Прилеп

Прилеп

духот на прилепскиот непокор е инспирација за храброст и чување на македонското достоинство, култура и традиција

Прилеп се наоѓа во источниот дел од Прилепското Поле, кое е дел од големата Пелагониска Котлина. Сместен е меѓу Марковите Кули на север и Селечката Планина на југ. Има погодна географска и сообраќајна положбе. Во Прилеп се вкрстуваат повеќе патишта, преку кои западниот дел од Република Македонија комуницира со Повардарјето и Источна Македонија, а исто така преку градот води и железничка пруга која ги поврзува Битола со Велес и Скопје.

Како утврдено место и како важен воден пункт се спомнува уште од времето на Самуил. Во почетокот на XI век (1018 година) византискиот цар Василие II го наведува под името Прилапон. Градот бил именуван и како Прилапос и Прилепон.

Во 1366 година станал престолнина на Душановиот жупан Волкашин. По неговата смрт во битката на Марица, градот останал под управа на неговиот син Крал Марко. Според него се именувани тврдините над Варош северно од градот.

Во 1394 година Прилеп потпаѓа под Османлиска власт. Турците, не сакајќи да се мешаат со христијанското население, подигнале нов град во низината покрај патот за Битола, на местото на денешен Прилеп. Средновековен Прилеп опаѓа и се сведува на денешната населба Варош. Денес, пак, Прилеп и Варош се споени во единствена населба.

За време на турското владеење, Прилеп често се споменува како поголема населба со развиена чаршија, а во XIX век во него се одржувал голем панаѓур, познат на поголемиот дел од Балканскиот Полуостров.

По Втората светска војна следи интензивен развој на градот. Со новите административно-политички, економски, културно-образовни и други функции, Прилеп прераснува во силен стопански центар и реципиент за околното селско население.

Бројот на населението во Прилеп по Втората светска војна е во постојан пораст (од 24.816 жители во 1948 година, 39.611 во 1961 година, 63.639 во 1981 година, до над 70.000 жители во 2002 година).

Прилеп претставува најразвиен тутунско-производен центар во државата, со учество од над 25%. Прилеп и Прилепско се одликува со развиената експлоатација на мермер и производство на разни мермерни производи. Тука егзистираат и метална, прехранбена, електронска и текстилна индрустрија.

Прилеп е еден од поголемите градови во Република Македонија и претставува значаен административен, културно образовен, здравствен и трговски центар со регионално значење. Опфаќа непосредна гравитациска зона од околу 200 населени места од Прилепско и поширокиот регион.

 

 

 

Маркови Кули

тврдината се вбројува во петте најсилни и неосвоиви тврдини на Балканот

 

Тврдината настанала и се развивала од IV век п.н.е. до XIV век од нашата ера, во непосредна близина на денешен Прилеп, на огранок од планината Бабуна. Во античко време, низ Пелагониската Котлина поминувале важни сообраќајници, кои го поврзувале Јадранското со Егејското Море. Еден поткрак на Via Militaris (Singidunum – Constantinopolis) поминувал низ Прилеп, а во продолжение се приклучувал кон Via Egnatia (Durachium – Amfipolis). Претставувала утврдување на Крал Марко и, благодарение на тврдината, средновековен Прилеп бил познат на Балканот со својот доминантен одбранбен систем. Средновековниот град Маркови Кули во 1953 година е прогласен за споменик на културата и денес претставува симбол на градот. Непосредно под Маркови Кули се наоѓа манастирот Св. Архангел Михаил.

 

 

 

Promote your Service

Activity

Add up to 3 images.

Validation code:
Enter the code above here :

Can't read the image? click here to refresh.