од овој манастир е Оплакувањето на Рахила, каде што е претставена тешката човечка драма преку убивањето на децата во Витлеем.

Манастирот има големо црковно и културно-историско богатство: икони, ракописи и книги, црковни предмети и реликвии. Овде се одвивал интензивен монашки живот, препишувачка и просветна дејност. Во XIX век игумен на манастирот бил македонскиот преродбеник и книжевник Кирил Пејчиновиќ, кој во манастирот основал училиште, а тука ја напишал и својата позната книга Огледало.

 

Promote your Service

Accomodation

Add up to 3 images.

Validation code:
Enter the code above here :

Can't read the image? click here to refresh.